Со Заев и Димитров, ЕУ е само далечен сон

Колумна на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за Независен весник

Деновиве, за жал, стигнуваат сериозни најави дека Македонија повторно и оваа година нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Се реализираат најавите дека и покрај тоа што Зоран Заев и Никола Димитров потпишаа капитулантски договор за целосно обезличување на Македонија, за преименување на државата и бришење на македонскиот национален идентитет, повторно нема да има датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. А, да не заборавиме дека главно ветување на оваа двојка беше подобар живот што се огледува низ членство во ЕУ. Тука не ја потценувам улогата на НАТО, но сите знаеме дека членки на НАТО се и помалку развиени земји од Македонија, а дека елитниот клуб на благосостојба е сепак ЕУ. Какво е тоа национално понижување да се прекрстите себеси, а ЕУ да остане само далечен сон. Тоа е нешто за што ќе пишуваат генерации и генерации.

Тука би сакал да потсетам дека бев прв од македонските политичари кој уште минатата година во ноември најави дека ако Македонија не испорача на полето на реформите нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ ни во 2019 година, исто како што не доби датум ни во 2018 година, иако Заев и Димитров потпишаа да се промени името на Македонија. Тогаш на истите овие странци на „Независен весник“ во мојата колумна наловена „Црни сценарија“ напишав: „Сакам јавно да предупредам преку овие редови дека Македонија, доколку продолжи со ова ниско ниво на реализирани реформи, за жал, и следната година во јуни нема да добие датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Без оглед на промената на името, ниското ниво на реализација на реформи во моментов е главната кочница Македонија да оди напред кон ЕУ“. Во истата колумна од 21 ноември додадов и „сакам да остане запишано дека седум месеци порано предупредував дека ако продолжи вака Македонија со ниско ниво на реформи, иако со променето име во Северна, понижена и ставена на колена, пак нема да добие датум за почеток на преговори во јуни 2019. Ќе бидам најсреќен доколку владата и Заев ме демантираат со својата работа и ова не се случи. Тоа ќе е добро за Македонија. Но како што сега стојат работите – многу тешко!“

Три месеци подоцна со истата порака во државава дојде француската министерка за европски прашања која го потврди она за што предупредував. Натали Лоазо во интервју вели дека пристапните преговори ќе се отворат само и ако Македонија испорача во делот на реформите и ги исполни сите критериуми. Вели дека промената на името не е доволна, дека се потребни реформи. Таа потврдува дека за Франција, како и за неколку други влијателни земји членки на ЕУ, е многу побитно Македонија да е средена држава со силно владеење на правото, намалена корупција и стабилна економија која расте, отколку какви договори ќе прави со Грција. Самата во истото интервју вели дека времето е кратко, а очекувањата се големи и дека до сега Владата речиси да не испорачала реформи, напомнувајќи дека тие треба да се спроведени во реалноста, а не само напишани на хартија. И нагласува дека договорот од Преспа не е доволен.

Ова е досега најјасен сигнал до владата на Заев дека не работи и не испорачува. Нешто за што силно предупредувавме. Иако времето е кратко сега е на Владата да испорача. Но суштинското прашање е дали може и сака да испорача. Сè што се прави во реалноста е во спротивна насока. Стотици вработувања на роднини на функционери, целосно суспендирање на владеењето на правото, продолжени политички случаи, тепање на политички затвореници во затвор, предлог за реформа на безбедносните служби која е крајно дискутабилна, никакви истраги, а камоли обвиненија кон луѓе од актуелната власт. Сето тоа се чекори назад кој Заев мора да е свесен дека некој внимателно ги нотира. А, барањата на ЕУ се во спротивен правец, напишани се во извештајот од Советот на ЕУ минатиот јуни и се многу едноставни. Тие се сведуваат на: судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на корупција и организиран криминал, вклучително на високо ниво, реформа на разузнавачките и безбедносните служби и реформа на јавната администрација.

Интерес на ВМРО ДПМНЕ е Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ оваа година и да ги почне преговорите. Ние сме за тоа, пред сè заради благосостојба на македонските граѓани. ЕУ е наша стратегиска определба како партија. Но тоа не го гледаме. Денес легитимно се поставува прашањето дали изговорот за одбивање на нашето барање за предвремени парламентарни избори беше искрен. Имено изговорот беше дека треба да се спроведат реформи кои ќе нè донесат до датум за почеток на преговори. Јавно прашувам – кои реформи се спроведени? Кои? Може ли барем една да се набори.

Финале на сè е инсистирањето на Владата, инсистирањето на Заев, Димитров и Османи да сме во иста група со Албанија, па дури и овие денови во посета на државата е в.д. министерот за надворешни на Албанија, а од нашата влада информираат дека со Тирана се координираат за добивање датум за преговори со ЕУ. На влегувањето во пакет со Албанија предупредив уште минатата пролет. Тогаш од Владата ми беше одговорено дека тоа е научна фантастика. Таа „научна фантастика“ неколку месеци подоцна во јуни 2018, за жал, се потврди. Еве и сега предупредувам – ако останеме во ист пакет со Албанија, никогаш, ама буквално никогаш, нема да почнеме преговори за членство.

Стратегијата мора да е во две насоки – прво, силна посветеност на реформи и испорачување видливи и одржливи резултати; и второ, одвојување од пакетот со Албанија. Од денешна перспектива, мислам дека Заев, Димитров и Османи нема да испорачаат ниедно од двете. Затоа победа на Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори е неопходна за тоа да доведе до пад на Владата на Заев и брзи предвремени избори кои до есен ќе донесат нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се фати во костец со проблемите и реформите и ќе се обиде до самитот на ЕУ во декември да испорача реформи и да добие датум за почеток на преговори.

Поврзани вести

Мицкоски до просветните работници: Заев не ја зголемува вашата плата, туку ви одзема од вашата плата која ви е гарантирана со закон и колективниот договор во образованието

Интегрален текст од видео обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани наставници и...

Арсовски: Цели 5 месеци Русковска, Јовевски, Заев си играат со интелигенцијата на граѓаните и се обидуваат да го прикријат најголемиот криминален скандал во Македонија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани,...

Кирков: Негрижата и масакрот на било кое животно користејќи дури и единици на Армијата на Република Македонија е само одлика на владеењето на Влада кон заштитата на животинскиот свет

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Стефан Кирков Почитувани, Пред само 3...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...