Реконструкцијата на владата е само козметичка измена со која нема да има промена на работата на оваа неспособна власт предводена од Заев

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Метлата се претвори во магла. Метлата стана пердув за купување на време за Зоран Заев. Огромно разочарување по кое се отвора директна можност сите пари да се слеваат кај Вицето и Зоран Заев. Во Македонија ќе продолжи да се краде, ќе продолжи криминалот на власта, ќе продолжат тендерите во 4 очи.

Она кое што ВМРО-ДПМНЕ го говореше, тоа се оствари. Реконструкцијата на владата е само козметичка измена со која нема да има промена на работата на оваа неспособна власт предводена од Заев.

Со ова само се купува време до неминовниот пораз кој што го очекува Зоран Заев на претстојните избори. Јавноста сега има уште една причина за загриженост бидејќи аболициран криминалец за финансиски криминал, Зоран Заев, ќе биде министер за финансии, а со тоа кланот Заеви се чекор поблиску до парите во буџетот. Но барем една работа ќе биде јасна, а тоа е дека Заев и СДСМ за своите погубни економски политики веќе нема да можат да се вадат на министерот Тевдовски, туку лично Заев ќе биде одговорен за економската катастрофа која што во континуитет ни се случува и за која што уште поцрни денови ни се во најава за граѓаните на Република Македонија.

Дека нема суштинска промена во Владата говори и фактот што во ресорите кај што имаше клучни неуспеси и проблеми, нема да има никакви промени. Во владата остануваат истите министри за здравство, образование, економија, транспорт и врски и вицепремиер за економски прашања, што е гаранција дека хаосот во Македонија за жал ќе продолжи. Останува Димитров, останува Спасовски, девастација на дипломатијата и колапс на безбедноста во државата.

Именувањето на Горан Милевски за министер за локална самоуправа не е ништо друго, освен политички пазар, како што впрочем е и целата влада од која што граѓаните нема да видат никаков бенефит, затоа што овој лик јавноста го знае само како лидер на еден коалициски приврзок и аминџија на Зоран Заев.

Изборот за министер за култура доктор Хусни Исмаили не би го коментирале, од проста причина што на оваа позиција се именува професор од медицински факултет и тоа е доволно да се долови потенцијалот на оваа влада.

Нов министер за земјоделие Трајан  Димковски, е човек кој досега работеше како шеф на кабинет на доскорешниот министер Николовски, кој што ќе остане запомнат како еден од најнеуспешните министри за земјоделство. Факт е дека ако Димковски досега не знаел да води соодветна земјоделска политика, сега нема ништо да се промени. Впрочем Димковски станува министер за земјоделство само затоа што Николовски отиде како Генерален секретар на СДСМ.

Почитувани

Ова е старо-нова влада со засилен корупциски и криминоген капацитет, на која врвен приоритет ќе и биде продолжување на личното богатење, корупцијата и криминалот, наместо потребите и барањата на граѓаните.

Ако досега некој имаше резерва, сега веќе таа не постои. Граѓаните се уверија дека со оваа власт на чело со Заев, кој сега ќе има директен пристап до буџетот, економијата и натаму ќе тоне, стандардот на граѓаните ќе паѓа, а Македонија ќе осиромашува. Со ваква Влада за жал од Европа и европски вредности ќе бидеме уште подалеку, а принципот „Евро за Вицето – евро за црквата“ ќе биде закана по целиот државен буџет на Република Македонија.

Поврзани вести