Мисајловски:Да не се прикрива врвот на криминалниот октопод само со Катица Јанева

Интервју со Владо Мисајловски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за порталот Вечер

Трета година ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, по неколку години сериозна политичка криза. Успеа ли партијата во овој период да се консолидира, кадровски целосно да се екипира?
– Апсолутно партијата е на цврсти темели и целосно е консолидирана, а впрочем докажавме на последните претседателски избори дека сме најголемиот и најорганизираниот политички субјект во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има одлични кадровски потенцијал на сите нивоа, но партијата е секогаш отворена за секој што чуствува дека има капацитет и желба да ни се приклучи и да биде дел од партиската организација.

На роденденот на ВМРО-ДПМНЕ беше преставен нов визуелен идентитет за програмата насловена како Обнова на Македонија. До каде е изработката на оваа програма и што ќе понуди за граѓаните на Македонија?

– Брендот на ВМРО-ДПМНЕ се проектите и нивното реализирање, за нас дадениот збор и ветувањата кон граѓаните е императив на кој мораме да опстоиме и да го оствариме. Оваа власт се што вети не исполни, а од друга страна се фали со проекти што беа започнати од претходната влада, но гледаме дека немаат капацитет ниту пак желба да ги завршуваат. Обнова на Македонија мора да следи поради пепелта што ја остава оваа власт во секој домен и со секое нивно делување.

Македонија повторно е во фокусот на европската и светската јавност поради корупциските афери и неиполнувањето на критериумите за добивање датум за старт на преговорите со ЕУ. Да одиме најпрво со датумот, кои се вашите очекувања за септември, а што мислите дека реално ќе добиеме?

– Корупциските афери, рекетот и тргувањето со правото и правдината се огромна кочница на оваа влада и истите ќе бидат нотирани како нов предуслов за европската перспектива. Доколку оваа влада поседуваше европски вредности до сега ќе поднесеше колективна оставка, но за елитата на власта е поважно да си ги договараат тендерите меѓу себе, да си имаат свое судство и да ја задолжуваат државата. А, од друга страна да нема капитални проекти, да, имаме економско фијаско, да продолжуваат со непотизмот, до прикриваат афери и скандали, и се разбира поради целата неспособност продолжуваат да ја прогонуваат опозицијата со измислени и фабрикувани предмети. Ова се само дел од негативните последици на оваа влада и затоа е се подалеку шансата да бидеме дел од европското семејство и да добиеме старт на преговорите следниот месец.

Весникот La verita објави видео бомби во кои се гледа како се врши рекет од лица блиски до власта, со помош на СЈО. Ова е можеби најсилната афера до сега, но сепак е само еден мал сегмент од корупциските скандали.

– Ова е најголем скандал на било која влада до сега во нашата историја, сите можевме да видиме, но и да слушнеме како се тргува со правото и до каде се овој октопод е раширен. Очигледно е дека целиот прогон од власта кон опозицијата е да крене димна завеса кон ВМРО-ДПМНЕ, но додека трае линчот кон опозицијата, под завесата се шири октоподот на криминалот и рекетот на оваа власт што е секојдневие во Република Македонија.

Пред само неколку месеци беа притворени член на ИК и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ како и други службеници за банално обвинение во управна постапка, но од друга страна гледаме дека на секој можен начин за случајот РЕКЕТ пробуваат да прикријат како овој предмет да добие целосен расплет и да се стигне до сите што биле инволвирани. Со самото водење на целиот предмет народот е разочаран и не верува во правната држава, а уште помалку во институциите и во владата.

Затоа најдобро е веднаш да се повлечат од своите позиции и да се оди на предвремени парламентарни избори.

Од сите настани поврзани со случајот РЕКЕТ, очигледно е дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со сигурност ќе има одговорност и веќе кривично е опфатена со ова дело, но дали ќе се стигне до врвот на пирамидата е прашање кое е круцијално и најсуштествено. Дали Катица Јанева ќе биде жртвено јагне за да не се стигне до врвот и да се прикрие целиот октопод ќе биде главниот расплет на настаните што ќе биде најважна тема во наредниот период.

Имаме случај Талир 1 и Талир 2, процеси против ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија. Тоа се покренати и прифатени обвиненија од СЈО и Судот, со замрзнат имот на партијата, по истекот на мандатот на поднесување обвиненија од 30 јуни 2017, првото на ден кога се гласаше за промена на името во Собранието. Од друга страна, гледаме како СЈО и Судот работат за случаи за кои интернационални и домашни медиуми објавуваат дека биле кеширани.

– Целта на овие и многу други предмети против функционери на опозицијата е како да се ослабне ВМРО-ДПМНЕ во очите на јавноста и да се прикажува во најцрна негативна конотација се додека оваа гарнитура ја држи власта. Се појасно му е на секој граѓанин дека целата хајка кон нас како политичка партија е да се промени името на државата, да се распродадат националните интереси, да се уценуваат политичари, а сето тоа да се прави преку судски постапки и интриги. Но, веќе оваа власт е целосно демаскирана и се што прави, прави во очај и се повеќе се дави во својата жива кал.

Капиталните инвестиции се на историски најниското ниво од 20%, а од друга страна задолжувањето е најмалку двојно поголемо. Каде одат парите?

– Веќе трета година не можеме да видиме ниту еден нов капитален проект на оваа влада, ветувањата од 500 километри нови автопати, 800 километри експресни патишта или пак 1.000 километри локални патишта останаа само како празни зборови и уште една невистина во портфолиото на оваа гарнитура.

Иако се расфрла владиниот ПР дека блескаме на секое ниво, за жал реалноста е поинаква и имаме пад во економијата, а посебно во градежниот сектор.

Најавата за нов Клинички центар ја слушаме веќе трета година, а остануваат многу дилеми што се непознати: никој го нема видено проектот за нов клинички центар, никој ја нема видено предмет пресметката колку ќе чини оваа градба, дали средствата се обезбедени, дали се подготвени основните проекти за градба и дали е започнато со прибавување на потребните одобренија за градење. Се крие од јавноста целиот проект, а слушаме дека ќе чинел над 500 милиони евра, но познавајќи ја оваа влада, сигурно во позадина се работи за некој нивни бизнис интерес.

Ниту една влада предводена од СДСМ не се пофалила со капитални инвестиции, но дефинитивно оваа влада ќе биде запомнета за потрошени најголем број на средства од буџетот на државата за непродуктивни трошоци и најмалку реализирани ветувања кон граѓаните.

Фајненшл тајмс посочува дека Србија е лидер по странски директни инвестиции во регионот. Истовремено додека владата вели дека имаме рекорден прилив во буџетот од странските директни инвестиции, Македонија бележи пад во истите за 15 места за последниве 2 години.
– Од лидер во регионот по странски инвестиции сега сме на самото дно, но гледајќи го тимот кој е задолжен за привлекување на странски инвестиции, можевме од старт да предвидиме дека ќе се случи тотален колапс на оваа тема. Падот од 15 места е загрижувачки, но трендот покажува дека се очекува и наредните години инвеститорите да заминуваат од Република Македонија или да бараат подобра бизнис клима.

Поради корупцијата и рекетот од страна на власта, но и неефикасноста на институциите да се стават на располагање на секој инвеститор, веќе исчезнуваме на мапата за атрактивни бизнис дестинации.

Претходната влада оствари многу контакти и договори со десетици инвеститори кои веќе ја имаа донесено одлуката да инвестираат во Македонија по неколкугодишни преговори и убедувања, но само дел од тие компании инвестираа и затоа падот не е уште поголем и е само 15 места. Но, поради недоволниот ангажман на оваа власт повеќе не сме интересна земја за инвестирање и самите инвеститори заминуваат во соседството. Жално е што огромен систем и организација за привлекување на странски инвестиции креиран од претходната влада не го превземаа и го унапредија, туку оваа власт го урна и треба од темел да се фати целата стратегија како нашата земја повторно да стане атрактивна и пожелна земја за економија.

Затоа е потребна Обнова на Македонија и нова влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи само така можеме да имаме нови проекти, нови градинки, нови болници, нови зголемувања на платите, нови болници, нови патишта и се разбира нови директни инвестиции.

Поврзани вести

Арсовски: Цели 5 месеци Русковска, Јовевски, Заев си играат со интелигенцијата на граѓаните и се обидуваат да го прикријат најголемиот криминален скандал во Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани,...

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...