Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш повтори дека договорот од Преспа со неговата содржина и начинот на кој што се создаде тој договор е поразителен за Република Македонија и за Македонците.

Ова тој го посочи при своето гостување во дебатната емисија на Клан Македонија, притоа додавајќи дека преспанскиот договор е анационален каде е одземено националното достоинство и уништена е националната гордост.

Според Мицкоски причината за промената на името е Заев да не заврши во затвор поради случајот Поткуп и промената на Законот за јавни набавки за да можат да се склучуваат тендери во четири очи.

-Начинот на кој што тој договор се случи, начинот на кој што се водеа преговорите, начинот на кој што се создаде тој договор, неговата содржина е поразувачка за Република Македонија и за Македонците. И за тоа немам никаква дилема. И јас сега можам да ви дадам многу различни примери. Како би реагирале Албанците во Албанија ако се смени името на државата? Како би реагирале и ако им речат не сте вие веќе Албанци? Како ќе реагираат? Еве јас ќе ви кажам. Многу лошо. Многу лошо ќе реагираат, така што тоа што се случи е комплетно анационален потег, одземено е националното достоинство, уништена е националната гордост и направени се отстапки кои што никој претходно ни одблиску не се осудил да го направи тоа што го направи Зоран Заев. И тоа го направи ради две работи. Првата е да биде премиер за да може да се спаси од сигурен затвор, поради случајот поткуп кога како градоначалник на Струмица бараше поткуп. И втората работа е, да може да го смени Законот за јавни набавки и да може да врват тендерите во четири очи. Тоа се двете работи, вели Мицкоски.