Мицкоски: Овие 2 години се докажа дека оваа Влада не само што е неспособна, туку и штетна

Беше точно пред две години, 1 јуни 2017-та година, кај голем дел од луѓето ден на надежи, на ветувања кои создадоа очекувања, желби за живот, чист воздух, плати од 500 евра, ветување за европска иднина, и сепак кај дел од граѓаните, покрај сите сомнежи за криминал, корупција и виткање на кичмата, беше присутна каква-таква верба во Зоран Заев дека ќе донесел подобро време, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Две години е доволен период за многу работи да се започнат и завршат, да се подготват и почнат да се реализираат. Две години се доволен период едно дете да може да започне со првите чекори, првиот говор, првите промени. За две години можеше да се проектира и да се започне со градба на нова клиничка болница, за две години можеше да се проектира, започне и заврши со изградба на училиште, нова градинка. За две години се градат нови канализации, водоводи. За две години можеше да се проектира и да се започне со градба на некој нов автопат, да се довршат сите започнати претходно, можеше да го имаме првиот гас кој ќе стигне до крајниот корисник, домаќинство…Но само можеше, а реалноста говори дека ништо од ова немаме. Ќе потсетам и на експозето на премиерот Заев пред две години пред пратениците и ветувањата дека ќе имаме раст од 5 проценти на економијата секоја година, кои за жал ги немаме, на ветувањата за реформите во судството и обвинителството кои за жал се претворија во политички прогон, на ветувањата за земјоделците, докторите, студентите, пишува Мицкоски на Фејсбук и додава:

„Овие две години се случија безброј афери и скандали кои го срушија кредибилитетот на власта: криминални иновации, крвави тендери во здравството, државни тендери за семејството на власт, плантажи со марихуана, непотизам кој е распространет како канцер, некомпетентни советници на премиерот кои се скапо платени со народни пари, скандалозни програми од министерството за култура и уште поскандалозна распределба на тие пари, втората амнестија на Заев и покрај видеото каде се гледа дека работи по принципот евро за евро, скандалозни тендери и репарации во РЕК, државни пари во фирмите на потпретседателот на Владата, на блиски луѓе на министрите на власт, нерасветлени убиства, малиот Сазде, убиенот фудбалер Јанушев во скопски Аеродром, неправедната казна за сообраќајката во која настрада малата Фросина, ослободувањето на обвинетите за Монструм, амнестијата на над 700 криминалци, пратеник фатен како нарачува недозволиви супстанци и нема никаква кривична одговорност, градоначалник на власта шверцер со казна која и не е казна, туку потсмев на законите…и десетици други афери, скандали, пропусти“.

Овие 2 години, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се докажа дека оваа Влада не само што е неспособна, туку и штетна.

-Ќе потсетам на името, променетиот устав, продаденото достоинство, идентитетот. И многумина од граѓаните можеби си мислеа, ова беа кнедлите кои мораа да се проголтаат за да имаме светла европска иднина. Но гледаме дека со оваа влада и тоа го немаме. Европа е се подалеку, не затоа што Европа не не сака, туку затоа што немаме реформи, немаме способност да се судри владата со корупцијата која ЕУ констатира дека постои, со криминалот кој Владата го штити, да се занимава со економијата која е се полоша, со неславните рекорди за најмали капитални инвестиции, најмалку странски директни инвестиции, со стандардите за животна средина кои Владата не ги исполнува, со загадениот воздух кој убива, со Охрид чие културно наследство пропаѓа и се уништува, со проблемите во здравството, образованието. Ова нивно главно ветување за европска иднина се претвора во уште една измама. Лани не убедуваше премиерот Заев дека имаме датум за преговори за кои велев дека го немаме, ова година истата лага само различен месец. Овој човек лаже суши, и секој од вас знае дека влегувајќи во третата година од неговата власт нема да биде подобро. Погледнете го видеото како безочно не ја говори вистината, и она што се чини дека претставува еден вид општествен хазард е фактот што неговите лаги започнуваат да се доживуваат како секојдневие, како некоја вобичаена работа, не затоа што не се скандалозни, туку затоа што се чести, станаа дел од нашите животи, се сруши летвичката на моралот и вредностите. Оваа Влада е елементарната непогода која не влече во поголема бездна, која ги разочарува луѓето, секој еден човек, а доказ се картите во еден правец кој се повеќе ги има, и се помалиот број на луѓе во градовите и селата кои остануваат да живеат. Со оваа влада криминалот е се поголем, а шансите за заедничка иднина се помали, потенцира Мицкоски и додава:

„Ако на Светот му се случи цунами, за жал на Македонија овие две години и се случи Зоран Заев. И ова мора да се смени. Јас немам дилеми, дека мораме да се спротиставиме на уништувањето и измамите. Доаѓа ново време, независно од последните крици на забревтаната власт во заминување, било тие да се викаат метла, изнасилено блескање или било некаков еуфемизам за разблажување на болната реалност. Потребна е правда, работа за подобар стандард и успеси. Македонија пред се, и нас се. Затоа што Македонија е нашата судбина и иднина!“.

 

Поврзани вести

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...