Јанушев: Власта целосно ги злоупотребува институциите за партиски цели

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Зоран Заев и неговиот послушник Стево Пендаровски се соочени со пораз од граѓаните. Заев и Пендаровски знаат дека дојде времето да ја платат цената за криминалот, корупцијата и распродажбата на државните и национални интереси во овие две години. Затоа Заев и Пендаровски се во паника и почнаа со закани, насилство и злоупотреби уште во првата половина од кампањата.

10 дена изборна кампања, 10 дена изборни прекршување, корупција, незаконски вработувања и користење државни ресурси за партиски цели. Власта наместо да го почитува законот ги злоупотребува институциите и државните ресурси.

Ветуваа дека нема да ги злоупотребуваат институциите, а го прават сосема спротивното. Возилата на АВРМ се користат за партиски цели. Видовме од медиумите дека директорката на АВРМ заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, со возило на Агенцијата за вработување беа на партиска трибина во Делчево. Исто така возило на Агенцијата е сликано во Радовиш полно со пропаганден материјал за Пендаровски.

Ова почитувани е класичен пример за злоупотреба на државни средства за партиски цели. СДСМ ја избриша границата помеѓу државата и партијата. Зоран Заев и Стево Пендаровски знаат дека губат, затоа вршат и злоупотреби.

Заев и Пендаровски знаат дека губат и токму затоа во ек на избори, спротивно на Изборниот закон ја полнат јавната администрација. Сведоци сме на над 600 вработувања во јавните претпријатија во Град Скопје, овие вработувања ќе го чинат градот над 350.000 евра месечно или над 4 милиони евра годишно. Вработувања имаме исто така и во царина и Јавно Претпријатие „Македонија пат“.

Паниката се гледа и во насилното однесување на активистите на власта. Имено сите видовме видео материјал кој се прошири на социјалните мрежи, а од кој се гледа како едно лице уништува пропаганден материјал и му се заканува на активист на ВМРО-ДПМНЕ затоа што овој му вели да не ги кине плакатите на професорката Гордана Сиљановска Давкова.

Исто така сведоци бевме и на видео кое се појави на социјалните мрежи пред неколку дена каде повеќе лица го запреа претседателот на УМС на ОК на Кисела Вода и од неговото возило насилно му го одзедоа пропагандниот материјал.

СДСМ е свесна за изборниот пораз кој им следи, граѓаните не ги поддржуваат нивните деструктивни политики. Граѓаните не ги поддржуваат лошите резултати во економијата, распродажбата на државните и национални интереси, криминалот, корупцијата, непотизмот. СДСМ ја зацрни државата во изминативе две години.

Република Македонија не смее да продолжи по истиот пат како до сега. Република Македонија нема потреба од нов Зоран Заев. На Република Македонија и треба претседател кој ќе се грижи за нејзините интереси и ќе ги почитува Уставот и законите, таков човек е токму професорката Гордана Сиљановска Давкова. Затоа на 21 април и на 5 мај да ја дадеме поддршката за жената која ќе донесе нов пристап во државната политика.

 

Поврзани вести