Сметавме дека е одговорно и значајно за Македонија, како политичка партија без разлика што сме во опозиција, но очекуваме да победиме на изборите и да формираме влада да отидеме таму во центарот каде што се носат одлуките и да ја кажеме нашата приказна и она што мене ме радува е што имавме средби на исклучително високо и значајно ниво.

Тоа што прави суштинска разлика помеѓу нас и СДСМ е дека Заев како премиер не го примија, а нас како опозиција не примија што е јасен сигнал, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во утринската емисијата Добро утро, секое утро на ТВ Алфа.

Николоски посочи дека при посетата испратиле јасна порака а тоа е дека Република Македонија заслужува да започне преговори, бидејќи местото и е во европското семејство. Пораките од таму се исто така јасни а тоа е дека единствената причина зошто нема датум за почеток на преговорите и јуни минатата година и јуни оваа година и октомври оваа година е високото ниво на корупција во Македонија и немање на функционален систем на владеење на правото.

Значи тоа ни беше кажано јасно, дека не треба да се обвинува никој, дека не треба да се бараат изговори туку дека единствената причина зошто не дозволила Франција почеток на преговори е високото ниво на корупција и немањето на функционален систем на владеење на правото, изјави тој. Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш после предвремените парламентарни избори ќе има безмилосна борба со корупцијата, со спроведување на брзи и ефикасни мерки се со цел и наредната 2020 година да не биде изгубена година за граѓаните на Македонија.

Планираме една силна, безкомпромисна, безмилосна битка со корупцијата од првиот ден после формирањето на владата затоа што сметаме дека корупцијата ја разјадува Македонија и сметаме дека со едни брзи и ефикасни мерки во текот на мај, јуни, јули и понатаму ќе можеме 2020 година да ја фатиме и да не е изгубена година за Македонија, како што се овие три години наназад, рече Николоски.