Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајлоски во емисијата Став на Телевизија Плус, изјави дека случајот Рекет да не се објавеше во медиумите немаше ни да постои и сега се се прави за да не се стигне до главните извршители, затоа што не е само овој случај, туку има уште многу други.

-Ќе се обвинат некои лица за да не се стигне до главните. Излегоа многу снимки во странство и да не излезеа тие снимки можеби немаше да има ваков случај, да не почнеа да пишуваат новинари дека има нешто вакво нешто се случува и не е само овој случај има многу вакви случаеви кои моментално се коментираат. Не е само рекет 1, има и рекет 2 и можам слободно да кажам дека има уште многу и тие полека сите ќе излезат на виделина, потенцираше Мисајлоски.

Тој истакна дека оваа власт ја интересира единствено како да ги наполни торбите со пари, но наскоро ќе излезе на виделина се што правеле, бидејќи веќе се зборува и не може да сокријат од јавноста да дознае дека луѓето од власта се најголемите извршители на рекетот.

Во врска со законот за јавно обвинителство Мисајлоски вели дека СДСМ сака со интриги да направи некој закон за да го покаже пред меѓународната заедница дека „ете направен е закон“, а во суштина тоа да биде закон чија единствена цел ќе биде прогон на ВМРО-ДПМНЕ и политичките неистомисленици на СДСМ.

– Имаме принципи, не се прави овој закон за политичките партии, овој закон треба да се направи пред се за граѓаните на Република Македонија да се врати довербата. Далеку сме од ставовите бидејќи, многу пати она што е договорено СДСМ го прифаќа на наредната средба ретерираат. Еднаш прифатиле опозицијата да го предлага јавниот обвинител, на следната средба тоа се повлекува и секогаш играат топло- ладно бидејќи не сакаат да биде како што треба законот, сакаат закон нешто слично на СЈО, бидејќи знаеме дека во СЈО најголем дел од луѓето се поврзани со СДСМ каде што политичари кажуваат кому да се отвори истрага, нагласи Мисајлоски.