Михајловски:Да станеме сите за да се ослободиме – на Македонија ѝ треба сенародно ненасилно востание

Интервју на Тони Михајловски, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за пораталот Република

Имавме период на нови т.н. Бомби, во кои имавме можност да слушнеме разговори кои потврдуваат дека специјалната обвинителка Катица Јанева била во контакт со Бојан Јовановски, кој е во притвор за рекетирање и бизнисменот Орце Камчев. Како ги коментирате актуелните случувања? Боки 13 е еден од вашите „омилени“ликови години наназад?

Михајловски: Актуелните „случувања“ ќе ја турнат оваа психопатска елита. Поточно таа одамна е турната, но актуелниве случувања беа сериозно напукнување на браната после кое почнаа да течат докази кои го покажуваат системот, методите и патологијата со кои таа се одржувала на власт.

Легендата вели „за какво оружје ќе се фатиш, од такво оружје ќе загинеш“.
Лицето ЗЗ, тргна во борба против „криминалот“ со нелегални прислушкувани разговори, без да го открие изворот, со уцена и рекет ја освои власта на сила, исто така ја спроведува, и сега се соочува со легални снимки во истражна постапка потегната од соседна земја, по пријава на оштетениот односно уценуваниот и рекетиран бизнисмен, а како се развива приказната гледаме дека не е единствен кој е рекетиран и уценуван. Од друга страна, од Чикаго, се објавува дека „Рекет“ е мултиетнички „проект“.

Да не заборавиме дека имавме можност да ја гледаме и видео бомбата „евро за мене, евро за црквата”, во која градоначалник врши рекет, но судот донесе ослободителна пресуда за првообвинетиот. Ниту казна за запалената цигара во службени простории не му стигна.
Да се потсетиме дека во сагата „Глобал” осудениот беше аболиран од лицето Б.Ц за докажан, вреди да се повтори, докажан криминал од 8 милиони евра.

Значи, без разлика колку пати ќе биде аболиран, ослободен од судот како миленик, ние имаме докажан криминалец на премиерската фотелја кој со уцена дојде на власт. Рекетот со Тредичи е само продолжение, само еден мал крак на огромен и лаком октоподот, на рекетот што почна уште кога лицето ЗЗ ги доби бомбите. Слободата и вистината тогаш си замина од Македонија. Тој ги држеше сите под контрола. Така доби коалиција. Така доби цинкароши од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Така доби мнозинство. Тоа е неговиот начин на функционирање очигледно. Тој е главата на октоподот. Се друго се регенерира ако отпадне. Тредичи и останатите се веќе потрошена роба. Тој нема да дозволи, како што рече и самиот, „еден педер, криминалец и исфрустриран новинар да го бутнат од власт” иако истите му беа добри кога со нокти и со заби се бореа да го донесат на местото кај што е сега. Тоа само покажува колкав политички камелеон е лицето ЗЗ. Прашање на време е кога ќе му излета што навистина мисли за Албанците.

Каде го гледате излезот од актуелната состојба?

Михајловски: Одговорот стои во химната. Старо младо, машко и женско да се кренеме на нозе и да излеземе на улица, и да не се повлекуваме додека не се распишат демократски предвремени парламентарни и локални избори, со кои ќе дојде до рушење на овој хибриден режим на централно и локално ниво. Сенародно ненасилно востание во кое ќе народот ќе ги преплави улиците и ќе ја покаже својата огромна љубов кон земјата. Да станеме сите за да се ослободиме. Да се обединиме и покрај разликите, секој со својата борба и идеологија во име на Македонија. Тоа би бил излезот.

Има сигурно и други начини како да се излезе од оваа ситуација, но да се надеваме дека ќе го одбереме оној што ќе донесе напредок и благосостојба на Република Македонија и македонскиот народ, наместо некој што ќе не уназади и ќе донесе немир.

Сепак, изборот на излез од оваа агонија најмногу ќе зависи од начинот на игра што ќе го одбере оваа патократија и психопатска елита. Дали ќе биде, барем еднаш, доблесна и ќе си поднесе оставка, или ќе станува се поопасна како ќе и се приближува крајот.

Познавајќи ги од минатото, мислам дека ќе го одберат вториот, лошиот начин. Не би ме изненадило да воведат и полициски час.

Демократија! Најавуваа правда за сите, животот ќе дојде. Имавте судски спор за фејсбук статус. Бараа од вас да му се извините на новинарот Бранко Тричковски, познат по статуси полни со говор на омрза, повик за насилство…Демократија или цензура? Што и донесе СДСМ на Македонија?

Михајловски: Донесе окупација и капитулација. Донесе патократија-тоталитарна форма на владеење со апсолутната моќ во рацете на психопатска елита, под која целото општество се изопачува а го водат и движат чисто патолошки вредности. Таа превзема било каква форма и неприметно се инфилтрира во систем кој е замислен и претставен како праведен, како демократијата, или во некој очигледен насилен модел на владеење како што е случајот во Р. Македонија: гушење на индивидуализмот и креативноста; осиромашување на моралните вредности; личниот интерес има апсолутен примат; алтруизмот не постои; централно управување; сеприсутна корупција; тајни активности во структурите на власта; следење и прислушкување на населението; произволно и неправедно законодавство; партизирано судство; строго контролирани медиуми.

Донесе голема пештера преполна со лаги. Донесе пораз. Пораз кој го претставува како победа. Станавме први на сите црни листи во светот и последни на сите битни. Донесе голем срам. Срам за предците, за тие што живеат сега, и оние што ќе дојдат после нас.
Предавство. Неизвесност. Грабеж. Поскапување. Криминал. Убиства. Корупција. Сиромаштија. Рекет. Уцена. Волунтаризам. Девастација. Простотилак. Неморал. Разочарување. Бездушност. Неспособност. Омраза. Поделба. Одмазда. И многу злоба.

СДСМ ја врати Република Македонија во времето пред ‘45, кога окупаторите народот го нарекувале како сакаат, а земјата ја делеле како ќе им кажат. Ете, тоа го донесоа.

Мене не ме тужеше гореспоменатиот Б.Т. Мене ме тужеше ЗНМ. И ме доби. Во животот сретнав луѓе кои ќе те предизвикаат на вербален “двобој” и од како ќе им го прифатиш предизвикот се жалат на органите и институциите. Таму каде што немаше дело, ОЈО виде, покрена постапка а судот пресуди во корист на ЗНМ. Така да најверојатно сум првиот осуден за говор на омраза и повик на насилство на ФБ. Толку од слободата на говор. Му се извинив. Згрешив што паднав на толку анимално ниво. Интересно е што како што кажа Бранко Езоп Героски, така и бидна. „Премиерно ќе го крка Тони Шанац”-насловна на Слободен Печат мислам. Мислам дека е фрустриран видовит раскажувач на басни.

Останавме без име, историја и јазик, но да не дозволиме да останеме без националните пензии и картите. Секако и без фестивалите. Тоа не смееме да го дозволиме – ваш статус кој предизвика внимание во јавноста, но не секој ја препозна иронијата во него? Што најмногу ве боли? Што изгуби Тони Михајловски како Македонец?

Михајловски: Уметниците, поголемиот дел за жал, се премногу тивки и комотни по однос на уништувањето на државата, промената на името и бруталните апмутации во културата а некои, за уште поголема жал и срам, сето тоа го креираат и подржуваат. Ако разочараните очекуваа дека после обезличување на нацијата, и обезвреднување на институциите ќе им преживеат националните пензии, фестивалите, и дека културата во било која форма воопшто некому ќе му биде битна жал ми е за нив но, многу повеќе ми е жал за културата со такви безрбетни уметници кои со огромна дистанца и спокој гледаат како им се уништува државата.

Не изгубив јас ништо друго освен време расправајќи се со идиоти.

Мене, и на многу други, на сила ми го забранија правото на самоопределување. Јас не сакам да бидам граѓанин на севернамакедонија, или северномакедонец. Или недај Боже македонски Бугарин. Само Македонец ми е доволно. Но, не ми е дозволено. Јас не се согласувам со промената на името, но не ми е дозволено да го користам сега веќе старото име на мојата земја. Ми го забранија правото да се идентификувам и повикувам на сите стекнати придобивки, признанија, кодови, ликови, дејци, кралеви, војсководци, просветители и борци кои се идентификувале како Македонци. Ми го забранија сонцето од Кутлеш и секое пронајдено парче историја од мојата земја ми забранија да го нарекувам свое.

Но тоа што тие забраниле, не значи дека е изгубено. Тоа што е поништено на хартија, која трпи се, не значи дека е уништено. Длабок му е коренот. Подлабок од нивните мастила на капитулантски ултиматуми.

Културата во Македонија – театар, филм, концерт, издаваштво… Една споредба на овој сегмент во времето на ВМРО-ДПМНЕ и во времето на СДСМ? Што доби, а што изгуби Македонија со промената на власта?

Михајловски: Културата во Македонија на СДС никогаш не им била битна, за разлика од ВМРО- ДПМНЕ каде што била на врвот на листата на приоритети. Културата никогаш ни под разно не дошла на дневен ред на седниците на Влада на СДС во минатото, а искрено се сомневам дека и сега нешто се сменило. СДС за време на сите свои влади, во културата на Р. Македонија нема направено ниту 10%, а и тоа е многу, од она што го имаат направено сите влади на ВМРО-ДПМНЕ. СДС ги има дадено најлошите министри за култура на Р. Македонија. А сега е полошо од нивното најлошо во минатото. Реваншизам, неспособност, фрустрација и дилетантизам. Културен мрак. Културата, како и се друго, е ставена е во тунел кој е запечатен од двете страни. Тоа им треба затоа што културата е опасна за патократијата. Таа го одржува народот жив. Го прави човекот подобар, креативен, бунтовен, слободен. Што повеќе култура во однесувањето, во образованието, во здравството, во сообраќајот, во економијата, во земјоделието, во политиката, во медиумите, и во секојдневието толку повеќе имаме шанса да станеме напредна и современа земја и народ. Очигледно дека СДС нема таква намера. Имаат недостаток на култура, етика и морал, што може да се види од нивното однесување и се она што досега го испорачаа.

Каде ја гледате најголемата грешка на ВМРО-ДПМНЕ за време на нивното владеење? 

Михајловски: Ќе издвојам три грешки.
Првата е што не го уапси лицето ЗЗ во истиот момент кога го уценуваше Премиерот на Р. Македонија. Со тоа рекетот и уцената станаа легално оружје во рацете на патолошки лажго и адаптоид, и државата тргна по удолница на која што уште не и се гледа крајот.

Втората е што критиката беше забранета во партијата. Никој не сакаше да ја слушне, а тој што ја кажуваше беше тргнат на страна, таргетиран и демонизиран па дури и ако критиката била конструктивна и добронамерна. Па така се вртеа во круг едни исти луѓе кои како да ја имаа киднапирано функцијата, или партијата, што доведе до револт кај членовите и симпатизерите.

Третата е што го пропушти моментот за достоинствено повлекување од власта. Велат дека таа се губи кога ќе го пропуштиш баш тој момент.

Михајловски: Подготвено ли е ВМРО-ДПМНЕ за избори? Дали на Македонија и се потребни предвремени избори?

ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за избори уште кога пред некое време лицето ЗЗ рече дека ќе ги распише, па се пишмани. Што е уште подобро народот е спремен и бара избори. Многу од нив само за да ја поправат претходната грешка гласајќи за СДС.

Ако сакаме да си ги вратиме достоинството, да ја сопреме оваа самоубиствена програма со прирачник за самоуништување, ако сакаме да направиме од Македонија одлично место за живеење, горда и силна земја која на своите граѓани им нуди и гарантира светла иднина, земја во која владее правото и правдата, во која мирот е гаранција, Македонија која е на Македонците и која се грижи за сите свои граѓани без разлика на верска и политичка припадност, ако сакаме било што од ова тогаш неопходни ни се предвремени парламентарни и локални избори со кои ќе дојде до промена на власта а со самото тоа и промена на подобро. Оти полошо од ова не може да биде.

Може ли Македонија повторно да биде Македонија, а Македонците Македонци?

Михајловски:  Не нарекувале секако, и нас и земјата па ете сме. Македонија и Македонците преживеале и поголеми империи, и пострашни диктатори и полоши договори од уште понискомозочни предавници. Нашата духовна империја одамна ги надминала границите на ова мало парче кое ни е вратено ‘45, што е единствениот добрососедски чин во нашата долга историја. Ние Македонците од секогаш, и под било чија сабја или чизма, сме знаеле кои сме и како навистина се вика нашата земја. И така ќе остане засекогаш. Дури постои светот.

Најжестоката борба, која во наредниов период ќе продолжи да ја води оваа психопатска елита, ќе биде борбата против ВМРО-ДПМНЕ, против македонските здруженија и против поединци кои не се согласуваат со ова зло наречено Влада и нејзината капитулантска и апокалиптична политика, со која изгубивме буквално се и на секое поле. Сите други борби им се или веќе завршени, или се при крај. Го сменија знамето, го нагрдија името, ја поделија територијата, го продадоа името, ја продадоа историјата, не излажаа, не предадоа, не ограбија, кај и да е ќе не банкротираат, и потоа ќе не објават на лицитација. „Се продава држава, во пакет со народ без корен, историја, култура, идентитет и јазик.” Се однесува само на Македонскиот народ. Сите други се заштитени затоа што имаат држави кои го прават тоа. Држави што го штитат својот народ. Ние, за жал не сме на тој список во моментов. Ние сме коси црти ///. Ние, сме на тотална распродажба „се за 1€”. Лицитација на која овој пат може да учествува еден, максимум двајца добри соседи.За да успее овој болен план, на болниот ум на Адаптоидот, треба да се уништи прво најголемата и најсилната организација и идеја, која не само што не се откажува од ништо Македонско туку напротив, го чува тоа како наследство со кое се гордее и спремна е да се бори за тоа со сите сили и на секој начин, за потоа да го уништат и секој поединец кој размислува исто.Тешко ќе им оди таа борба.Мислам дека знаат, а знаат дека и народот знае. Борбата е нашето проклето наследство. Храна за пирејот, чиј што корен редовно се залевал со крвта на патриотите и тираните. Ќе ја преживееме и оваа голгота, како и многу други претходно.

Поврзани вести

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...