Николов:Филипче, доста е од приватизација на здравствените институции и сомнителни тендери

Интервју на Игор Николов, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за порталот Република

Рекет – актуелно прашање кое цел месец ја бранува и домашната, но и меѓународната политичка сцена. Каква завшница очекувате?

Д-р Николов: Аферата „Рекет„ ја отсликува нефункционалбноста на судството и фијаското во реализацијата на толку ветуваната реформа на истото, а предводена лично од Премиерот Зоран Заев. Избивањето на оваа афера, токму потврдува дека се немало никаква воља и желба да биде подобрено и реформирано судството, туку дури напротив, се чини дека Премиерот и неколку луѓе од неговото потесно опкружување успеале да го „впрегнат„ судскиот систем се со цел личен профит и богатење на поедници. Сето тоа под превезот на некаква „хуманитарна активност„.

На меѓународната политичка сцена тоа ќе потврди уште еднаш дека оние планови како што беше “планот 3-6-9”, па потоа “планот 18”, па потоа “телото за реформи на судството и институциите”, операцијата „метла„ итн биле само ветувања за кои ниту се направил некаков обид да бидат спроведени, ниту пак се помислувало да се реализираат. Туку единствено со тие планови, тела и комитети итн, кои исчезнаа како во „Бермудски триаголник„, единствено се замајувала меѓународата заедница.

Очекувам целата оваа афера „Рекет„ и сите настани околу неа да завршат со формирање на техничка влада, која ќе се насочи во подготовка на предвремени парламентарни избори. Сметам дека кредибилитетот на Зоран Заев и неговата Влада, како и кадровските решенија кои ги спроведуваше и понатаму се обидува да ги спроведува не даваат никаква надеж дека нешто суштинско и добро за државата ќе се случи. Знаејќи го сето ова, сметам дека единствена разрешница на актуелнава политичко-судска-криминална афера се предвремени избори што побрзо.

Верувате ли дека се работи за злоупотреба на имиња во овој случај?

Д-р Николов: Немам детални информации во врска со употребата или злоупотребата на имињата, сепак непријатностите од оваа афера и појавата на одредени имиња или псевдоними ќе имаат штетно влијание во повеќе сфери, особено врз судскиот систем каде што целосно и комплетно е нарушена и детериорирана вербата на луѓето во Обвинителстовто, во обвинителите, а особено во СЈО. Потоа врз новинарството и новинарските кругови каде што практично видовме дека оние кои што се претставуваа за истржувачки новинари и истражувачко новинарство, биле всушност целосно спротивно нешто од тоа. Понатаму, штетата врз бизнис климата и бизнис заедницата е огромна, бидејќи станува повеќе од јасно на кој начин, како и преку кого може да се води бизнис во земјава, да се добиваат информации и предности за компании и нивните деловни постапки преку манипулација и трговија со доверливи информации и судско влијание врз нив. Врз основа на ова, воопшто не е ни за зачудување зошто Македонија е падната за 15 места во класификацијата на „Финаншал Тајмс“. На крајот на краиштата, штетата е огромна и за политичкиот систем, каде што јасно се гледа дека нема никаква граница меѓу политиката и судството и дека правдата се злоупотребува, се тргува со неа и сето тоа за лична корист и за лични придобивки. Креирана е негативна слика за политичарите, кои заедно со обвинителите на СЈО се чини дека се главните протагонисти во аферата „Рекет„.

Очекувате ли после се дека ќе се остварат најавите на Заев за датум за преговори?

Д-р Николов: Најавата за датум за преговори ја имавме уште и минатата година. За жал, остана само најва заради тоа што Владата на Зоран Заев требаше да испорача три клучни реформи во периодот додека владее со земјава и тоа реформи во судството и администрацијата, во безбедносните сужби и безкромпромисна борба со корупцијата.

Последниве настани околу аферата „Рекет“ фрлаат црна дамка врз судството и судскиот систем во земјава, како и се доби потврда дека не постои некаква политичката воља за било какви реформи во судството и администрацијата. „Рекет“ потврди дека нема никакви реформи, а борбата со корупцијата е само декларативна. Дипломатските претставници на земјите од ЕУ кои што се во земјава, во рамките на своите работни задачи ќе мораат да ги информираат своите матични Министерства за состојбите во земјава како и за развојот на настаните. Знаејќи го сето ова, скептик сум дека може нешто да се случи во врска со прашањето на датум за преговори во блиска иднина од неколку месеци. Единствено со брзо расветлување на аферата „Рекет“ можеби е возможно нешто да се подобри. Сепак, познавајќи ги капацитетите на оваа Влада, како и нивниот непосветен и неискрен пристап кон реформите, јас лично не верувам дека ќе добиеме датум за преговори во Октомври оваа година, ниту пак до крајот на годината.

Јавно Приватно Партнерство (ЈПП) во здравството – се најавуваше како голем проект кој ќе донесе до унапредување на здравството, намалување на трошоци… Тоа е она што не успеа со Детската кардиохирурхија. Каде е грешката според вас? Постои ли можност за вакво партнерство кое би било во полза на пациентите?

Д-р Николов: Би сакал да бидеме на јасно, јавно приватно партнерство во здравството во периодов од последниве три години воопшто немаше. Единствено се случи неповратен трансфер на кадровскиот потенцијал од јавното здравство во приватното здравство, а Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување тоа го пакувааа во една “обланда” така наречено јавно приватно партнерство. При тоа мора да биде јасно дека јавните институции во овој проект на ЈПП за детската кардиохирургија, немаа никаков бенефит туку само штета. Никакво унапредување на здравството не се случи, туку бевме сведоци како се доделија одредени здравствени процедури на една приватна здравствена институција и во исто време видовме како цените кои што ги плаќа ФЗОМ за тие процедури беа зголемени во неколку наврати. Медицинскиот персонал кој што поверува во искреноста на ЈПП беше изманипулиран и сега тие медицински лица се принудени да бараат работа или во други приватни здравствени установи или во странство. Повеќе од очигледно е дека во овој процес се привилегираше приватното здравство на сметка на јавното здравство. Трошоците не се намалени туку може слободно да се каже дека дури се и зголемени, особено имајќи во предвид дека опремата која што беше набавена за УК Детска Хирургија во вредност од 1.5 милиони евра стои недопрена. Нејзината амортизација продуцира единствено загуба. Во исто време не сме убдедни дека пациентите добија подобра здравствена интервенција. Воедно нема ниту еден извештај доставен до Министерството за здравство или до Фодот за здравствено осигурување за бројот на реализирани интервенции како и нивниот исход.

Јавно приватно партнерство како концепт би можел да постои кога би се имало обостран интерес и за јавните здравствени институции, како и за приватниот партнер. Тоа би било кога кадровските капацитети од приватните институции би биле оперативни и активни во јавните институции, па би постоело размена на експертиза и искуства. Кога подобрите услови за работа во приватните институции би биле ставено во сервис на јавното здравство, но и кога преносот на знаење од приватните институции би бил ефективен и оперативен во јавните здравствени институции. Вака како што беше спроведено, целиот кадровски потенцијал го искористија приватните институции, а јавното здравство ниту доби експертиза ниту бенефит од овој тип на соработка кој во никој случај не е ЈПП.

Зошто нема медицински кадар во земјата? Се затворија неколку оддели во „8 септември“ токму поради недостиг на кадер.

Д-р Николов: За недостигот на медицински персонал во земјата, како објаснување можат да се набројат повеќе фактори и тоа незадоволителните услови за работа, преоптеретеноста со пациенти, лошиот менаџмент со здравствените институции, па се до несоодветната функционалност на медицинските факултети и средните медицински училишта во земјата. Имено, деновиве бевме сведоци дека според меѓународната Шангајска листа на калсификација на универзитетите, ниту еден универзитет од Македонија не е меѓу првите 1000, ниту пак помеѓу првите 1500 рангирани универзитети во светот, што значи дека нешто се случува на Универзитетите.

Студентите по медицина на кои што им држам вежби и специјализантите на медицина учат странски јазик вообичаено германски и се подготвуваат да ја напуштат земјата. Ни се случува да нашите специјализанти со тукушто отпочната специјализација вадат документ и ја продолжуваат истата во земја каде што на факултетот постојат услови и постои вистински трансфер на знаење и кога тие ќе го завршат, подготвени се вистински да работат и да пружаат автономно здравствена заштита при своите секојдневни активности. За разлика, кај нас колегите за време на студиите и специјализациите добиваат незадоволителен трансфер на знаење, па се потребни 5-6 години по специјализацијата тие да можат да бидат самостојни и автономни. Истото се случува и со средните медицински училишта, каде што идните медицински сестри и техничари добиваат незадоволително знаење за да можат автономно и самостојно да работат.

Имаше низа ветувања за лекарите, платитеод 100 илјади денари, подобрените услови за работа, за пациентите бесплатно болничко лекување кои останаа нереализирани…

Д-р Николов: На Македонија како и на соседните земји им се случува егзодус на квалифициран пероснал кој бара подобри услови за работа и подобри плати. Ветувањето на Владата на Заев за 500 евра просечна плата не е остварено и тоа особено го чувствува средниот медицински персонал, а ветувањето за 100 илјади денари основна плата за лекарите специјалисти со оваа динамика на реализирање нема да се постигне ни до 2025 година. Матичните лекари, наместо да се позиционираат подобро и централно во здравствениот систем се маргинализираат и нивното значење се нарушува. Ветувањата за нив за зголемена капитација ниту се на повидок.

Понатаму, сведоци сме дека се прекина проектот за изградба на Клиничкиот центар Мајка Тереза и се случи да пациентите и медицинскиот персонал бидат осудени да се лекуваат во руинирани згради во Кампусот Мајка Тереза. Изградбната на Клиничката Болница во Штип е застаната, изградбата на Болницата во Кичево е исто така застаната. Се прават обиди за реновирање на одредени павиљони од болници, но сето тоа се прави стихијно и без стратегија. Најавата за Новиот Клинички центар во Сарај, е на самиот почеток иако поминаа 3 години. Се спроведува некаква тендерска процедура која не е јасно ниту како ќе се спроведе, ниту дали може да се спроведе законски кога се знае дека според закон треба да бидат обезбедени финансиски средства за секоја тендерска процедура.

Има ли проект на Филипче кој може да го потенцирате како успешен?

Д-р Николов: Можам единствено да кажам и да детектирам дека позитивен чекор на Филипче во овој период на владеење е дека успеа да се избори специјализантите да добиваат плата, иако постапката е нецелосно завршена заради тоа што исите специјализанти се оставени да дежураат без да бидат платени. Оставени се без да бидат зачувани нивните работнички права и законски обврски до колку часови смеат да остануваат на работа. Потребно е во континуитет да се работи за подобрување на статусот на малдите лекари и специјализанти, особено да се подобри менаџментот на пренос на знаење, доколку сакаме да имаме одржлив здравствен систем.

Останува уште многу работа за да се подобрат здравствените услуги за граѓаните и убеден сум дека актуелната екипа во Министерството за здравство нема капацитет тоа да го направи. Потребно е да престанат да се фокусираат на приватизација на здравствените институции, да престанат да мислат на тендери во здравството и да престанат со бескорисни физибилити студии.

 

Поврзани вести

Арсовски: Цели 5 месеци Русковска, Јовевски, Заев си играат со интелигенцијата на граѓаните и се обидуваат да го прикријат најголемиот криминален скандал во Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани,...

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...