Заев во надеж дека ќе го намали неизбежниот пораз почна да врши притисоци врз приватни фирми, администрацијата и институциите

Интегрален текст од изјава за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Зоран Заев ја загуби поддршката од граѓаните. Зоран Заев и Стево Пендаровски се соочени со пораз и ги фаќа паника.

Паниката е огромна и очигледна. Најдобар доказ за тоа е фактот дека Зоран Заев се фаќа за последната сламка на спасот со која што се надева дека ќе го намали неизбежниот пораз кој што еднаш веќе му се случи. Зоран Заев сега се фаќа со тоа што најдобро го знае и владее, а тоа е кршење на законите, криминал, корупција, закани, уцени и поткуп, со кои што повторно ќе се обиде да ја изигра и изманипулира јасно изразената волја на граѓаните од првиот круг на претседателските избори.

Зоран Заев е толку очаен што почна да врши притисоци и врз приватни фирми и врз администрацијата, јавните и други институции.

Според информациите кои дојдоа до нас, Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска повикале во влада претставници на текстилната индустрија. Јавно прашуваме која е целта на оваа средба во владата и зошто токму после првиот круг кога нивниот кандидат Пендаровски доби црвен картон од граѓаните, се повикани токму во владата? Не очекуваме дека власта ќе признае дека врши притисоци врз приватните компании, но очекуваме надлежните државни институции да преземат соодветни мерки со кои што ќе се спречи криминалното сценарио на власта кое што го подготвува за вториот круг.

Се побројни се и дојавите за притисоци врз државната и јавната администрација. Таму каде што власта смета дека може да изнуди глас повеќе за нејзиниот кандидат, следуваат повици да се излезе и масовно да се гласа за Пендаровски, а таму каде што имаат информации дека станува збор за лице кое што не ги поддржува политиките на актуелната криминална власт, тогаш следуваат закани за да не се излезе на гласање. Според информациите кои ги имаме власта прави списоци на вработените во јавната администрација според кои или се нудат награди за некакво унапредување после изборите или пак се вршат уцени и закани дека потоа ќе следува казна со откази или прераспоредувања на полоши работни места.

Почитувани,

Ова сценарио не смее да помине. Ова сценарио е сценарио против Република Македонија и е сценарио против слободната волја на граѓаните.

Апелираме власта да се откаже од намерите за манипулирање и изигрување на волјата на избирачите.

Предупредуваме дека ваквиот криминал не застарува. Правдата во Македонија доаѓа и секој ќе одговара за сето она што го направил. И тие што го смислиле сценариото и тие што се под притисок да го извршуваат. Одговорноста е индивидуална, а Зоран Заев нема да може никого да заштити.

На граѓаните сакаме да им укажеме дека зад параванот се сами и сами одлучуваат. Никој не може да знае за кого гласаат и никој не може ниту да ја узурпира нивната волја. Граѓаните покажаа мудрост и храброст и очекуваме истото тоа да го сторат и во вториот круг на изборите на 5-ти мај.

Правдата за Македонија стигнува.

Поврзани вести