Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Договорот од Преспа е кристално јасен. Ние никогаш нема да направиме ништо што е на штета на народот и државата, а дека славењето на Договорот од страна на Владата е погрешно ќе покажат и изборите, рече Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на Изборниот штаб, гостувајќи на Македонската радио-телевизија, МРТ, говорејќи за Договорот од Преспа кој е едно од актуелните прашања во текот на кампањата за избор на претседател.

Според него некој ќе мора да одговара за криминално-мафијашкиот начин на кој се дојде до промена на Уставот.

-За ова еден ден ќе мора да се одговара пред правдата. Ништо не е вечно. Се што направи Владата, во процесот да се дојде до Договорот од Преспа, се направи со манипулација, укажа Јанушев, додавајќи дека она што ВМРО-ДПМНЕ го кажуваше се покажува и се потврдува секојдневно.

-Дојде до промена на имиња на 136 институции, обезличување на народот, државата… Сето ова граѓаните не го прифаќаат, и тоа треба да го види секој.

Ние, додаде Јанушев, тоа го укажувавме одамна и нашиот став е доследен, а дека тие не се доследни покажа начинот на кој помина референдумот, да гласаат граѓани со таква брзина, потоа малата излезност.

Според него, очигледно е дека оние кои го договарале Договорот и го потпишале во Преспа, не го прочитале.

– Договорот од Преспа е облигационен однос. Тоа значи дека една од страните секогаш може да иницира промени на Договорот, како и да излезе како страна на истиот. Но, за тоа треба и двотретинско мнозинство во Собранието. Тоа значи дека ако ВМРО-ДПМНЕ нешто прави тоа ќе биде согласно волјата на народот и согласно правото, рече Јанушев.