Николоски: Блескаат во неуспехот и срамот

Вчера во Луксембург, почитувани читатели на овие редови, се потврди тоа што сите го знаевме, додуша некој порано, некој подоцна – дека Македонија со Заев, Димитров, Османи, Шекеринска и компанија и овој јуни нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Како тргнале и ако вака продолжат да работат, односно да не работат и да блескаат, како што сами велат, и следниот јуни ќе дојде, а датум за почеток на преговори нема да има.

Значи, внимавајте, зборуваме за датум за почеток на преговори за членство, а не за членство во ЕУ! Па колку ли треба да не ве бива, ЕУ да не сака да ви даде да почнете да преговарате за членство кое некогаш би се случило. Каква е таа неспособност. Поразително е да се гледа ова. Дојдоа на власт со големи ветувања, со критики кон претходната влада кои дел и држеа место, ама сега прават десетици пати полошо. Па, како да сака која било голема европска држава да ве види во исто друштво со нив кога гледа дека корупцијата цвета, економијата оди надолу, а начинот на кој се обидувате да се одржите на власт е крајно недемократски со политички притисоци и желба за затворање на политичкиот противник. Како да сакаат да ве видат во исто друштво со уништено здравство, во кое однапред се знае кој ќе ги добие тендерите и во кое намерно се уништува државното здравство за да расте профитот на приватното, во кое за да се лечат луѓето го трошат последното што го имаат и земаат високи кредити. Како да сакаат да ве видат во исто друштво кога дрога има по улиците како никогаш порано, како да ве видат во исто друштво кога економијата се сведува на онаа народната – јас и брат ми, плус понекој братучед… И многу други како…

Од оваа перспектива можам само да кажам дека совеста ми е чиста, низ многубројните контакти кои ги имам во европските главни градови добивав информации дека работите не се добри за Македонија. Дека и покрај тоа што, ете, веќе го нема проблемот со Грција, чии решение е најболното и најпонижувачко нешто што можеше да му се случи на македонскиот народ, значи и покрај тоа, сега има проблем во европските големи држави. Таму не се задоволни со состојбата во Македонија и начинот на кој владее Владата на Заев. Постапив најпатриотски можно кон државата и сите сознанија ги изнесував во јавност за на тој начин да направам притисок кон Владата да земе нешто и да сработи. Значи, не ја кодошев својата држава, како што тоа со години го правеше СДСМ додека беше опозиција со циркуларни мејлови до сите до кои можат да дојдат буквално секој петок. Решив да помогнам со јавни апели, нешто што е единствено оружје на опозицијата. Наместо тоа да биде примено и по него да се постапи, добивав деманти па дури и навреди дека тоа што сум го кажувал биле „соништа“ и „научна фантастика“. За жал, тие „соништа“ и „научна фантастика“ еве се реализираа, како што се реализираа и лани, ама Владата на Заев наместо да научи нешто од нив и да се фрли на работа пак продолжува да игнорира и да ја лаже јавноста, па сега еве манипулираат со јули или со октомври како да се на пазар. Еве, овде да напишам за да остане трага – ако продолжат вака, ни јули ни октомври ќе биде!

Ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме Македонија да оди напред, тоа е добро за сите граѓани. Затоа сесрдно наместо да ја користиме ситуацијава за дневнополитички поенти јавно понудивме да се формираат тимови помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои ќе работат на реформите кои ги бара ЕУ. Поминаа две недели од предлогот кој го даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – сте слушнале ли одговор од СДСМ? Нема! Нема затоа што ги јаде ароганцијата и самобендисаноста. Затоа што сами не знаат и не сакаат, а од други помош не примаат. Па јавно се прашувам – дали можеби на СДСМ и Заев им одговара да нема датум за почеток на преговори? Дали можеби сакаат да не бидат контролирани од ЕУ? Зашто, кога ќе почнат преговори тендерите нема да може така лесно да се местат и фамилијата на власт да цвета со своите бизниси.

Сакам уште еднаш да потенцирам и дека немањето датум за почеток на преговори заради неработата и неспособноста е и последица на најголемата грешка на македонската дипломатија, а тоа е Македонија да се стави во иста група со Албанија!
Минатата година уште на почетокот на април ја информирав македонската јавност дека постои договор помеѓу владите на Заев и Еди Рама, операционализиран преку Бујар Османи и тогашниот министер за надворешни работи на Албанијам Дитмир Бушати, кој имаше за цел да се создаде група Македонија – Албанија. Дел од договорот беше да забави со реформите со цел покрај Албанија и Македонија да не добие датум за преговори во 2018!
Македонија, и покрај тоа што Заев и Димитров решија да го потпишат срамниот Преспански договор, не доби датум и не почна преговори во 2018! Еве, не доби датум и овој јуни!
Кога го изнесов ова сознание во април 2018 од Владата ми беше одговорено повторно во ист стил – дека е тоа „научна фантастика“!
Кавгата помеѓу Стево Пендаровски од една страна и Еди Рама и Дитмир Бушати од друга страна само потврдува колку бев во право пред година и пол и колку сето беше вистина. Пендаровски е прв од власта на Заев кој индиректно собра храброст да признае дека групата на Македонија со Албанија ја влече државата назад. Кога тоа го кажа доби остар одговор од Рама и Бушати. Изгледа не биле „научна фантастика“ моите сознанија.
Заради оваа непромислена политика на Заев и Османи, како и заради криминалот, корупцијата, економското назадување, Македонија изгуби две години!
Не сум среќен што бев во право зашто никој не може да им ги врати двете години на сите граѓани на Македонија.

Не смее да се губи повеќе време! Веднаш треба да се направи план за одвојување на Македонија од Албанија и сместување во група со Србија и Црна Гора кои се далеку пред нас и веќе преговараат со ЕУ. Способна дипломатија со јасни насоки од водството може тоа да го направи. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да помогне со сиот свој експертски потенцијал и многубројни контракти. Сакаме да помогнеме за да биде добро за Македонија. Но да бидам искрен, не верувам дека Димитров, Османи, Шекеринска и Заев тоа знаат и можат да го направат.

Затоа оставките се најмалку што може да направат за државата.

Поврзани вести

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...