Гостин во емисијата 200-та на Алсат М вечерва беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Мицкоски истакна дека доколку Зоран Заев би сакал да ги знае чекорите и програмите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот Договор, треба да се осмели и да распише предвремени избори.

Тој рече дека доколку ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори излезе со програма во која ќе вети дека доколку победи ќе му бидат неопходни 80 пратеника и му е потребно Бадинтерово мнозинство за да го врати Уставот пред да се случи Зоран Заев на македонската политичка сцена, ќе се борат тоа да го направат. Тој рече дека во иднина можеби ќе има неколку програми и понуди кои ќе им ги понуди на народот, но дека тој како политичар нема да го изговори името на државата со придавката Северна.

-Од мене, како политичар, никогаш нема да слушнете име со придавката на нашето Уставно име, без разлика на тоа дали е реалноста ваква каква што е, или ќе биде поинаква онаква каква што јас ја замислувам, рече Мицкоски.

Мицкоски запраша и дали е кршење на Уставот доколку спомене само Македонија и рече дека за него тоа не претставува прекршок.