Стоилковски: ВМРО-ДПМНЕ поднесе тужба пред Управниот суд за поништување на избирачкото место 1789 во Ново Село

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

 

Почитувани,

Правосудниот систем е пред испит дали ќе се казни изборниот инженеринг или Македонија ќе продолжи да тоне по сите параметри што значат демократијата?

Пред Управниот Суд во Скопје е тужбата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Тужба која се однесува на одбиениот приговор од Државната изборна комисија за гласачко место во Ново Село.

ВМРО-ДПМНЕ во тужбата бара да се поништи гласањето на Избирачкото место број  1789 во постапката за избор на градоначалник на општина Ново  Село и гласањето да се повтори во законски определениот рок утврден со Изборниот законик. Одбиениот приговор на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите на избирачкото место.

Всушност, на ова избирачко место се случиле прекршувања на Изборниот законик, но и текот на движењето на изборниот материјал отвора многу голем сомнеж пред јавноста.

Со ред:

Избирачкиот одбор не бил во можност веднаш по завршување на гласањето да го состави Записникот со правилен внес на податоците за искористени гласачки ливчиња и за лица потпишани во избирачкиот список за тоа ИМ. Односно, по повеќекратно, дури пет пати, по 5 пребројувања, констатирано е дека во избирачкиот список се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња. Значи, по неколку пребројувања има едно ливче повеќе во кутијата.

Навистина е нејасно како е можно еден избирачки одбор во состав од 5 члена, кои што биле присутни на избирачкото место, каде имало и овластени претставници од кандидатите за градоначалници, да не може по повеќекратно броење да ја утврди реалната фактичка состојба во однос на употребените гласачки ливчиња и лицата кои се потпишале во избирачкиот список и го оставриле правото на глас?

Заради  тоа Избирачкиот одбор заедно со севкупниот доверлив и недоверлив изборен материјал се упатил во Општинската изборна комисија во Ново Село. Со тоа членовите на комисијата од ИМ, не го почитуваат законикот, каде стои дека одборот го составува записникот и заедно со изборниот материјал во строго утврден начин го доставува до Општинската изборна комисија. Во општинската комисија повторно се броеле гласачките ливчиња во кутијата и лицата кои се потпишале во избирачкиот список. Тоа е прекршување на член 40 од Изборниот законик, каде јасно е наведено дека избирачкиот одбор го утврдува и сумира резултатот од гласањето на гласачкото место и резултатите од гласањето ги објавува на самото место каде што се спроведува гласањето.

Државната изборна комисија констатира дека ниту пребројувањето ниту пополнувањето на записникот не е извршено од Избирачкиот одбор во избирачко место број 1789 во Ново Село, туку дека пребројувањето на изборниот материјал и пополнување на записникот е извршено во Општинската изборна комисија.

Факт е дека спротивно на законот, составен е Записник за сумирање на резултатите од гласањето во просториите на Општинската изборна комисија односно во присуство на членовите на Општинската изборна комисија, но на истиот се потпишани членовите на Избирачкиот одбор. со што е направена повреда на член 117 став (4) од Изборниот законик. Сето ова е спротивно на одредбите од Изборниот законик и на Упатството на општинските изборни комисии за ракување со изборниот материјал. Токму тоа го утврдува и Државната изборна комисија и го разрешува и избирачкиот одбор за ИМ 1789 во Општина Ново Село, како и целата Општинска изборна комисија за Ново Село.

Сепак ДИК не постапува согласно одредбите од Изборниот законик, каде на јасен и недвосмилен начин е предвидено е дека: „Државната изборна комисија по службена должност, или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место ако избирачкиот одбор не го спроведува гласањето на начин утврден со овој законик“.

Почитувани, јасно е дека е прекршен и изборниот законик и е постапувано спротивно од Упатството за ракување со доверливиот материјал. Јасно е дека и ДИК увидела повеќекратно прекршување, заради што се и разрешени и членовите на Избирачката комисија за Избирачкото место и членовите на Општинската Комисија. Исто така Факт е дека резултатот од гласањето на ова Избирачко место влијае на конечниот резултат за избор на градоначалник на општина Ново  Село.

Но најголем факт е дека во државата во повеќе наврати се спроведува изборен инженеринг од актуелната власт, а третиот столб на демократијата, правосудството молчи!

Почитувани,

Јасен и гласен е ставот на граѓаните кои во огромен број дадоа поддршка на концептот за право и правда. Време е правосудниот систем да го слушне тој глас. Судиите од Управниот Суд  се оние кои ќе ја вратат, ја имаат можноста да ја вратат вербата дека е можно остварување на право и правда во Република Македонија.

Поврзани вести

Најгоре