Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани присутни,

Драги браќа и сестри,

Денес Македонија ги празнува двата светли Илиндена, првиот кој беше крик на поробениот народ, и вториот таа 44та кој беше продолжение на првиот и кој значеше крунисување на нашата борба за своја Македонска држава. И секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има во предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи.  Илинден не само Крушевското востание туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот на секоја педа македонска почва.

Илинден е и отпорот и пркоста на Тамшаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Mакедонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала.

А ВМРО, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода и затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот. Тоа е неговиот сопатник и пријател низ времето. Вториот Илинден е само продолжение на тоа каде се стигнало со првиот. Партизаните кои го носат пламенот на слободољубието наследен од Илинденците конечно победуваат и ја плаќаат високата цена за денешната слобода. Во таа борба подеднакво се големи сите титани кои се нашите македонски апостоли на кои имаме и историско и културно право да се повикуваме.

Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание но неговото име и чест продолжуваат да живее. Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се овие македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело.

Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме и за која постојано треба да се бориме. Илинден и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото Смрт Или Слобода.

Денес овде во Ташмаруништа сакам да направам исклучок. Можам многу да зборувам за историјата, можам многу да зборувам за жртвата на нашите револуционери кои што со живот го платија о ва денеска кое што ние го живееме. Но, истовремено сакам да зборувам малку и за сегашноста и за иднината, онака искрено од срце.

Денес овде од Ташмаруништа доаѓам од мијачкото село Лазарополе. Место преполно со луѓе, врева, џагор. Преубаво место, со живописна природа, своја историја, верувања, обачаи и потенцијал за развој. Но ова за жал е мртво село. Луѓето таму велат дека е вака е само 3-4 дена во годината. Како на тацна можеме да сведочиме за иселувањето кое се случило во 70-сетите години од минатиот век но и последиците кое ги носи тоа. Вистинското прашање е колку многу места во Македонија ја доживуваат истата  судбината на Лазарополе во овој момент. Одговорот е премногу.

Селата се веќе стара приказна денеска почнуваат градовите да ни се иселуваат и празна.

Жална е сликата низ Македонија, прошетајте во Малешевијата, во Берово, Делчево, дури и Битола, Кичево, но и Тетово и Гостивар, тоа е примерот. Младите се иселуваат, и тоа трајно ја напуштаат нашата земја зошто животот е мачен, тежок и лош, но има и такви кои со подобри финансиски примања се одлучуваат на таков чекор затоа што повеќе не веруваат во системот на државата, затоа што системот е трул. Системот е трул, корумпиран и тој не постои за граѓаните. Постои за оние малкумина од власта предводени од  Зоран Заев и  неколкумина негови блиски.

И кога ќе речат дека блескаме знаете дека тоа е така само на телевизијата и оној дел од медиумите кои под силна контрола ја одбегнуваат вистината. А која е вистината, вистината е дека народот не живее подобро. И кога го слушам Зоран Заев како се фали со однапред напишаните податоци и весели математики и селективни споредби во кој што и тој самиот не верува се прашувам во кој свет живее овој човек? Но, едно е сигурно. Одговорот е јасен, сигурно огромно мнозинство граѓани во Република Македонија и тој и малкумината обожаватели околу него дека не живееме во истиот свет.

Земјоделците гладуваат и се мачат, сиромаштијата се зголемува. Докторите се незадоволни, а студентите се  бесни.

Јас ја имам таа прилика како професор на Универзитетот да работам со прекрасни млади луѓе, умни, стројни луѓе кои што си ја сакаат земјата, си ја сакаат Македонија. Но, барем половина од нив после дипломирањето ја напуштаат родната грутка и одлучуваат трајно да заминат од нивната родна земја Република Македонија. И тоа боли и пече бидејќи секој ден го минуваш заедно со нив, мачејќи се да им ги објасниш оние формули, де им ги објасниш оние законитости во физиката дека каменот најмногу тежи дома. Но,  доаѓа кога денот после дипломирањето ќе се погледнеме заедно во очи и тогаш ќе ми кажат, професоре не можам повеќе овде морам да заминам. Тоа е најтешкиот момент кога професорот се дели од студентите, од оние кои што вложил време и труд за да му помогне и да му го покаже патот на иднината.

Би сакал да се вратат на реалноста и на онаа фалбаџиска прес конференција на која што Зоран Заев ни вели  дека економски блескаме, одеднаш демантот стигна од оној  неговиот Завод за државна статистика, оној истиот Државен завод во кој што Зоран Заев неколку дена пред тој да ги објави бројките и вредностите кажува дека ние практично имаме намалено индустриско производство во месец јуни, имаме намалено  број на вработени во индустријата. Зошто?  Затоа што не дека блескаме, туку поголемо помрачување во историјата на нашата татковина Република Македонија не се случило.

Па го гледаме Заев се расфрла со милијарди ивели дека ќе донел 5 милијарди евра инвестиции. Тој и тие тешко собрани со крв и пот платени пари, кои што ги собира од народот не знае како да ги потроши за да обезбеди додадена вредност. Веќе немаме милијарда на Циле, сега имаме 5 милијарди на Заев. Но не сфаќа дека народот видел такви кои се фалат и ветуваат милијарди, но сега за разлика од тогаш народот има искуство со вакви итромани и манипулатори.

Јас на ова ќе речам за почеток добро е да си ги одржи оние почетни ветувањата за 500 евра плата и барем неколку километри од тие ветени километри автопат кој што велеше дека ќе ги направи. Да не дозволиме лекарите да ја напуштат Македонија, барем 60.000 денари нека ја направи просек, не мора 100.000 денари од ветените. Тоа ќе го стори владата на ВМРО-ДПМНЕ за неколку месеци од сега на предвремени парламентарни избори.

И немајќи што, немајќи како да го пополни периодот на владеење, бидејќи нема ден да нема нов скандал, нова афера, нова информација за некој сомнително и криминално распределен тендер, па му текнало да објави борба против лажните вести, па згора на се, се повикува да се посочат луѓето кои шират лажни вести бидејќи како што од владата ќе кажат тие биле непријатели на демократијата. Па еве јас ќе му помогнам, познавам еден ширач на лажни вести, тој е главен извор на сите лаги, шпекулации, дезинформации, името на сите ни е познато, Зоран Заев и за жал се уште е премиер на Владата на Република Македонија.

Владата која тој ја води и тој самиот е главниот извор на лажни вести. Истиот тој не убедуваше дека Македонија мината година доби датум за преговори со ЕУ, се сеќавате на она фамозно селфи во владиниот авион, насмеан вели добив добра вест. Лажеше и око не му трепна. Истиот тој не убедуваше и дека секоја година економијата ќе расте со 5 проценти, а  не можеме ниту пола од тој да дојдеме, истиот тој  ни велеше дека само што не дошле ФБ и Google ќе дошле да инвестираат, и голема мултинационална компанија за производство на автомобили да инвестира во Република Македонија, но еве веќе трета година гледаме освен срам, понижување, криминал, плљачкање, ниту ФБ, ниту Гоогле, а богами ниту таа голема мултинационална компанија од автомобилската индустрија. Ова нели е уште едно газење на достоинството на народот и честа на нашите луѓе.

За криминалот да не збориме. Правдата е замолчена, а криминалниот октопод царува. Новинари се викаат на сослушување, а криминалците кои тие пишуваат се уште се на државна плата, или на чело на скапите тендери платени со државни пари. И не е проблем ниту првото, ниту второ осомничениот во случајот Рекет. Сите знаат, сите знаат во оваа земја дека ниту прво ниту второ осомничениот немаше да има никаква сила доколку неговиот грб не беа функционерите од врхушката на СДСМ, во јавноста познати како Кики, Фрики, предводени од сценаристот, режисерот и предводникот Зоки Поки.

Знам , добро знам дека имаше и луѓе кои поверуваа дека Зоран  Заев и сега компромитираното СЈО ќе донесоа некаква правда, но драги пријатели гледате дека ве разочараа. Сите нас не разочараа. Ова СЈО веќе не е алатка за носење на правда, туку алатка во рацете на Зоран Заев и власта за правење на  неправда. Не може да се очекува правда, од нешто што не само што ја навредува нашата интелегенција туку служи и за потмсев. Па еден ден ќе слушнете како Катица го загубила телефонот, вториот ден дека тој бил кај снаата, а третиот ден таа форензички го исчистила.  Се ќе направат да ја спасат од обвинение, не затоа што Заев е многу хуман а Катица невина, туку затоа што Катица премногу знае, а Заев се плаши да не проговори за сето она што го правеа со СЈО-како местеа случаи, како креираа случаи за да уценуваат бизнисмени за рекет, како креираа случаи за да можат да влијаат врз однесувањето на политичарите, како прогонуваа и заштитуваа криминал, тоа е алатката со која Зоран Заев дојде и сака да се одржи  на власт. Но, сега за сето ова знае и опозицијата и дел по дел ќе знае и народот во Република Македонија.

А ако процени дека и Јанева станува штетна за премиерот бидете сигурни дека Рускоска обвинителството ќе стапи на сцена и некое утро ќе бидеме сведоци како се откажал и од Јанева, исто како што ќе се откаже и од сите други криминални ликови само да  го заштити својот криминал и криминалот на своето семејство. И бидете сигури дека тоа лажно ќе сака да го прикаже како некаква борба за правда,во период кога знаат дека правдата со Заев не е можна.

Заев не е во состојба да поставува услови, ниту повеќе да диктира темпо. Нему му преостанува да ги планира деновите по неговото политичко заминување. Да преиспита каде се огрешил пред законот, каков криминал сторил и колку долга ќе биде казната која што ќе треба да ја отслужи за да може колку толку да им се извини на народот и на граѓаните во Република Македонија за сите злодела кој што ги направи тој и неговите обожаватели од врхушката на власт.

Знам дека денес од Мечкин Камен  премиерот ќе говори за блескањето кое всушност е силно помрачување, ќе говори и за обединување или како што тој го вика помирување, и дека сме оделе напред и светот не препознавал, дека наводно сме создале пријатели, но тоа е така само во неговиот свет, во светот во којшто  ние секој ден живееме и опстојуваме тоа го нема, владее апатија, безизлезност и разочарување. А Европската Унија која е нашиот единствен пат со овие луѓе станува далеча цел.

Лесно е да се откажеш и да го рушиш она што се градело со векови, тешкото е да го сочуваш.

Македонија секогаш во историјата имала свои колективни неуспеси, квислинзи и катастрофи. Денес сето тоа е собрано и олицетворено во  Зоран Заев.

Оваа влада не треба да падне само поради сето ова што до сега го набројав. Туку Заев нека биде сигурен дека не ја забораваме и промената на името, која силно го боли секој Македонец овде и во светот, промената на идентитетот, поигрувањето со историјата. Колективното реструктуирање на идентитетот во облик во кој што треба да прифатиме е тоа кај мене и во огромно мнозинство Македонци во Република Македонија и во светот не проаѓа.

Гоце Делчев е нашата светост, и ќе преговараме и ќе разговараме се додека не докажеме која е вистинската вистина дека Гоце е Македонецот кој што се борел за независна, суверена и македонска  држава. А ние сме Македонци од Македонија, тоа сме биле и ќе продолжиме да бидеме.

Ќе падне и оваа влада и затоа што не забораваме на прогнот. И во овие мигови кога прославуваме ваков светол ден, не можам а да не ги споменам нашите браќа и сестри кои неправедно седат по затворите и се под политички прогон. Не можам да не го споменам  Јане Ченто, Димитар, Дејан, Горан Ангелов, Миле, Митко Чавков, Митко Пешов  и сите останати кои ја делат таа несреќа да ја носат на свои плеќи омрзата и лудилото на оваа власт. Колку сакаат власта да покаже дека е силна, знаат дека се слаби. Слабост е да се прогонуваат невини луѓе.

Илинденците се бореа за Македонија. Мојата борба и нашата заедничка задача се вика едноставно  Македонија и колку и да сакаат да монтираат лажни душегрижници патриоти по социјалните мрежи кои што имаат единствена задача да ги исплатат скапо платените  и рекетирани жолтици од семејството ќе се обидат да внесат немир во десницата, во ВМРО-ДПМНЕ. Но, мојата задача, нашата задача, вашата задача е да го одбраниме достоинството на македонскиот народ, да ја одбраниме  Македонија. Да го поразиме жестоко Зоран Заев за да не може да се случи политички инжинеринг после предвремените парламентарни избори. Македонија да ја реформираме и на брза трака да ја внесеме во семејството на европските народи и од внатре да си го вратиме сето она кое што е изгубено и сето она кое што го распродаде Зоран Заев, македонската гордост и македонското достоинство.

А овие предавници, но и овие слуги кои им слугуваат за скапо платените жолтици рекетирани од македонскиот напатен народ ќе ги пратиме на буништето на политичката историја.

Јас овде од овој 2 август, ден Илинден, 2019 година од Ташмаруништа ви верува правда и чест за Македонија, македонскиот народ и македонската нација.

Подготвен сум да се борам за ова во последен здив и да бидам со вас и заедно да ја собориме оваа власт. Затоа што треба да престане времето кога политичарите само земаа од овој народ, а ништо не даваа.

Мојата задача е да се избориме за правда и владеење на правото. Вистинска правда, а не онаа Заева неправда која ни ја продава за лажна правда. И тука немам намера, еве ви ветувам дека немам намера да правам компромиси за било што. Без оглед дали се работи за СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или било кој друг политичар кој што се огрешил и посрамотил и направил злодело пред сопствените граѓани и пред Законите и Уставот на Република Македонија.

Морам заеднички и затоа молам за ваша помош масовно, масовно да излеземе на следните парламентарни избори и да го поразиме Зоран Заев и вршушката на власт.

Мораме заедно да ја промениме сликата за политичарите, зошто што едноставно ќе ја загубиме Македонија.  Да ја вратиме заедно верба во системот кој постои за да служи на граѓаните, а не граѓаните да му служат на системот.

Мора да види овој народот дека политичарите не се заштитена каста, која е над државата, туку дека сите ние, сите ние без исклучок  сме слуги на народот и на нашата татковина.

Мора да бидеме општество со еднакви можности за сите, со развиена економија и нови работни места. На безаконието да се одговори со закон, на анархијата со поредок.

Да си ги вратиме младите кои си заминаа и да обезбедиме иднина на оние кои планираат да заминат.

За да сето ова биде возможно потребни се итни, брзи парламентарни избори, избори на кои народот ќе се избори за обнова на Македонија,  за нов почеток кој ќе значи вистинска обнова на Македонија. Која ќе значи ред и правда, просперитет и развој, подобра иднина.

И денес кога Зоран Заев ќе држи говор од Мечкин Камен добро нека го погледне споменикот на востаникот со силно раширени раце, тој востаник е со високо подигната карпа над главата и  го претставува последниот херојски миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули кои се бореа за слободата која што ние денес ја живееме.

Питу Гули велеше ако нема слобода има смрт, затоа што без слобода има само смрт. Почвата која ја гази е натопена со херојска крв и жртва на сите оние кои гинеа за Македонија.

Заев нека го посети и Македониумот, таму се моштите на претседателот на Крушевската Република Карев, војводата Никола Карев. Тој велеше Ние револуционерите, под клетва дигнавме пушка и на нашето црвено од крв знаме запишавме СМРТ или СЛОБОДА.“

Неуспехот во водењето на Македонија подразбира неуспех и валкање на делото на овие великани како и непочитување на многу други кои ги дадоа своите живот за Република Македонија. Тие беа и остануваат Македонци. А нивната жртва нема да биде залудна, ако нашите дела бидат вистински.

Мораме да ја вратиме силата и честа на Македонија.

Затоа Илинден  е жив и денес, Илинден има кауза срочена во името Македонија.

Почитувани браќа и сестри,

Доаѓаат промени, доаѓа  нов почеток, започнува обнова на Македонија.

Доаѓа време кога мора да се победи мракот и да изгрее сонцето, а сонцето, сонцето секогаш е Македонија.

Нека е вечен Илинден и нека е вечна суверена, независна и  богата и просперитетна Република Македонија!

 

 

Поврзани вести

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...