Драган Данев, пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за реконструкција на владата на СДСМ посочи дека оваа реконструкција е всушност реконструкција без реконструкција, односно како што рече исто во стилот на она има датум па нема датум.

Данев потенцираше дека со ваква реконструкција Заев не ја сфатил пораката од граѓаните пратена во првиот и вториот круг на претседателските избори.

-Граѓаните не гласаа Љупчо Николовски од министер за земјоделие да оди на партиска функција Генерален секретар, ниту пак гласаа Садула Дураку да оди на друга министерска функција, човекот кој ништо не направи за да го спречи загадувањето на воздухот, а на плеќите на тоа загадување дојдовте на власт, вели Данев.

Тој му нагласи на Заев дека граѓаните не гласале против личност, туку против неговиот концепт и начин на кој управува со државата.

Граѓаните гласаа против паѓање на животниот стандард, граѓаните гласаа против изневерените очекувања и ветувања од ваша страна, а тоа е повисоки плати, повисоки пензии, повисоки субвенции, повеќе работни места, нови инвестиции, граѓаните гласаа против немањето реформи во образованието, против катастрофалната ситуација во која се наоѓа македонското здравство, против сомнежите за криминални тендери, рече Данев.