Во интервјуто со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски ќе читате за најактуелните прашања, за самитот во Загреб на Европската Народна Партија, за средбата со Борисов. За тоа кој седи позади лажните вести, и каков ќе биде одговорот на ВМРО-ДПМНЕ. За односите во судството и обвинителството, за ставовите во однос на Катица Јанева и актуелните случувања. Мицкоски ја коментира и изјавата на Пендаровски за тоа дека доколку не би бил претседател, би заминал од државата. За ова и многу повеќе во продолжението од интервјуто кое следи со лидерот на опозицијата.

КУРИР: Бевте на самитот на Европската Народна Партија, кои се вашите впечатоци, кои се пораките од билатералните средби кои ги добивте?

Мицкоски: Имав одлични билатерални средби со челниците на Европската Народна партија, но и со голем дел на креатори на политиките на Европската Унија. Средбите ги искористив да лобирам за Македонија и нејзините интереси, и ако сега сме опозиција, но државата мора да оди напред. За неколку месеци работите ќе се променат, ќе има смена на власта, и како што знам да речам, ни требаат засукани ракави, а не шеги, ниту оправдувања. Европските челници го бараат и она што нам ни треба, реформи и стандарди. Воедно треба да бидеме свесни и да си признаеме со вакво труло судство и обвинителство каде криминалците шетаат на слобода и се прават митови од нив, нема да стигнеме никаде. И сето ова што сега го велам го кажав и во обраќањето на Самитот на Европската Народна Партија. Македонија е дел од Европа и ние таму припаѓаме и судбината на 2 милиони граѓани не смее да зависи од неспособноста на врхушката на власт, тоа не е сликата за Македонија. Криминалот и корупцијата е само слика за власта која ги запоседнала државните функции и краде од парите на граѓаните. Македонија има иднина, и пријателства кои треба да се развиваат. И има европска иднина.

КУРИР: Тука во Македонија средбата со Бојко Борисов крена прашина, власта ве интерпретира дека сте го прифатиле договорот со Бугарија, која е вистината?

Мицкоски: Имав конструктивна средба со г-динот Бојко Борисов на негово барање. Средбата ја прифатив со задоволство, затоа што верувам дека потребно е да се градат мостови на соработка, а не да се создаваат конфликти. На средбата се разговараше за актуелните теми во Македонија, во Бугарија, акцент беше ставен на иднината, но исто така и на теми кои се дел од минатото на двете држави. За дел од темите имавме исти позиции но за дел различни. Помалку непријатно беше што се снимаше почетокот на средбата каде вообичаено има неформален разговор помеѓу соговорниците кои се познаваат и жалам што нашиот политички противник СДСМ, целосно извртувајќи ја вистината, преку креирање на лажни вести се обиде да ги злоупотреби граѓаните. Никаде на средбата не го споменав договорот, тоа не може да се извлече како цитат затоа што не го кажав, но еве гледаме дека може да се прават лажни вести под владината палка и да се редат зборови во уста кои јас никогаш не сум ги кажал. Инаку да, порано сум истакнал, му го кажав тоа и на г-динот Борисов, а еве ќе го повторам и сега дека имам намера да подржам се што е добро за двете земји, тоа подразбира дека без никакви дилеми подржувам економска соработка, да јакнеме трговски, да градиме соработка со соседите, културно, спортски, научно да соработуваме, доколку проценам дека Македонскиот народ и граѓаните на Македонија имаат интерес од тоа. Но воедно тоа значи и спротивното, дека никогаш нема да прифатам работи кои се на штета на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија, непринципиелни барање, ултиматуми или компромиси со невистината за други цели. Јас дилема немам ниту за нашиот-македонецот Гоце Делчев и неговата борба за создавање на Македонска држава, ниту за посебноста на македонски јазик. Не сум човек кој прави компромиси со вистината, а најмалку на штета на Македонија.

И точно можеби сум нов во високата политика и со помала километража кога станува збор за билатералните средби, и можни се протоколарни слабости од кои учиме, но ве уверувам кога станува збор за суштината точно знам што говорам, за што се борам и какви интереси штитам и ќе продолжам да го правам тоа.

КУРИР: Зошто мислите дека лажната вест доаѓа од Владата?

Мицкоски: Јас не им се лутам на медиумите, ниту новинарите, напротив во сите до еден гледам партнер и соработник, но секако дека знам од каде доаѓаат овие вести, а тоа е од Владината зграда на Илинденска, а исто така го знам и мотивот, лажат зошто паѓаат од власт. Шират лажни вести за да помалку се збори за вистината, за да се стиши темата со Катица и нејзиното ослободување од затвор, за криминалците и убијците кои ги пуштаат на слобода, за да се стиши и онаа тивка но нептоценувачка кавга во СДСМ за коалицијата со ДУИ, каде кумашинот Зекири збори едно, а кумот Заев друго. За да не се збори за онаа ефтина престава за фингираната кавга помеѓу обвинителството и Апелација. Тоа е целата вистина. И луѓето од власта се во паника, им стигаат анкетите каде губат, а разликата се зголемува, знаат дека ги минуваат последните месеци на власт и затоа мора да лажат, а не гледаат дека во жив песок тонат. Наместо да засукаат ракавите и да решаваат проблеми, го ангажирале едниот министер од владата со измислен ресор кој граѓаните ги чини илјадници евра годишно, за чие трошење подетално ќе се позанимаваме по смената на власта, и оние советници околу Заев на кои кожата им се тресе од паѓање на власт, зошто таков неквалитет само Заев може да прибере, да пишуваат лажни вести, да ја убиваат вистината секој ден. Наместо да отворат некоја фабрика за нови работници, тие отворија фабрика за лажни вести. Но паѓаат на тестот на времето. Секоја лага им се распрсна, како онаа за имотот и уделот кој го имав со хидроцентралите, и оние десетици пресови на кои лажеа дека сум направил незаконско стекнување, а сега кога ги демантираше нивната Антикорупциска никаде ги нема ниту да се извинат. Исто како што постојано си фабрикуваат дека сум се сретнал со овој па со оној, дека сум имал некаков таен договор со Заев, можеби таков посакуваат, но јас договор со криминал на сметка на правда не правам, или пак онаа лага која им се распрсна напишана преку исечоци од повеќе руски портали или тоа дека сме биле антизападни, а јас сум чест гостин на сите настани од европско значење и од Европската Народна Партија и од германската владеачка партија ЦДУ. И таквите лаги кои ги шират имаат за цел и да ги покријат и нивните лаги и ветувања кои ги дадоа, а никако не може да ги исполнат.

КУРИР: Каков ќе биде вашиот одговор за лажните вести, планирате ли да тужите?

Мицкоски: Засега не, затоа што тоа не не води никаде, ниту пак планирам да се спуштаме на нивото кое го имаат тие и ние да креираме лажни вести. Не планирам да водам политика на ниски страсти, тоа не е тоа што им треба на граѓаните. Јас планирам да се занимавам со вистината која за нив е поразителна, е да, за тоа нека се подготват набргу и таа воопшто нема да биде пријатна за нив.