Обвинителката Вилма Русковска во интервјуто дадено деновиве за една телевизија потврди дека е само играчка во рацете на Зоран Заев. Во интервјуто таа брутално изнесе невистини. Јас реагирав на тоа нејзино интервју и на тие невистини. Јас сум лидер на партија и мислам дека јавноста мора да знае некои работи. Јавноста треба да знае дека обвинителите не треба да слугуваат на политичарите без разлика дали тоа се политичари од партија на власт или во опозиција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостувањето на телевизија Плус од Куманово коментирајќи ги кажувања на обвинителката на Русковска во интервју на телевизија 24.

Според него Русковска говорела нешто што апслоутно не е точно.

-Немам никаква комуникација со неа. Сега е ноември, а нашата комуникација, прва и единствена, беше на 25 јули. Оттогаш до сега немам никаква комуникација, оттаму нема ниту покана, ниту ме повикале. Со тоа само го изгуби легитимитетот. Како може да каже дека не сум сакал да соработувам, како може со таква леснотија да прејудицира дејства. Ние мора да бидеме сериозни, не може да има авантури без разлика дали станува збор за било кој политичар, или за пак обвинител, судија и слично, рече Мицкоски.