Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во рамките на кампањата “Обнова за Македонија” го посети Куманово, беше гостин во емисијата “Став” на ТВ Плус. Околу најавите на Зоран Заев за еколошки превоз и гасификацијата во општините, Мицкоски истакна дека тоа се уште една низа на лаги кои се содржани во мега лагата за живот.

-Се сеќавате со гас маски се шетаа, се сеќавам на онаа изјава на министерот за информатичко општество на Водно качен кога велеше доаѓа промената, доаѓа животот, и одеднаш ќе почне Алпски воздух да дува низ Македонија. Денес, никогаш позагадена не била Македонија, вие кумановчани сте посебно за тоа сведоци. Денеска е течко да се дише во Куманово. Многу луѓе имаат проблем со респираторниот систем и тоа претставува сериозан проблем на секаде, не само во Куманово. На говорница пред неколку дена го слушав Заев како вели дека 84 проценти гасификацијата ја завршил и дека дал насока кон градоначалниците на општините дека 2020-та да почнат со градба со секундарната и терцијалната. Секоја година е економска година, а од економијата ни “е” нема. Секоја година се гради Чеврене и Галиште, еве ноември дојде не само што не се гради туку и веќе никој не ги спомнува. А еве ви кажувам сега и најспособната влада на свет да дојде и да почне да работи најспособниот тим на светот, најбрзо што може да почне да се гради секундарната и терцијалната гасификација е за две години од денес. Но, доколку го завршеа тендерот во 2017-тата, а не го поништеа со некои атипични и неинженерски образложенија, ние денеска можеби во некои општини ќе имавме почеток на градежните работи, рече Мицкоски.

Околу еколошките автобуси, Мицкоски се сомнева дека ниту на Шилегов ниту на планот на Заев е остварлив.

-Јас им се чудам. Дали на шини дали на тркала. А ниту едното е можно, а ниту другото. Но, затоа пак, цената од 100 милиона е најмалку 3 пати поголема од онаа што би требало да биде за едни такви автобуси на водород или поинаков начин на превоз. Така што сведоци сме на една какафонија. Едниот едно ветува, другиот друго. Тоа сега ќе биде епидемија на ветувања, се што ќе им падне на памет ќе ветуваат. Можеби и бесмртност. Уште тоа остана да се вети. Се ќе слушнете сега од Зоран Заев, само да остане таму каде што е. Е сега, граѓаните се тие што треба да одлучат. Дали ќе веруваат на стабилни личности, со визија, со стратегија или ќе веруваат на човек кој што се колнеше во најмилото а лажеше. Тие треба да одлучат, а јас верувам во мудроста на граѓаните, рече Мицкоски.