На граѓаните им требаат пратеници кои ќе бидат блиски до нив. И во Европа тенденција е да се раситнуваат изборните единици, токму поради фактот што требаат пратеници кои се од средината каде гласаат граѓаните, рече Драган Данев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на дебатата на телевизија 24 говорејќи дека токму затоа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е да има мнозински изборен модел.

-Ваков изборен модел ќе води до тоа граѓаните да имаат пратеници со авторитет, кои се кредибилни личности. Значи клучно е тоа да бидат пратеници блиски до граѓаните. Мнозинскиот модел го нуди токму тоа да има кандидати кои ќе бидат од средините во кои се бираат. Тенденција е да се раситнуваат изборните единици за да се избираат кандидати кои се блиски до народот. Треба да споредиме што сме измале досега. Праксата покажува дека првиот парламентарен состав од 1990 до 1994 година беше најдобар. Тоа беа пратеници кои беа избрани со мнозински изборен модел со 120 изборни единици, рече Данев.

Според него треба да се водиме од примерите во Европа, а тие велат дека доминира мнозинскиот изборен модел.

Дел од дебатата беа и Хари Локвенец од СДСМ, партија која се залага за една изборна единица со отворени листи, а тоа беше и предизборно ветување на СДСМ, Реџаил Исмаили од ДУИ, партија која се залага за постојниот изборен модел со шест изборни единици и Сурија Рушиди од Алијанса за Албанците со предлог за 8 изборни единици.