Референдумот е неуспешен, СДСМ во Куманово за една година изгуби повеќе од 2.800 гласачи и покрај заканите, уцените и притисоците

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Милан Давидовиќ, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово

Почитувани,

Пред 9 дена граѓаните на Куманово и народот во Македонија не дадоа поддршка за промена на уставното име на Република Македонија.

Пред 9 дена граѓаните на Куманово и народот во Македонија не дадоа поддршка за промена на националниот и институционалниот идентитет на Република Македонија.

Пред 9 дена граѓаните на Куманово и народот во Македонија не дадоа поддршка за промена на историјата и традицијата на Република Македонија.

Референдумот е неуспешен, цензусот не е постигнат. СДСМ и градоначалникот на Куманово иако помпезно ветуваа излезност од минимум 50%, односно излезност на повеќе од 45.000 кумановци, мнозинството од гласачите во Куманово одлучија да бојкотираат, односно да не гласаат на референдумот.

Залудни им беа срамните закани, уцени и притисоци, секојдневните малтретирања кон нашите сограѓани. Не им помогнаа ниту заплашувањата на вработените  во локалната самоуправа и јавните претпријатија, ниту полнењето на кутии и обиди за „бугарски воз“, ниту асфалтирањето пред референдумот во приградските населби и лажните ветувања за вработување. За сето ова постојат докази

Од 92.691 запишани гласачи во избирачкиот список во нашата општина, вкупно 59.453 наши сограѓани не гласаа. Тоа е мнозинството кое одлучи.

За истакнување е и тенденцијата на поддршката за СДСМ во нашиот град. За само една година СДСМ и партиите кои го поддржаа референдумот во Куманово изгубија повеќе од 2.800 гласачи, споредбено со локалните избори во 2017 година.

Затоа драги сограѓани, дозволете во име на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово да ви се заблагодарам за покажаната храброст, одличност за вашата висока демократска и патриотска свест. Заслужувате највисока почит, ваши се заслугите, ваша е почитта.

Почитувани сограѓани,

Знам дека и вие сте незадоволни од актуелната Влада која по секоја цена со сила се обидува спротивно од волјата на мнозинството, спротивно од уставот и законите да го промени уставното име на Република Македонија. Влада која не го почитува својот народ и Влада која не го испорачува ветеното, мора што поскоро да си замине.

Поврзани вести