Димовски:Нов лист

Колумна на Димитар Димовски, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за порталот Курир

Константниот раст на притисокот врз власта, од страна на опозицијата и од јавноста, кулминираше со згаснувањето на последната лажна надеж која ја подгреваше Владата – датумот за отпочнување на преговори со Европската Унија. Власта предводена од СДСМ и ДУИ е на крајот од патот. А тој пат, ниту беше прав, ниту правичен, ниту чесен. Ќе има парламентарни избори. Предвремени, се надевам, спроведени како што налагаат законите. Сепак, неможејќи да се справат со огромното незадоволство од нивните исклучително погрешни политики на секој план, за очекување е дека власта ќе посегне по најдолниот и најзлобниот начин за опстојување – да примени најгруби мерки на притисоци врз поединци и групи на нивни противници, преку полицијата и поданичкиот обвинителско-судски ситем.

Ова е така, затоа што единствениот морал кој го препознава власта е оној кој би и помогнал да ги задржи под своја контрола овие институции што подолго време, а единствено за да ги прикриваат криминалот, злосторствата и предавствата кои ги направиле. Но, ниту еден таков ненароден и омразен систем не преживеал, па нема да преживее ниту овој.

На сите им е јасно дека на овие избори неминовно ќе дојде до смена на власта и до промени во државата. Лично, верувам дека промената ќе донесе нови вредности, пред се високо етички и морални, бидејќи сегашните се сериозно еродирани. Ќе донесе правда, правдина, но и правна сигурност, затоа што никој не е над законот и сите мора да бидеме еднакви пред законот. Дека ќе донесе развој и стабилност на економијата на државата и финансиска независност на секој кој живее и работи во Република Македонија.

Верувам дека со оваа промена ќе почне времето на поголема отвореност, отчетност и чесност на целиот систем и посветеност во решавањето на реалните проблеми на луѓето. Промената ќе донесе и сериозна борба против криминалот и корупцијата, кои се метастазирани низ целиот државен систем – зло за кое не смее да има толеранција, без разлика кој го направил. Така ќе ги постигнеме и позитивните европски вредности и високиот европски стандард. Така ќе успееме.

Со оваа промена мора да заврши и владеењето по принципот „не е важно што знаеш, туку кого познаваш“, затоа што овој принцип ја шири и ја поттикнува нечесноста, ги приморува бизнисмените да се поврзуваат со владините и партсиките функционери кои можат да ги задоволат нивните барања и да им дадат одредени погодности, а на алчните функционери им овозможува да ја реализираат нивната основна цел – пари и моќ.
Промената која доаѓа – новата Влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, ќе има сериозен предизвик да стави крај на уште две, во моментот сериозно загрижувачки состојби: психозата и омразата, во чиј вртлог речиси сите сме влезени, како и се помасовното иселување на граѓаните.

За првото, мора да се најде вистинскиот начин за помирување на народот, кој е меѓусебно раскаран. Македонскиот народ, Македонските граѓани, заслужуваат да бидат среќни и да живеат сложно. На сите ни се познати причините за оваа состојба и свесни сме кој ги предизвикал. Тој што ги предизвикал, треба да си го добие местото пред судот на јавноста, но и пред палатата на правдата. И за втората состојба, масовното иселување, ги знаеме причините. Пред се, тоа е безперспективноста на младите, малите плати на работниците, финансиската зависност на граѓаните, правната несигурност на луѓето и на фирмите, криминалното секојдневие отсликано преку рекет, уцени, закани, кражби на улиците и во домовите, дрогата по училишните дворови и местата за излегување. Овие проблеми не се решаваат преку ноќ, но не се и нерешливи.

Во секој случај, промената треба да почне со решавање на натрупаните проблеми уште од првиот ден од формирањето на новата Влада.

Поврзани вести

Арсовски: Цели 5 месеци Русковска, Јовевски, Заев си играат со интелигенцијата на граѓаните и се обидуваат да го прикријат најголемиот криминален скандал во Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани,...

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...