Сега СДСМ никако не може да се оправда за стопирање на прогресивниот данок зошто има неконзистеност, едно се зборува, друго се прави. Партиите на изборите треба да прават издржани програми. Од тој аспект имаме една неконзистеност или за што се залагаат, а што прават, рече Кирил Миноски од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на телевизија Алфа.

Според него освен даночниот систем, она што е клучно за економијата се структурните реформи, создавање на услови за развој на приватниот сектор што е единствен сектор кој креира додадена вредност.

-За ова треба да дебатираме. Ова носи економски развој. Кога зборувам за предвидливост говорам за привлекување на странски инвестиции, зошто видовме дека тие кои беа донесени во слободните економски зони денес се главни двигатели на индустриското производство и за растот на бруто домашниот производ. Тоа се темите на кои треба да ставиме акцент тие се клучни за развој на економијата, а од нив зависи и колку данок ќе може државата да собере, рече Миноски.

Говорејќи за буџетот за следната година тој укажа дека во буџетот за следната година треба да се води сметка посебно во делот на проектирање на пораст на платите.

-Од проста причина е тоа така. Зошто ако во сите тие зголемувања не постои соодветно планирање на приходна и расходна страна може да доведат до дополнитрлни проблеми и до зголемување на инфлаторниот притисок во државата. Треба да се внимава, зошто е изборна година, од аспект на можни злоупотреби преку зголемување на плати да се поттикнуваат за гласање за различни политички партии. Треба да внимава и на социјалните трансфери. Тука исто постои моментот на зоупотреба и потребни се соодветни механизми на контрола, рече Миноски.

Според него при проекции на буџетот „треба да се видат реалните стапки на растот БДП и соодносот на растот на БДП со проектираниот буџетски дефицит зошто од овој сооднос зависи дали реално имаме поместување во економијата или немаме“.

Миноски посочи дека партиите и нивната кампања за изборите следната година ќе имаат влијание врз економијата, а тоа води кон забавување на еконмските движења.