Ако се надеваме дека ќе добиеме датум за преговори со Бриел сега нема да добиеме, рече Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на 1тв.

-Минатата година имаше три земји против проширувањето, сега има пет против проширување на ЕУ и за тоа да влезат земји од Балканот како Македонија. Тоа не е ново, тоа трае откако влегоа Бугарија и Романија кои не се позитивно искуство за ЕУ, рече Димовски.

Пратеникот укажа дека живееме во една еуфорија поради промената на власта, додавајќи „да не се разбереме погрешно јас сакам и ВМРО-ДПМНЕ сака да добиеме датум за преговори со ЕУ зошто многу е направено во период на владата на ВМРО-ДПМНЕ, првата препорака за преговори со Брисел е добиена во време на ВМРО-ДПМНЕ“. Од друг аспект, рече Димовски, гледаме злоупотреба на системот и токму затоа на ВМРО-ДПМНЕ му одговара датум, бидејќи во преговорите се стартува со поглавјата 23 и 24, односно за владеење на правото. -Старт на преговорите најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа му одговара на ВМРО-ДПМНЕ најмногу зошто ќе се стави крај на самоволието кое постои во Македонија. На оваа нефункционална власт со датум за преговори со Брисел ќе и се стави крај, има целосна некоординација од секој аспект, рече Димовски. Според него реалноста вели дека Германија за прв пат вика чекајте ќе разговараме во октомври, а тоа е држава која помагаше и за Договорот. -Нема атмосфера дека ќе има датум, нема атмосфера дека се е одлично, и притоа не може да гледате што кажува Јункер кој заминува од функцијата, додаде Димовски. Пратеникот категорично укажа дека Македонија плати голема жртва со Договорот од Преспа, а владата не успеа да има датум за преговори со ЕУ.

-Ние и кога нема да го добиеме датумот за преговори ќе ги добиеме и најдобрите зборови за Македонија, и формулацијата на Европскиот совет ќе биде најдобра. Но, граѓаните од оваа власт очекуваа дека ќе испорача датум за преговори. Владата постигна договор со Грција, но тој е многу неповолен. Владата не успеа да договори дека Договорот ќе се применува во одреден момент, а не одма како што е случајот, рече Димовски.