Рецензијата за најголемата политичка лага живот покажува нула проекти во енергетиката

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Сведоци сме дека нема ниту едно суштинско ветување кое оваа влада го исполни, или мерка која дава резултати. Владата докажува дека нема концепт ниту визија. Во економијата нивните купи ден политики внесуваат несигурност и хаос. Така е во енергетиката, образованието, здравството, во секоја сфера од општественото живеење.

Нивниот принцип тргни па застани, е доказ дека наместо искусни луѓе кои треба да водат држава, имаме аматери кои експериментираат со животите на илјадници луѓе и нивните судбини.

Зборот на Зоран Заев не е збор до кој тој држи. За секој неуспех на политиките кои ги водат имаме по едно извини. Извини коешто за народот не важи ништо зошто последиците од таквите политики ги плаќаат граѓаните. Нивното извини не е решение, туку последица на нивните погрешни политики.

Нивниот „прав пат“ завршува во слепа улица. И не поради тоа што не дојде живот за сите туку затоа што станавме рекордери по поразите и неславните резултати. Зоран Заев ја направи државата рекордер по бројот на сиромашни граѓани. Сиромашни граѓани кои живеат на прагот на егзистенцијалната издржливост.

Ја направија државата рекордер по загадениот воздух.  Ја направија државата рекордер по нивото на корупцијата и криминалот. Заев ја направи Македонија рекордер по одливот на инвестиции, наспроти приливот кој е евидентен во соседните земји.

Станавме рекордер по бројот на затворени медиуми 1ТВ, Независен, Утрински, Дневник, Вест и др.

Станавме рекордер по јавниот долг и степенот на кој Заев ги задолжува граѓаните.

Рекордери во иселувањето и лошиот живот. Станавме рекордери во поразите и лошите параметри. А, за сето тоа е виновен Зоран Заев.

За да работите станат појасни почнуваме со рецензија на најголемата политичка лага наречена „Живот во Македонија“.

И оваа лага е составена од многу други лаги, неоправдани и изневерени надежи и очекувања.

Денеска, почитувани присутни,

Ќе започнеме со рецензија на делот кој што се однесува на енергетиката.

Ова е тој дел, ова е делот каде што во програмата каде што СДСМ на предвремените парламентарни избори во 2016-тата им ја презентираше на граѓаните и се обврза дека истата ќе ја реализира.

До овој момент не можеме да зборуваме за степен на реализација на проекти. Но можеме да зборуваме за степен на нереализација на проекти. И тој степен на нереализирани проекти изнесува околу 98%.

Значи реализацијата на ветените проекти не надминува 2%. Трета година Влада на СДСМ и Зоран Заев.

Јас ќе се обидам неколку такви проекти кои што Зоран Заев и СДСМ ги ветија пред граѓаните за време на предвремените парламентарни избори во 2016-тата да ги презентирам.

Имено, ќе започнам со можеби за мене но и за голем број познавачи не само во Македонија, туку и надвор од Македонија е чудната дефиниција за пренамена на термоелектричната централа Неготино во енергетско земјоделски комбинат. Таков ниту во литературата, ниту во праксата постои. Но еве за СДСМ и Зоран Заев постоел и која е суштината на овој проект? Суштината на овој проект е да се пренамени и да се модернизира термоелектричната централа Неготино, така што отпадната топлина во процесот на производство на електрична енергија ќе се користи за затоплување на пластеници, каде што ќе се одгледуваат земјоделски раноградинарски производи.

Можете да поминете во Неготино и да видите дека не само што нема намера туку нема ни одблиску визија за исполнување на ова ветување.

Понатаму, ќе поминам на уште еден проект кој што толку време го критикуваа и толку време го промовираа дека кога тие ќе дошле во Владата ќе го реализирале. А, тоа е проектот за Чебрен и Галиште хидроцентралите. Ќе ве потсетам дека во 2016-тата година министерството за животна средина имаше распишано тендер за избор на оптимално техничко решение по должината на реката Црна од највисоката до најниската долна кота, на која што инвеститорите им беше оставено слобода да проектираат, а потоа доколку бидат избрани и изведат техничко решение хидроцентрали како што тие мислат дека оптимално е најдобро.

Но затоа во програмата и најголемата политичка лага наречена „Живот за Македонија“ стручњаците и експертите на СДСМ предвиделе изградба на Чербен и Галиште така што ќе ја подобреле физибилноста и со сопствени средства на ЕЛЕМ, ќе го изграделе Чебрене и Галиште. Можете да појдете по должината по течението на река Црна, ќе видите дека ниту нешто се гради ниту пак дека некој има намера да гради.

Понатаму ќе го споменам проектот каде што експертскиот тим на СДСМ во енергетиката ветува дека ќе набави сопствена механизација во РЕК Битола и нема повеќе да користи услуга на надворешни кооперанти. На тој начин ќе заштеделе во македонскиот буџет околу 120 милиони евра. Имаа пари, имаа тендер кој што претходното раководство им го остави во АД Електрани на Македонија, јас бев тогаш претседател на управниот одбор и директор на АД Електрани Македонија, го поништија и еве веќе трета година по ред си врткаат камионите на фамилијата.

Така што не само што се одлеваат тие 120 милиони евра туку имаме основани индиции и сомневања за сериозно крупен криминал кој што веќе трета година по ред се случува во Битола.

Понатаму ќе го издојам проектот имплементација на најсовремени еколошки стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Неготино. Тоа што подразбира? Подразбира, вложување во животната средина, вложување во еколошките стандарди преку вградување на филтри, десулфуризација итн. Се сеќавате, голем дел од членовите на Владата предводени лично од Зоран Заев се прошетуваа и во Осломеј и во Битола и велеа тука ние ќе вложиме во подобрување на еколошките стандарди, ќе вградиме филтри за да тендерот после многу перипетии и внатрешни превирања во СДСМ не успеаја да се договорат па го поништија. Така што и единствениот тендер кој што во овие три години го направија во РЕК Битола, а се однесуваше во делот на изградба на филтер за десулфуризација им пропадна.

Понатаму ќе го споменам проектот отворање на јагленокопот Поповјани. За јавноста да биде појасно, станува збор за ново јагленово наоѓалиште кое се наоѓаа во околината на термоцентралата Осломеј во Кичево. Не само што овој коп не е отворен туку ни одблиску не се почнати ниту ни административните подготвителни работи, а камо ли пак да стане збор за отворање на новиот јагленокоп Поповјани. Така што термоцентралата Осломеј и натаму останува без соодветен ресурс за да може да биде синхронизирана во електроенергетскиот систем на Македонија. Уште една лага, уште едно неисполнето ветување.

Ќе продолжам во делот на гасификацијата. Еден од проектите е приклучување на Македонија на Трансадриатик цевководот. Не само што немаме изведено приклучок, туку ниту пак се планира нешто такво да се направи.  Понатаму ќе го споменам проектот за интерконективно поврзување со соседна Бугарија и Грција, истата судбина како и претходните лаги. Немаме ниту пак административна подготовка за овие проекти да бидат реализирани и за волја на вистината доколку денеска и најспособната Влада ја имаме, а не оваа најнеспособна која што некогаш функционирала во Република Македонија нас ќе ни требаат неколку години за да ги изведеме овие два интерконектори со кои што Македонија ќе се поврзе со националните гасоводни системи на соседна Бугарија и соседна Грција кои што морам да признам се исклучително добро развиени.

Понатаму ќе го споменам проектот, природен гас за цела Македонија, односно изградба на секундарната и терцијалната мрежа. За на јавноста да и биде појасно тоа се оние гасоводи кои што треба да го донесат гасот до домовите на нашите граѓани и до индустријата. Имаше еден таков јавен повик за јавно приватно партнерство кој што беше распишан во минатото, но во 2017-тата година оваа Влада го поништи тој повик иако морам да признам дека за мене и тогаш и сега од неразбирливи причини се одлучи на ваквиот чекор. Односно тоа подразбираше практично прекинување на постапка која што доколку се реализираше во тој момент ние денеска можевме да зборуваме за почеток на теренската имплементација на проектот за гасификација целосна на Македонија и достапност до овој еколошки енергенс на сите домаќинства и индустријата. За жал тоа не се случи, го слушнавме Зоран Заев во Собранието како вели дека дал наредба до градоначалниците од 2020-тата да почнеле да градат.

Повторно ќе се вратам на коментарот за претходната лага. И најспособните градоначалници да ги имаме денеска, да отпочнат со планирање, а потоа геолошко и геодетско снимање на теренот, техничко дефинирање на проектната задача, изготвување на тендерска документација, успешно спроведување на тендерот, под услов тој тендер да не биде обжален под услов да тендерот практично  биде успешен, нас од овој момент  за жал ќе ни требаат  најмалку од 24 до 30 месеци за да почнеме било што да правиме во делот на гасификација на Македонија.

Има уште многу други проекти коишто беа дел од најголемата политичка лага, како што е да речеме делот за обновливите извори, како што е  новата 10 мегаватна фотонапонска електрана која што за волја на вистината распишаа тендер, истата треба да се гради во поранешното јагленовонаогалиште во близина на термоцентралата  „Осломеј“  и истата требаше  да започне со градба во септември оваа година, а на почетокот на 2020 година да се отпочне со производство на електричната енергија. Денеска сме ноември, не само што оваа постапка нема завршница, туку нема јавноста информација каде се потрошени парите на граѓаните, за што се потрошени, а ќе потсетам за оваа постапка е подигната кредит од Европската Банка за обнова и развој во висина од 6 милиони евра.

Имаме уште многу проекти коишто се ветени, но за жал не се реализирани. Ќе повторам на самиот крај  на оваа наша денешната рецензија, на првиот дел од најголемата политичка лага наречена „Живот во Македонија„ степенот на реализација на проектите ветени за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година  заклучно со 1 ноември 2019 години не надминува повеќе од 2% .

98%  од ветеното не е испорачано. Нека оценат граѓаните дали зборот е збор и дали зборот важи или зборот лажи. Со вакви и слични ветувања по принципот на „all-in“ ,по принципот на примитивизмот „мало сутра“ „тепсијата и баклавата“  и слично ќе се изнаслушаме  на следните предвремени парламентарни избори  и во кампањата.

Јас верувам во исклучителната голема мудрост на граѓаните и верувам во довербата која што ќе ја добие „Обновата на Македонија“ на 12 Април 2020 година.

WordPress › Грешка

The site is experiencing technical difficulties.