Поддршката за Зоран Заев е преполовена, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова го истакна лидерот на опозицијата во гостувањето во емисијата „Јади Бурек“ споредувајќи ги бројките на освоени гласови на Заев и СДСМ во 2016-тата година и на претседателските избори годинава.

-Огромното мнозинство кои што излегоа како што велите во таа таканаречена „Шарена револуција“, огромното мнозинство на луѓе кои што му дадоа поддршка на Зоран Заев е речиси преполовено. Јас ќе ве потсетам на бројките 435 илјади имаше на тие предвремени парламентарни избори, на локалните избори во октомври, ноември следната година тој имаше некаде околу 410 илјади, неговата коалиција која што беше проширена и надградена со некои политички партии кои што му се придружија. За веќе во 2019-тата година април месец на претседателските избори, сите заедно, заедно со ДУИ не успеаја да освојат 320 илјади гласови, вели тој.

Тој потенцираше дека најголемата коалиција во политиката е коалицијата со народот, а токму ВМРО-ДПМНЕ е дел од оваа коалиција.

-Она кое што е важно, ако вие ја направите најголемата коалиција, а тоа е коалицијата со народот, не постојат сфери на влијание, извори на влијание кои што можат да ја победат таа коалиција. Тоа е најсилната коалиција која што постои. Токму тоа е целта на ВМРО-ДПМНЕ и токму таа е онаа предвидлива политика на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е како да направиме да биде што поуспешна коалицијата со народот. Јас мислам дека тоа успеваме да го направиме, додаде тој.