Револуцијата секогаш ги јаде своите деца

Колумна на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, за Слободен печат

Не беше така одамна кога пред точно три години на граѓанско-политичката сцена под превезот на таканаречената Шарена револуција се појави едно младо слабичко момче по име Павле Богоевски. Набрзо поддржан од одредени политички структури, користејќи ги медиумите се наметна како водач на движењето. Шарената револуција оставена од урбани и градски луѓе, дел од нив партиски приврзаници на тогашната опозиција СДСМ, дел од нив независни граѓани што вистински бараа правда и еднаквост за сите, а сепак изманипулирани од политички центри, го поддржаа на следните парламентарни избори баш слабото младо момче Павле Богоевски да стане пратеник од редовите на СДСМ, преку граѓанската коалиција како што тогаш ја именуваа.

Од неодамнешен аспект можам само да им честитам на тие скаути или попознати како „head hunters“ кои го скаутираа и избраа Павле Богоевски. Тие луѓе што го напишаа неговото име на листата на кандидати во ИЕ 1 на добитно место, точно знаеле што прават и зошто баш токму Павле Богоевски. Ќе ви дообјаснам за полесно да сфатите до крајот на оваа колумна.

Секој одговара за своите грешките

Павле Богоевски заедно со Ивана Туфегџиќ, која во граѓанската коалиција ја имаше улогата на гласот на студентите, во првите години од владеењето на СДСМ требаше да бидат балансот помеѓу тврдите партиски политики што треба да го задоволат партиското членство и граѓанската потреба за коренити суштински промени во функционирањето на државата. Оваа втората под менторство на Радмила Шеќеринска во која гледа жена-идол, со време тивко си се повлече во заден план чекајќи подобри времиња во кои не би изгорела како политичка фигура. Иако и таа е веќе изгорена.

Придружно покрај овие најистурени „шарени револуционери“ кои ги гледавме секојдневно на екраните како бараат правда, а потоа молчат пред НЕправдата што му се случуваше на нивниот народ, селективната правда што го избегна нивниот лидер што ги милува монетите евра, имаше и други што трагачи по правдата во револуцијата кои добија значајни места на политичката сцена. Драган Спасов-Дац и Александар Донев. Едниот директор на МНТ, другиот директор на агенција за туризам.

На овој првиот откако стана директор на МНТ му се случи еден секојдневен и еден немил начин во ист ден. Немилиот настан му се случи заради секојдневието. Впрочем, како директор во сериозна алкохолизирана состојба како што го видовме и пред неполн месец на некои видеа во кафеана со автомобилот што го управувал удри девојче. Веднаш потоа на барање на неговите сопартијци и другари од револуцијата во знак на морал и одговорност Драган Спасов-Дац си поднесе оставка. Го поздравија тоа тогаш и тие, а богами и јас. Човек што е подготвен да ја сноси одговорноста, половина му се простува.

Додека, пак, овој вториот што стана директор на Агенцијата за туризам, мислам се викаше Александар Донев, познат како Аргентинецот, како мал сонувал да оди во Аргентина и кога конечно му се остварила желбата, тргнал како сите големи директори да лета со бизнис-класа. Детска желба вредна 7.000 евра наши пари за еден лет до Аргентина. Потоа веднаш се дозна дека спиел во супер луксузни хотели од синџирот „Хилтон“, купувал облека со службена картичка итн. Исто и овој шарен револуционер на барање на јавноста и неговите сопартијци и другари од револуцијата беше разрешен директно од Зоран Заев.

Павле Богоевски како и секој лидер на една револуција, тогаш ги искара своите колеги и тој побара оставка од двајцава. Дури јавно му порача на директорот за туризам што му бил другар дека е крив.

„Не треба личните наши грешки да се препишуваат на целото движење на Шарената револуција. Тоа е индивидуална одговорност. Исто како што за моите грешки, одговорноста е само моја“ – тоа е цитат од изјава на Павле Богоевски за скандалот на директорот на агенција за туризам.

Токму така. Секој што греши треба да сноси и одговорност за своите грешки. Особено ако е пратеник што го плаќаме со наши пари.

Голема грешка

Павле направи аматерска грешка од огромни размери и сè повеќе се уплеткува во приказната наречена „Што нарачуваше Павле?“ Да не се лажеме, и малите деца знаат што нарачувал Павле. Затоа и неговиот другар од шарената, кој си даде оставка од директор од морални причини, Драган Спасов-Дац, побара да си даде оставка и Павле сега.

И сето ова додека се случува Заев го немаше никаде, молчеше неколку денови и оставаше Пајо сè повеќе да се плетка во своите лаги. Мудро си одмолчи и остави јавноста да суди што нарачувал Пајо, а јавноста знаеше и пресуди уште првиот ден.

Муабетот ми е дека секогаш револуцијата ги јаде своите деца, па така и Шарената револуција веќе изеде тројца истакнати револуционери. Последниот во низата беше Павле Богоевски. Не може и не смее пратеници за кои има сомнеж дека користеле наркотици да се борат за националните и граѓанските интереси. После ова Павле може само да си даде оставка и да го отстапи своето место на некој друг. Кариерата на Павле Богоевски е завршена. Во еден месец најпрвин вработувањето на својата девојка, па набавката на пола од нешто што треба убаво да му го спремат. Хед хантерите кои го донесоа Павле Богоевски за лидер на шарените и пратеник, веќе си го сведуваат своето сценарио кон самиот крај и ѝ дозволуваат на револуцијата да го изеде. Тие точно знаеле каков човек барале за тоа место и му дадоа рок три години во фотелја. Практично, Павле Богоевски заврши како алатката преку којашто дојде во фотелјата. Заврши како обичен балон полн со боја, кој пукна и веќе го нема.

На крајот револуцијата ќе го изеде и Зоран Заев како последен, но кој ли е следен?

Поврзани вести