Кисела Вода под раководството на СДСМ и Филип Темелковски уназадува, општината е запоставена и ништо не се реализира

Општина Кисела Вода под раководството на СДСМ и Филип Темелковски секојдневно уназадува. Власта целосно  ја запостави општината, ништо не се реализира, а програмата на градоначалникот остана само мртво слово на хартија.

Темелковски пред изборите ветуваше стотици проекти за подобрување на животот на жителите на Кисела Вода, но ништо од тоа не е остварено.

Нема ништо од ветувањето за подобра инфраструктура  во општината. Улиците во општината се во катастрофална состојба,  раскопани и полни со дупки, а парковите максимално запуштени и руинирани.

Нема ништо ниту од одржувањето и чистењето на депониите и каналите, ниту пак изградени се колекторските системи, а општината се уште останува глува и на изградбата на атмосферска и фекална канализација во неколку населби во општината.

Ветена беше и мерна станица за проверка на загаденоста на воздухот, но иако состојбата со аерозагадувањето е алармантна, ваква станица се уште не е поставена.

Нема нови градинка и поликлиника во Расадник, нема функционална поликлиника во Драчево, а нема ниту изграден  булевар од населба Пинтија до Драчево.

Не се оствари ниту ветувањето за реновирани игралишта, изградба на фитнес зони и уредување на  трим патека покрај пругите во општината. Игралиштата денес се доуништени, од фитнес зоните нема ни трага ни глас, а трим патеката е неосветлена и небезбедна за движење. Темелковски ги остави младите во Кисела Вода апсолутно да немаат  ниту едно место каде ќе можат да бидат физички активни.

Единствено што оствари Темелковски е дека ќе ја намали разликата помеѓу градските и селските средини, со тоа што тие сега се подеднакво руинирани. Општината стана небезбедна за живеење и тоне од ден на ден.

Филип Темелковски покажа дека не е способен да ја води општината и да го подобри животот на жителите во Кисела вода. Токму затоа неопходно е да си поднесе оставка. Кисела вода заслужува подобро.

 

Поврзани вести