Само уплашените слабаци пробуваат да ги замолчат останатите

Колумна на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, за Плусинфо

После три недели пауза од пишување, еве ме пак и повторно ќе имаме можност да се дружиме секоја недела. Во овие изминати три недели се случија многу работи за кои треба да се зборува, но јас најпрвин должам објаснување зошто ме немаше толку време. Деновиве е акутелна една тема која можеби е странична покрај сите социо-економски и државно-интересни маки на граѓаните кои им ги нанесе оваа влада на Заев и СДСМ, но сепак е многу важна за да се спречат овие првите две кои се најважни за граѓаните. Слободата на говорот.

Цели четири броја од весникот „Слободен печат“ имав можност моите ставови и размислувања да им ги претставам на граѓаните преку пишан збор, за веднаш уште после првата објавена колумна во весникот, да почнат и притисоците и маките од СДСМ кон доскорешното уредништво. Епилогот го знаете, заради непремостливи разлики помеѓу сопствениците на „Слободен печат” (читај блиски луѓе на Заев и на СДСМ) и уредникот Героски, беше поднесена оставка од уредникот за да не мора да се трпат притисоците и глупостите од овие првите. Веднаш потоа следеше и-маил адресиран до мене, каде што ми се прекинува соработката, бидејќи не се знаело дали јас пренесувам лични ставови или на партијата и не било во ред портпарол на партија да пишува колумни во весник. Не било добро за весникот. Нормално, по директна наредба на Заев и на СДСМ.

Ова доволно говори за ситуацијата со слободата на медиумите и слободата на говорот во Република Македонија. Штом се подготвени на ваков чекор на задушување, нека бидат подготвени и да ја водат војната преку која ќе бидат разобличени и СДСМ и целата влада, а верувајте веќе ја губат и сигурно ќе ја изгубат. Пред да преминам, сакам само да им порачам дека им се ближи крајот. Што повеќе замолчувате, толку повеќе народот не ви се плаши и наоѓа алтернативни решенија да ви ја скрои капата за криминалот што го правите. Затоа ви велам, загубена е таа војна, прашање е кога ќе се предадете.

Во борбата ,против криминалот, корупцијата, рекетарството, насилието, грабежот кој го прави оваа влада на СДСМ, веќе сѐ повеќе луѓе застануваат рамо до рамо со нас. Не сите имаат исти размислувања и ставови како нас, но верувајте дека сите заедно имаме во моментов една заедничка цел. Да прекине ова лудило кое нѐ внесе во апатија, колективна општествена депресија, проследена со веќе навикнатите лаги на суицидната политика на Зоран Заев и СДСМ. Граѓаните веќе се охрабрија, еминенти интелектуални ликови влегоа гради во гради против ова лудило, а јас ги охрабрувам и сите останати. Секоја една неправда што ви е нанесена, подготвен сум јас лично, а и целата партија да ја обелодениме и кога ќе дојде време да ја истераме правдата на страната на вас оштетените. Можете да сметате на нашата поддршка во оваа борба против оваа хунта, бидејќи границите се преминати. Сега за сега, тоа можеме да го правиме само преку оние медиуми кои останаа на линија на демократијата.

Никој веќе не ви се плаши вам уплашените

Чудни се овие штапски војници на СДСМ, контролирани и управувани од централата на Бихаќка. Доволно им е да им покажат со прст и веднаш се нафрлаат да тепаат, убиваат, бањаат, шамараат, како што би рекле тие за да не се врател „режимот“. Притоа заборавајќи, дека никој не им се плаши и дека кога човек човека напаѓа со сила, проработува инстинктот за себезаштита. Нормално, не е тоа секогаш физичка, некогаш и со други методи.

Одредени луѓе од СДСМ, организирани во мафија-рекет стил, уценуваат, се закануваат, заплашуваат, рекетираат, едноставно тероризираат бизнисмени и кого стигнат и кога некој реши да им застане на патот на самоволието, тие одлучија да го замолчат, вршејќи му притисоци на работното место, нарачувајќи му вести по жута-штампа сајтови, за на крај да му порачаат дека ќе го бањаат во Вардар. Какви уплашени слабаци од прв до последен, несвесни за последиците кои ги предизвикале од првиот момент кога тргнале да рекетираат и да тероризираат, дека сето тоа ќе им се врати и удри од глава.

Еве почнува и самите гледате. Најпрвин цело СДСМ се амнестираа од нивните нарачки за закани, за потоа да видиме дека човекот што се заканува е член на СДСМ и најсмешното во целото лудило, објавил заканувачов статус што му го напишале на две – на три внатре во партија, дека тој всушност сакал да му порача на новинарот Героски дека заради ова што ги објавува рекетариве од СДСМ, вмровците ќе го бањале во Вардар. Секоја чест за човекот кој го смислил оправдувањево во прес-центарот на СДСМ – нека ја спаси цела партија, веднаш нека си даде отказ.

Градоначалник на СДСМ нокаутира граѓанин заради наводна пцовка

И додека сето ова трае, медиумите објавуваат адуио-снимка каде што сегашен градоначалник на СДСМ, а пред тоа пратеник нивни, Курто Дудуш, киднапира и нокаутира, омаловажува и навредува човек затоа што некаде на јавно место, наводно упатил пцовка кон него. Драги мои, како во времето на УДБА. Нормално, пропагандната машина на СДСМ вели дека е лага, партијата официјално молчи, Заев ќе тресне некоја глупост како оправдување и ќе пробаат сето тоа да го релативизираат дека овој тепаниот сам се удрил од Курто Дудуш, како полицајката во пајакот и така да заврши. За да биде тепаниот – тепан, понатака знаете како завршува онаа народната. Или што прочитав кај еден мој добар пријател што ќе се препознае, на крај ќе испадне дека СДСМ и градоначалников нивни со чинот на аудио-снимката го бранеле другиот да не го тепаат вмровците. Страшна работа. А, еве истиот Куцо кој што вика во снимката дека со него никој не излегувал на крај почна и со закани за тужби и разно-разни кон уредникот на медиумот што ги објави.

Дали била полицајката што се удри во пајак, дали бил Сенат од Шуто Оризари што јадеше ќотек и нокаут или пак бил било кој новинар што ќе го бањаат или тепаат или киднапираат како членовите на СДСМ во Арачиново што киднапираа новинарска екипа на една телевизија, дали биле бизнисмените подоложни на рекет, неважно е ако дозволиме ова да продолжи, затоа што утре може да биде било кој од нас и нормално после тоа никој да не одговара.

Кутрите, целата јавност ги гледа што прават!

Затоа луѓе да резимираме. Ќе продолжат да ве угнетуваат и замолчуваат само ако вие дозволите. Нашето единствено оружје против оваа мафијашка влада на СДСМ е храброста да се спротивставиме и да ги победиме. А потоа? Потоа, кога ќе се тргнат од власт и кога ќе се смени власта, да одговараат пред лицето на правдата, пред Судот и да се исправат неправдите.

За крај, сакам да завршам со две мисли на големи луѓе кои оставиле печат во историјата и истите да не подзамислат сите, а најмногу овие уплашените рекетари од СДСМ. Како голем поддржувач на американската демократија, секогаш помислувам на она што го кажал Томас Џеферсон: Нашата слобода зависи од слободата на печатот, а таа не може да се ограничи без да биде загубена. Затоа, да не дозволиме да ја загубиме слободата на медиумите.

Додека пак на владава на СДСМ им порачувам дека владите што не дозволуваат слобода на говорот, зашто на тој начин се шират вистини што се на нивен товар, прават сосема иста работа како детето што ќе ги затвори очите за никој да не го види. А нив, кутрите, целата јавност ги гледа што прават.

Поврзани вести

Арсовски: Цели 5 месеци Русковска, Јовевски, Заев си играат со интелигенцијата на граѓаните и се обидуваат да го прикријат најголемиот криминален скандал во Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани,...

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...