Добар е исчекорот да се избегне оној експеримент со прогресивно оданочаување и да се вратиме на претходното решение. Тоа е така зошто рамниот данок се покажа ефективен во собирање на средства и се покажа стимулативен за компаниите. Оттука компаниите располагаа со најголем дел од она што е профит, а тоа пак им овозможуше реинвестирање и поттикнување на инвестицискиот циклус. Цената на овој експеримент ја платија граѓаните, рече Кирил Миноски од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на телевизија Алфа.

Според него несериозно е да се тргне во реформа без соодветни анализи и потоа да се бараат привемени решенија.

-Секоја неизвесност во фискалната политика креира незивесност кај приватниот сектор. Компаниите прават долгорочни програми и не треба да се оди на замрзнување на прогресивниот данок, туку на напуштање, посочи Миноски.

Тој посочи дека аругментите на кои укажуваше ВМРО-ДПМНЕ уште кога СДСМ го најавуваше концептот на прогресивен данок, се исти и важат и денес.

-Прогресивниот данок нема да доведе до намалување на нееднаквоста. И стопанските комори и нивните истражувања го покажаа тоа што ние го говоревме. Истражувањата покажаа дека рамниот данок, а не прогресивниот придонесува за намалување на разлики во дистрибуција на приход. Оттука сметам дека ниските даноци и пазарната ориентираност даваат подобри резултати. Ние укажувавме и на проблемите на приходната страна, потоа на мобилноста на капиталот од луѓе од ИКТ индустријата, потоа од интелектуални услуги, рече Миноски посочувајќи дека сетоа ова покажува дека нивните аргументи се валидни и денес.

Миноски јасно укажа на конзистентната политика за која се залагаат.

-Нашите ставови се кристално јасни. Ние мислиме дека рамниот данок е праведен, зошто оптоварувањето е процентуално еднакво, но во апсолутниот износ се разликува. Укажувавме и на аргуметот дека рамниот данок доведува до намалување на нееднаквоста, потоа на предвидливост на деловното опкружување, зашто ако се змрзнува едно решение, а потоа воведуваме други решенија, тоа креира незивесност кај инвеститорите, и домашни и странски, објасни Миноски.