Националната агенција со сомнителните набавки со парите од ЕУ ја става во ризик европската перспектива на Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Андоновски

Почитувани,

По се изгледа на СДСМ им се малку парите на граѓаните кои си ги делат преку тендери, концесии, лиценци и грантови, па мора да посегнат и по парите кои пристигнуваат од Европските фондови во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Вчера го отворивме скандалот со злоупотребата на средства на агенцијата и сомнителното фаворизирање на исти невладини организации за кои нема објаснување од страна на Националната агенција, а денеска ќе посочиме на кој начин истата таа агенција, предводена од директорката Лидија Димова, распишувала и доделувала тендери вредни стотина илјади евра.

Граѓаните на Република Македонија, но и нашите европските партнери заслужуваат одговори за трошењето на нивните пари.

Почитувани,

Примарната дејност на Националната агенција е да распределува средства за образовни институции и невладини организации, но сепак таа решава дека треба да потроши 6 милиони денари на себепромоција.

На 04.10.2018 на сајтот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и нивната Фејсбук страница, беше објавен повик за набавка за услуги од PR агенција во вредност од 100,000 Евра. Набавката беше реализирана исклучително сомнително, со заобиколување на системот и Законот за јавни набавки, затоа што Законот за јавни набавки во член 99 и 198 дозволуваат набавка која што ќе оди по скратена постапка во случај на итност односно немање доволно време да се спроведат бараните процедури. Токму со овој изговор Националната агенција го правда начинот на кој е склучен договорот со PR агенцијата, односно се правда фактот што објавата за набавката е само на сајтот.

Целата скандалозна процедура започнува со набавка за услуги од PR агенција преку веб системот за јавни набавки и тоа за 50,000 евра. Истата пропаѓа затоа што добитникот наводно не доставил банкарска гаранција. Тоа значи дека компанијата ги исполнува сите услови но не доставува гаранција и повикот е поништен. Само еден месец подоцна Агенцијата го објавува целосно истиот тендер но овој пат не се пријавува никој. Овде веќе е очигледно дека оваа објава е за да се испочитува законот само про-форма. Оваа објава пропаѓа затоа што никој не се пријавил. Потоа агенцијата објавува набавка за истата работа, но овој пат само на нивниот сајт! Покрај тоа што не е објавена набавката преку системот за јавни набавки, интересно е што износот е дуплиран односно сега вредноста е 100,000 евра. Се поставува прашањето, доколку клучниот елемент на набавката е дупло зголемен и доколку активностите односно бараните услуги се променети дали во овој случај не се работи практично за нова набавка?

Дополнително, фрапантно е што во овој оглас не се бара банкарска гаранција како претходно иако средствата се двојно повисоки. Исто така огласот се објавува на веб страницата на Националната агенција со рок од 5 дена од кои 3 дена се петок, сабота и недела! Замислете некој треба да аплицира од четврток до вторник.

Затоа прашуваме:

Зошто Националната агенција за европски образовни програми ги менува сумите од 50 на 100.000 ЕВРА, а не отпочнува нова постапка преку системот за јавни набавки?

Зошто во огласот објавен само на страната на Националната агенција  не се бара ниту банкарска гаранција, кога за помала сума се барало ваков тип на осигурување?

Кои лица се вклучени во изборот на оваа компанија и дали критериумите за оценување на пристигнатите апликации на огласот објавен на Националната агенција се во согласност со Законот за Јавни набавки на Р. Македонија?

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја става во ризик целосната Европска перспектива на Република Македонија со вакви сомнителни набавки каде се директно инволвирани пари на Европската Унија.

Одговорност бараме и мора да има.

Прашање од новинар: Вчера Димова реагираше на вашата прес конференција особено во овој дел рече дека тоа не се пари потрошени за себе промоција туку за промоција на програмата, дека тоа е обврска од ЕУ за да ја промовира програмата, исто така ве обвини дека не разбирате ништо, така се изрази дека вашите обвинувања се Монти Пајтон.

Одговор на Стефан Андоновски: Вашето прашање ќе го поделам на два дела. Ќе ви одговорам прво на вториот дел, што се однесува дали ние разбираме или не разбираме затоа вчера на прес конференцијата ги објавивме праксите, добрите практики на соседните држави и државите од ЕУ и затоа прашавме зашто нашата Национална агенција не се држи до тие добри практики. Ние не рековме ВМРО-ДПМНЕ какви практики има, туку кажавме какви практики има националната агенција на Бугарија, на Португалија, на Летонија. Тие практично се сретнаа со нив и можеа да ги прашаат кои се добрите практики за транспарентност, но очигледно тоа не сакале.

Што се однесува до првиот дел од вашето прашање во даденава ситуација ние ја проблематизираме постапката за оваа јавна набавка. Дали и колку пари треба да се потрошат на себе промоција треба да испитаат соодветните институции во државата и европската комисија до кои ние ќе ги доставиме сите овие наводи, но во овој случај е многу попроблематичен процесот зошто прво започнува со набавка од 50.000 евра во која што бара банкарска гаранција, а потоа оди на набавка практично во четири очи за 100.000 евра без банкарска гаранција без објавување на Системот за јавни набавки

Прашање на новинар: Имате ли докази дека има некаква поврзаност на таа агенција со СДСМ.

Одговор на Стефан Андоновски Ги имаме наводите која агенција го добила тендерот и би сакале овие наводи да ги испита јавното обвинителство и надлежните институции во Република Македонија.

 

Поврзани вести

Арсовски: Цели 5 месеци Русковска, Јовевски, Заев си играат со интелигенцијата на граѓаните и се обидуваат да го прикријат најголемиот криминален скандал во Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани,...

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...