Николоски: Каде оди Европа, а каде Македонија?

Колумна на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за Независен

Деновиве во Брисел се одржа првото Политичко собрание на Европската народна партија (ЕПП) по изборите за Европскиот парламент. Беше исклучително интересно да се слушне од прва рака како водството на најголемата европска партија, како и претставниците на најголемите европски партии во своите држави, ги објаснуваат и ги гледаат резултатите.

ЕПП и по овие избори останува најголема партија во Европскиот парламент. Тоа е нешто со што европската умерена десница, оние што се дел од народните центар-десни партии, можат да се гордеат. Доколку се испрочитува концептот на водечки кандидат, тогаш ЕПП повторно ќе го има претседателот на Европската комисија, наследникот на Жан-Клод Јункер, практично народните партии повторно ќе го имаат премиерот на Европа. Исто така, многу е веројатно дека ЕПП ќе го има и следниот претседател на Европскиот совет, наследникот на Доналд Туск, практично претседателот на Европската Унија. Но мора да се забележи дека ЕПП има пад од речиси четириесетина европратеници. Силата на ЕПП во овој парламентарен состав нема да е иста како досега. Ќе има значајни поместувања во делот на избор на претседател на Европскиот парламент (досега и претседателот на Европскиот парламент беше од ЕПП – Антонио Тајани).

Изборот на Европската комисија е под сериозен прашалник. Ако за претседател на европската влада е извесно дека ќе има договор или во јули или во септември, тогаш за дистрибуцијата на места во неа и избор на личности, комесари, ќе има долги и мачни преговори. Досегашната коалиција помеѓу ЕПП и социјалистите не може да испорача мнозинство во Европскиот парламент. Потребен е трет партнер и се поставува прашањето кој би бил тој. Дали либералите, каде што доминантен е францускиот претседател Емануел Макрон или европските конзервативци и реформисти, каде што по излезот на Велика Британија од ЕУ доминантна ќе биде партијата на полскиот лидер Јарослав Качињски.

Падот на ЕПП се должи на растот на радикално десните партии во Европа. Како што падот на социјалистите се должи на растот на радикалните левичари и комунисти. Сумарно, двете големи партии десно и лево од центарот изгубија гласови и мандати на сметка на радикалите во двата блока. Факт е дека европските популисти, како што ги нарекуваат, не успеаја да однесат резултати какви што најавуваа, но факт е и дека направија солидни резултати кои мора да се почитуваат и кои веќе носат промени во нивните држави – ако во Франција заради претседателскиот политички систем до истекот на мандатот на Макрон не може да има избори, тогаш во Италија како класичен парламентарен политички систем јасно е дека ќе има избори уште ова лето или оваа есен. Премиерот на Италија веќе најавува дека не може да ја одржи постојната коалиција.

Сето ова навестува неизвесна политичка есен во Европа и формирањето на Европската комисија во целосен состав го прави скоро невозможно. Но она што е факт е дека Европа оди кон десно. Многуте проблеми кои ги создаваат мигрантите, високите даноци кои се наметнати во Европа, пред сè како резултат на левичарските политики, декаденцијата во општествата, либералните политики во однос на бракот и семејството и оддалечувањето од црквата и верата значеа целосен пропаст на европскиот систем и ги прават европските држави не така атрактивни за живот, како што беа во осумдесеттите или деведесеттите години на 20 век. Затоа Европа ќе оди десно, за да се врати на своите основи на слободен пазар со мала регулација и ниски даноци, вредности базирани на христијанската цивилизација и политика која нема да дозволи повеќе мигранти да влегуваат во Европа

Во таа насока добро е да се погледне и каде е Македонија и дали актуелната влада на Заев ги разбира новите трендови во Европа. Прв тренд после овие избори е дека незаслужени членства во ЕУ веќе нема да има. Политички одлуки за прием, какви што беа за Романија, Бугарија, Словачка, Хрватска, Кипар, веќе нема да има. Ќе треба да се заслужи местото во ЕУ. За државава да стане членка на ЕУ ќе мора да се живее како во ЕУ. А од тоа Македонија е далеку многу далеку. Политиката на прогледување низ прсти не поминува. Македонија, за жал, не испорачува реформи, корупцијата цвета, а економијата се уништува. И затоа постои огромна резервираност кај најмоќните европски држави околу доделување датум за почеток на преговори за членство. Внимавајте, не зборуваме за членство во ЕУ туку за почеток на преговори за членство кои сигурно би траеле меѓу седум и 10 години. Толку е неспособна владата на Заев што ни датум не сакаат да ѝ дадат. Тоа е така пред сè затоа што Заев води погрешна политика, која се сведува на – менуваат име за да крадат! Заев, Димитров и останатите од владата мислеа дека со самото тоа што ќе го потпишат капитулантскиот Преспански договор сите врати ќе им се отворат, ЕУ ќе побрза да ги прими, а тие на раат ќе можат дома да си крадат и да ја уништуваат опозицијата. Таа политика се удир во ѕид. Таа политика во Брисел не поминува. Таа политика ѝ нанесе голем национален срам на Македонија и таа политика ја води државата назад. Затоа час поскоро оваа неспособна влада мора да замине.

Она што исто така оваа влада на Заев не го разбира е дека Европа оди десно. Со своите политики, кои се главно левичарски, одат спротивно на таа тенденција. Понекогаш ми личат како да се останати во времето, па на пример зборуваат за парада на гордоста, која беше ин во Европа пред петнаесетина години, а сега е нешто од што сите бегаат, или политиките во однос на зголемувањето на даноците кои се различни од тенденциите во Европа. Само нека прашаат кого италијанските компании подржаа на овие избори. Тие традиционално ја поддржуваат левицата, но сега првпат избраа друг концепт и го подржаа Салвини. Затоа што им требаат ниски даноци да излезат од сегашната рецесија. Но ова претпоставувам дека се далечни концепти и размислувања за Заев и неговиот тим.

Европа дефинитивно оди десно, Македонија оди десно, исто така, само што уште никој не му кажал на Заев. Народот му најави на претседателските избори, а ќе му потврди на следните парламентарни. Во таа насока Европа веќе го гледа тоа, убаво беше на отворањето на Политичкото собрание на ЕПП да се слушне како претседателот Жозеф Дол кажа дека резултатите од претседателските избори се извонредно достигнување за ВМРО-ДПМНЕ и дека победата на парламентарните избори и формирањето влада од ВМРО-ДПМНЕ се на повидок. Влада која ќе ја приклучи Македонија на новите европски текови.

Поврзани вести

Најгоре