Мицкоски:Очекувам да има цензус на 5-ти мај, Силјановска Давкова е следниот претседател на Република Македонија

Интегрален текст од изјава за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Ја користам оваа прилика на сите правосолавни христијани, кои што денеска го празнуваат Христовото Воскресение – Велигден, да им го честитам празникот, да им посакам, многу здравје, среќа, љубов, берикет за нив, нивните семејства, да се радуваат да празнуваат да бидат задоволни од тоа што го прават и на крај да си ја сакаат татковината Република Македонија.

Прашање – Очекувате ли цензус во вториот круг од изборите? И до каде сте со договорот за СЈО со власта и како ги коментирате чистките во СДСМ што се најавени од премиерот?

Мицкоски: Следен претседател на Република Македонија е професорката Гордана Силјановска Давкова и самото тоа дава одговор на вашето прашање дека очекувам да има цензус во вториот круг на 5 мај. Во врска со второто прашање поврзано со Законот за јавно обвинителство, простете ќе мора да ве корегирам, не станува збор за СЈО. Работните групи работат, знам дека има размена на документи, сеуште е тоа во работна верзија. Фокусирани се претпоставувам сите сили кон вториот круг на претседателските избори се надевам дека веднаш после тоа ќе седнеме и ќе ја завршиме и таа работа, но и сега СДСМ има можност нека ги прифати амандманите, кои што опозицијата ги предлага и веднаш да појдеме во собрание и да го изгласаме Законот за јавно обвинителство.

Околу чистките нема што да кажам вие гледате човек со две лица, едното лице беше во првиот круг на кампањата кога велеше дека блескаме, дека е прекрасно да се живее во Македонија, дека платите растат, невработеноста се намалува, инвестиции на секој чекор, мед и млеко е буквално на секаде, за да веднаш после тоа, откако виде дека сето тоа што го зборувал не е вистина, па се заграби до една бледа копија на еден игран филм со метлата. Не верувам дека нешто од тоа ќе биде. Метлата се знае од каде треба да почне, метлата ќе почне веднаш после предвремените парламентарни избори, кога оваа за жал политичка елита која денеска е секојдневие во Република Македонија, а ја предводи Зоран Заев и СДСМ, конечно ќе ја добие онаа заслужена позиција на темната страна на историјата.

Прашање – Како ја коментирате изјавата на господинот Села, кој што повика граѓаните да се одлучат сами за вториот круг на изборите, слична на онаа ваша изјава за референдум. Како ја сфаќате дали е индиректно повик за бојкот?

Мицкоски: Ако ме прашувате за ставот на господинот Села, тоа е негово право, се разбира јас не би сакал да се мешам во политките на останатите политички партиии во Република Македонија, она што јас исто така го прочитав е дека во четврток они ќе имаат претседателство на партијата и ќе излезат со конечен став, неговата изјава е во насока на подобрување на демократијата, во насока на она што е есенција во демократијата, на она што е есенција во демократијата, а тоа е граѓаните, кои што се неприкосновен суверен на своето право да гласаат. – Дали ќе гласаат или нема да гласаат, ако гласаат за овој или оној да гласаат, да одлучат како ќе постапат на 5 мај во вториот круг. Апсолутно не би се сложил дека тоа е повик во насока на апстинирање, напротив во насока на подобрување и зајакнување на демократските капацитети во државата.

Прашање: Господине Мицкоски, ако професорката Силјановска ги изгуби изборите дали ќе преземете одговорност?

Мицкоски:  Се разбира дека секоја една изборна трка е момент кога треба да се испитаат ангажманите, политиките итн. Но ние со првиот круг покажавме и докажавме, дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана, ВМРО-ДПМНЕ е црвста на нозе, ВМРО-ДПМНЕ победи во 47 општини во Република Македонија, освои 42.5% од гласовите на оние кои што одлучија да излезат во првиоѕ круг и јас не ни помислувам дека има друга опција за Република Македонија и за граѓаните во Република Македонија, освен опцијата дека професорката Гордана Силјановска Давкова е идниот претседател на Република Македонија. Но се разбира после завршувањето на претседателските избори, републичкиот изборен штаб пред ЦК на партијата ќе презентира извештај за сработеното, ЦК на партијата, е тој кој што одлучува како и во кој правец партијата ќе се движи. Она што е важно е што ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е честита, принципиелна, искрена политичка сила. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и никогаш не смееме да заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ потекнува од народот и дека треба да остане секогаш меѓу народот. Секогаш кога во минатото ВМРО-ДПМНЕ заборавила на оваа максима била казнета од народот. Оваа генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ започна честито, искрено, принципиелно и така и ќе продолжиме да функционираме. Со и заедно со народот.

 

 

 

 

Поврзани вести