Стевановски: За две години СДСМ и градоначалникот Љубе Кузмановски немаат ништо реализирано од она што го ветија на изборите во 2017 година
Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стевче Стевановски
Почитувани!
Две години СДСМ и градоначалникот Љубе Кузманоски ја имаат апсолутната власт во општина Новаци.
За овие две години од ветеното ништо не е реализирано, во општината ништо не се работи, ниту еден капитален проект не е ни отпочнат а камоли да е реализиран.
Две години само лаги и измами.
Во неговата програма како приоритет за овие две години беше проектот за топлификација на Новаци и околните села околу РЕК Битола, проект кој што беше веќе отпочнат од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Овој проект не само што не е продолжен туку целосно е запоставен.
Беше ветена прочистителна станица за с. Новаци ништо од тоа, целата фекална вода од канализацијата се излева по локалните канали и нивите.
И не само тоа туку градоначалникот Кузманоски во овие 2 години не се ни потрудил да отпочне со канализационите мрежи за други села во општината кои се гушат во фекалии а беа ветувани и најавувани.
Неговата изборна програма наликуваше на желботека со ветувања за изградба на аква паркови, отворени и затворени базени, сточни пазари, старечки домови зелени појаси за заштита од загадувањето од РЕК Битола и што уште не.
Но, по 2 години имаме сосема друга реална слика , нема ниту еден проект кој бил ветен а реализиран за доброто на граѓаните, ниту една мерка која ја направил и ќе остане запаметена.
Лаги неспособност, измами, негрижа за жителите на општина Новаци во овие две години од владеењето на СДСМ и градоначалникот Кузманоски.
На фудбалскиот клуб Новаци 2005 за само една и пол година исплатени им се точно 86.000 евра без ниту еден денар отчетност. Екипа која што се натпреварува во трета фудбалска лига. За потсетување ФК Новаци 2005 до пред 2 години се натпреваруваше во втората фудбалска лига на Македонија.
Во постапка е тендер за уличното осветлување со јавно приватно партнерство која граѓаните на Новаци ќе ги чини приближно 70 илјада евра, за која постапка има само една понуда и во меѓувреме денес на денешната седница на советот на општина Новаци како дополнување на дневниот ред имаме смена на комисијата за истата таа постапка.
На Македонија и е потребна обнова и на централно и на локално ниво.
Обнова која ќе донесе крај на измамите, криминалот и лагите.
Обнова за развој на општина Новаци!