Лидерот на опозицијата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека повеќе не важи понудата до Заев за соработка за добивање на датум за преговори со Европската Унија, во емисијата „Отворено“ на телевизија Алфа.

Имено тој посочи дека од сега опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ ќе лобира со свои сили и ќе стори се што е возможно Република Македонија да добие датум за преговори, а граѓаните да не бидат казнети поради Зоран Заев.

-Еве летото помина, помина јуни, јули еве го дојде, велеа јуни, јас повторно велам ниту јули нема да биде. Па сега се репроектира датумот некаде во октомври, правдајќи го тоа како некакви технички причини и слично. Од оваа перспектива неколку недели потоа дадовме понуда до Зоран Заев и рековме, нас не ни треба да влеземе во Влада, еве не сакаме. Јавно и тогаш кажав не ни треба да делиме Влада со тебе како премиер на чело на таа Влада. Ние едноставно сакаме да ви помогнеме да во периодот до октомври колку толку успееме заеднички да ја донесеме Македонија пред добивање датум за отпчнување преговори со ЕУ. Неколку недели поминаа немаме повратен одговор од Владата, ниту се формирани работни групи и слично. И јас еве можам да кажам дека оваа понуда не беше со неограничен рок, таа престанува да важи, ВМРО-ДПМНЕ ќе си го фати својот пат ќе се обиде на начин на кој што ние знаеме и умееме да ги убедуваме нашите партнери од сестринските партии да го поддржат датумот за отпочнува преговори на Македонија со ЕУ, истакна Мицкоски.