Членовите на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени до конечна победа на претседателски избори

Соопштение до јавноста

Зоран Заев и власта се целосно делегитимирани и ВМРО-ДПМНЕ е на чекор од победа на претседателските избори, констатирано е на вечерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која што се анализираше исходот од првиот круг на изборите за претседател на Република Македонија. Резултатите на првиот круг на изборите покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов е најголемата политичка сила и ја има поддршката од домашната и од меѓународната јавност, а наскоро по победата на претседателските избори ќе ја води државата. Членовите на ЦК го поздравија одличниот резултат постигнат на првиот круг на претседателските избори, при што изразија целосна подготвеност и решеност да се поминат и последните милиметри до конечната цел, до конечна победа на овие претседателски избори.

Пред присутните беше пренесена и пораката од кандидатот Гордана Сиљановска Давкова која изрази голема благодарност за поддршката и безрезервната доверба кон неа, како и нејзината решителност да ја порази неправдата која владее во Република Македонија.

Анализата на добиените гласови по општини и изборни единици покажуваат победа на ВМРО-ДПМНЕ во 47 општини, што се должи на успешното препознавање на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на волјата на граѓаните да расчистат со криминалните политики на власта. Незадоволството на граѓаните е големо, расте со секој изминат ден и тоа ќе биде изразено на денот на изборите. Ниеден притисок, ниедна уцена од апсолутистичката власт не е посилно од сувереноста на гласот зад параванот. Оттука, упатен е апел до неопределените и оние кои не излегоа на гласање на првиот круг на овие избори, а не се согласуваат со политиките на власта, на вториот круг да излезат и да дадат поддршка за Гордана Сиљановска Давкова.

Од Централниот комитет беше упатена и покана до сите поранешни функционери и видни личности од ВМРО-ДПМНЕ на сите нивоа, да се вклучат и да помогнат во изодувањето на последните милиметри до победа на Претседателските избори 2019.

Членовите на ЦК беа запознаени за текот, планот и за стратегијата за кампањата за вториот круг на претседателските избори, во која што покрај Општинските комитети ќе бидат вклучени и членови на највисоките органи, Претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски, Генералниот секретар Игор Јанушев, како и членови на Извршниот комитет.

Македонија е на нозе во потрага по право и правда и тоа го препознава во идниот претседател на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Поврзани вести