Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Отворено“ на ТВ Алфа кажа дека неговата партија го објаснила својот став на темата за пописот и дека стои на тој став дека ако остане законот ваков каков што е, ВМРО-ДПМНЕ ќе повика на непопишување.

– Видете, ние тоа го кажавме и на прес конференции и стоиме на тоа дека ако остане овој закон ваков каков што е и оваа методологија ваква каква што е предвидена ние како опозиција нема да бидеме дел од тој попис и ќе ги повикаме граѓаните на непопишување, рече тој.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквиот начин на попишување е на штета на Македонците.

-Ние како опозиција мислиме дека овој начин на попишување единствено е штетен за мнозинската етничка заедница во Република Македонија, а тоа се Македонците и мислам дека е крајно време да се престане со принципот да Македонците се чувствуваат граѓани од втор ред во сопствената држава. Денеска кога и да прошетате со кого и да поразговарате етнички Македонец во Македонија секаде преовладува чувството дека Македонците се практично граѓани од втор ред во нивната сопствена држава, кажа Мицкоски.