Стоилковски: ЈО и Јовески веднаш да постапат по 12 кривични пријави на ВМРО-ДПМНЕ за изборниот инжинеринг од страна на власта на СДСМ

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Власта на овие избори е делегитимирана и тоа секому му е јасно, дури и на самата власта. Одговорност за изборниот инженеринг кој што се случуваше мора да има доколку Македонија сака да се одлепи од демократското дно.

ВМРО-ДПМНЕ во своите Кривични пријави до ЈО детално ги образложува криминогените дејства со кои се нарушува слободата за слободен избор на граѓаните, за лично изразување на волјата на демократски избори.

Јавното Обвинителство, кога станува збор за избори, ја има клучната улога во тоа дали државата воопшто ќе овозможи владеење на правото или ќе продолжи да тоне по сите демократски параметри.

Воедно, изборите се дел од оние случувања кои имаат вонредно значење и ЈО мора согласно своите надлежности само да постапува и да покрене истраги и да ги обелодени сите прекршувања на законите.

Бидејќи РЈО Љубомир Јовески и по вториот круг на овие избори го нема никаде со свое делување,  ВМРО-ДПМНЕ поднесува 12 кривични пријави со поголем број на сторители кои го нарушија изборниот процес. Станува збор за кривични пријави во кои со  доказен материјал се укажува на недозволено агитирање, поткуп во изборни цели, заплашување, организирано гласање и ред други прекршувања на законите, кои што се повторуваат и во повеќе општини во државата и секако во општините од Град Скопје каде власта доби јасен црвен картон од граѓаните.

Од тука апелираме, ЈО да почне да работи за тоа за што постои. Чувство за непостоење на право и правда е суштествено во Македонија и тоа е нагласено при последниот изборен циклус. Јавното обвинителство мора да одговори и за случаите за недозволено агитирање, поткуп, заплашување, организирано гласање, односно изборен криминал во вториот круг на претседателските избори, но мора да одговори и за аферата „Големото око“, односно незаконското прибирање докази преку мобилна апликација од страна на владејачката партија.

Ова е втор изборен процес, вклучително и референдумското изјаснување, за кој Јавното обвинителство се уште нема никаков одговор ниту за поткуп, ниту за поттикнување поткуп, ниту за полнење кутии, наречено брзи прсти, гласање за неколку секунди за што дури имаше и поништени резултати од гласачки места од ДИК.

Изостанувањето на реакција од ЈО доведува повторување на ваквите појави и во првиот и во вториот круг на претседателските избори. Со тоа РЈО има директна одговорност заради негово непостапување, односно злоупотреба на неговата должност и функција, со што поттикнува изборни нерегуларности и нивна неказнивост за изборен инжинеринг од страна на власта.

Поврзани вести

Најгоре