Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски пред големиот собир на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова доаѓа“ за вестите на МРТ 1 посочи дека ВМРО-ДПМНЕ  беше насекаде во Република Македонија каде ги слушна сите проблеми на граѓаните и рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди решенија на сите тие проблеми.

-Следат избори следната година, набрзо следува и техничката влада, ние добивме многу убави пораки од граѓаните, се она што треба да се направи, се она што граѓаните го очекувале од оваа власт, но за жал биле излажани. Затоа ние многу внимателно ќе најавиме денеска многу нови проекти, односно  таму каде што најмногу треба да инвестираме во следниот период. Затоа граѓаните нека очекуваат една позитивна енергија која ќе следи во наредниот период, доста се разочарани од овие сите лаги, измами од власта , во кое било поле, во кое било ресор, затоа доаѓа обновата,  нека дојдат граѓаните да бидат дел со нас од ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше потпретседателот Мисајловски.

Мисајловски во своето обраќање истакна дека брендот на ВМРО-ДПМНЕ се капиталните инвестиции, нови проекти насекаде во Република Македонија, но и обнова во судството, во правосудствтото, многу средства во економијата бидејќи тоа мора да се направи и граѓаните го очекуваа ова од ВМРО-ДПМНЕ.

 -Денеска ќе слушнете колку средства ќе одвоиме и за капитални инвестиции, колку средства планираме да обезбедиме од директни странски инвестиции, но и помаѓање на домашните компании и се она што претходно се ветувало во годините, да пробаме во наредните 4 години да го исполниме. Има нова енергија, набргу ВМРО-ДПМНЕ доаѓа до власт и она што ќе го вети мора да го исполни. Затоа граѓаните да бидат спокојни бидејќи нашиот бренд се проектите и ветувањата и тоа што ќе го ветиме ќе го исполниме, додаде Мисајловски.