Јанушев: Дали е точно дека на Зоки Кичеец му бил доделен статус на заштитен сведок од страна на СЈО?
Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Почитувани,
За два дена истекува 30 дневниот притвор кој судот им го изрече на популарниот Боки Тредичи и неговиот партнер Зоран Милески Кичеец, а Кацарска обвинителството и Зоран Заев се обидуваат да ја лажат целокупната домашна и меѓународна јавност дека тие двајцата се сами во целата политичко-обвинителска рекетарска афера. Дури ни мало дете веќе не им верува дека пријателот на Заев Боки е толку моќен за да може да тропне на која било врата и да бара рекет од милиони евра.
Четири недели не се проширува истрагата, иако сите слушнавме како Зоран Заев бил информиран за се и како ја менаџирал работата, а Катица Јанева како порачува да нема секирации бидејќи ќе биде се во ред.
Епа господа ништо не е во ред. Ова е премногу срамно и понижувачки дури и кога доаѓа од Зоран Заев и Вилма Рускоска.
Додека се форматираат и бришат телефони и компијутери, а Русковска одмара заедно со Јанева, а истрагата за милионските рекети ја водат медиумите и јавноста.
Медиумите вчера објавија уште еден фрапантен податок, а тоа е дека Зоран Милески Кичеец бил заштитен сведок во случајот Империја.
Јавно прашуваме дали е ова точно? Дали на човекот кој е осомничен за рекет, од страна на СЈО му бил доделен статус на заштитен сведок?
Доколку е така, тоа е потврда на бесрамниот мафијашки пристап на оваа власт која бескрупулозно ги злоупотребува институциите за лично богатење и вршење на политички притисоци и уцени на сите кои мислат поинаку од Зоран Заев.
Колку криминално и подло треба да размислуваш за да креираш план во кој што надвор од законот конструираш случај, наоѓаш заштитен сведок и потоа преку него изнудуваш пари од оние кои си ги таргетирал.
Зоран Заев и СДСМ, за жал институциите ги претворија не само во легло на криминалот, туку ги ставија целосно во служба на мафијата.
Целата домашна и меѓународна јавност прави притисок за случајот Рекет и повикуваат на одговорност за Јанева и Заев, а Русковска наместо да ја прошири истрагата си тера одмор.
Катица Јанева е главниот дел од сложувалката, за разоткривање на целата рекетарска мрежа која оди директно до врвот на власт. – До Зоран Заев.
Доколку Русковска во најбрз можен рок не побара притвор за Јанева, ќе биде директно одговорна дека ја остава Јанева да влијае на сведоци и уништува докази. Дополнително се отвора опасност истата да го повтори делото или да избега.
Јанева наместо на плажа треба да заврши во притвор. Таа е личноста без кој овој рекет не би бил воопшто можен. Дополнително истрагата мора да се продолжи и кон нарачателите во власта, за кои веќе подолг период пишуваат македонските медиуми.
Почитувани,
Потребна е реакција веднаш.
ВМРО-ДПМНЕ бара Заев да собере храброст и да не ја турка повеќе државата кон безизлез, да си даде оставка и Собранието да се самораспушти. Дополнително бараме ЈО кое ќе биде финансиско независно и отпорно на политички влијанија и уцени.
Потребна е обнова на Македонија, а Заев мора да си замине.