Христијан Мицкоски, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата „Јади бурек“ на ТВ Сонце, нагласи дека власта на СДСМ веќе влегува во 4-тата година од својот мандат, но како што рече тој СДСМ не реализирала над 90 проценти од она што го ветила за време на изборите пред граѓаните.

-СДСМ не спроведе најмалку 90 проценти од она што го вети. И ние можеме сега да реминисценцираме како тие дојдоа до ова, да се навраќаме на оние ниски страсти од минатото како што вие велите онаа Шарената револуција кога се бојадисуваа згради, односно кога практично се бојадисуваше државен имот, кога се кодошеше државата, кога Зоран Заев на отворена сцена се срамеше од сопствената нација, од сопствениот народ, се сеќавате на оние негови трибини во Швајцарија, кога ветуваше практично се и сешто, буквално се, вели Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Заев и неговата коалиција ги изгубиле изборите, односно имале двајца пратеници помалку од победничката коалиција, прашувајќи што добија граѓаните од власта на СДСМ и во која сфера Македонија напредува?

-Но, да ве потсетам тој ги изгуби изборите во 2016-та година. Тој изгуби за 20.000 гласа, односно имаше 2 пратеника помалку со коалицијата којашто ја предводеше, од коалицијата која што победи. Но, ајде тоа да го оставиме во минатото и да видиме каква е реалноста, денешницата и ајде да се фокусираме на иднината. Ние имаме три години потоа, јас ќе речам веќе влегуваме во 4-та година потоа и што добивме? Еве како држава во која област ние напредувавме, во која сфера ние отидовме понапред? – праша Мицкоски.