Владеачката партија во текот на изборните кампањи имаше големи ветувања за Штип и целокупната општина. Што од големите ветувања реализираа?

Веќе две години како ги повторуваме фразите дека оваа власт нема ништо изградено, меѓутоа тоа е вистина со која ние секојдневно се соочуваме. Уште за време на кампањата за Локалните избори беше јасно дека проектите кои се ветуваат се мегаломански и можноста за нивна реализација е помножена со нула. Меѓутоа, водени од потребата за власт и летаргично поседување на функција, властите од СДС даваа празни ветувања пред граѓаните, кои за жал нема изгледи дека ќе се исполнат до крајот на мандатот. Кога зборуваме на оваа тема, неминовно е граѓаните на Општина Штип да се потсетат на гласните говори на тивкиот Градоначалник, во кои зборуваше за спортско рекреативниот центар Суитлак, жичара на Исарот, гасификација на Штип, брана на река Отиња… Дел од овие работи се сон на нашите сограѓани, меѓутоа, гледајќи од аспект на капацитетот и енергијата која ја пласира Градоначалникот на Штип, со жалење можеме да констатираме дека набројаните проекти ќе останат запаметени како глас даден за неостварени ветувања. Генерално, ова се изгубени години за нашиот град.

Дали можете да издвоите каде според вас потфрлија најмногу?

Општина Штип е една од ретките општини во државата која својот раст и развој го проектираше да биде насочен токму кон младите и нивниот иден прогрес. Отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, изградбата на Клиничката болница, зајакнатата инфраструктура кон главниот град, урбанизацијата на населби за млади, беа само почеток за стратешкото насочување на општината кон младите. Меѓутоа, во изминативе две години застојот кој се забележува е неминовна вистина за штипјани. Имено, локалните и централните власти го заборавија Штип и на тој начин ја отворија вратата за иселување  на младите. Сега Штип енормно го намалува својот интензитет на развој, се намалува бројот на запишани студенти, се затвораат факултети, а тоа води единствено кон иселување и напуштање на иднината во Македонија. Градоначалникот не ја исполни младинската гаранција која ја даваше додека бараше глас повеќе од своите сограѓани, а тоа резултира со секојдневно иселување од градот кој стагнира.

Што е тоа што најмногу ги разочара младите, но и сите граѓани на Штип? Дали тоа е криминалот, корупцијата непотизмот…

Ние секојдневно се соочуваме со дојави, коментари на социјалните мрежи или објави на портали со информации од јавен карактер во кој го гледаме однесувањето на власта. Ваквите работи ни станаа навика и ние активно ја информираме јавноста за истото. Или, да бидам поконкретен. Во Штип не само што директно ја „фативме“ власта како реализира набавка со економски оператор кој се‘ уште не беше одбран на тендер, туку и блиски роднини на Градоначалникот редовно добиваат тендери од локално јавно претпријатие. Во оваа низа не би ја испуштил и изградбата на зграда во централното градско подрачје од страна на компанија во директна поврзаност со таткото на градот. Ова се само никулци на криминалот кој владее во Штип. Од друга страна пак, непотизмот е развиен и унапреден во форма невидена до сега. Маж и жена – директори на институции, директори вработуваат свои блиски и роднини во јавниот сектор, кабинетот на Градоначалникот преполн со партиски неискусни кадри. Со еден збор, буквална анархија во раководењето на општина каква што е Штип.

Дали ова значи дека искуството беше ставено во втор план наспроти блискоста со власта? Донесе ли тоа “партиски реваншизам“?

Начинот на владеење карактеристичен за СДС го знаат и повозрасните, но сега за жал на своја кожа го почувствуваа и помладите генерации. Бран на бескомпромисни отпуштања од работа имавме уште со превземањето на локалната власт од страна на СДС. Тоа резултираше со оставање на улица на кадар кој беше обучен и искусен. И наместо да се унапредат, луѓето беа заменети со несоодветни партиски војници, кои се‘ уште се „борат“ со реализацијата на дадените задачи. Освен тоа, голем број од вработените се соочуваат со мобинг, кој е како резултат на нивната блискост со ВМРО-ДПМНЕ. Иако тоа е забрането со Закон, власта користи суптилни методи, кои ги демотивираат луѓето и кои единствен спас и излез од состојбата гледаат надвор од државата.

Како ја оценувате економската состојба во вашата општина, донесе ли власта некоја инвестиција реализираше ли некој проект од економско значење за општината?

Во 2015 година, Financial times го прогласи Штип за најрентабилен град до 100.000 жители во Европа. После почна вештачки создадената криза која требаше да ја донесе на власт оваа рекетарска хунта, за денес да имаме град кој тоне во очај и безидејност. Штип е еден од најголемите градови во Македонија и стратегијата за негов развој беше направена на основа на образување на млади кадри, кои ќе бидат подготвени да одговорат на потребите на пазарот на трудот, кој беше унапреден со индустриските зони во кои инвестираа домашни и странски компании. Меѓутоа, со доаѓањето на оваа деструктивна власт, веќе трета година не сме виделе ниту странска инвестиција, ниту блиска соработка со бизнис секторот, ниту креирање на услови младите да се вработат после завршување на високо образование. Или да резимирам, од град во кој индустријата го диктираше темпото на развој и овозможуваше светла иднина за младите, Штип се претвори во политички монопол на една фамилија која има интерес само да ги задоволи своите тесногради амбиции.