Субвенционирањето на електрична енергија од фотоволтаични електрани e уште една брзоплето спроведена реформа која може да донесе штета со несогледиви последици

Соопштение до јавноста – реакција на прес конференцијата на Кочо Анѓушев

А, можеше да биде квалитетен проект!

Почитувани, за жал можеме да констатираме дека дрвото кога е криво насадено, ќе продолжи да расне криво.

Најновиот доказ за тоа е т.н. државно субвенционирање на електрична енергија произведена од фотоволтаични електрани.

Дрвото е криво насадено уште во самиот закон за енергетика, каде што е предвидено ова производство да биде субвенционирано од државата. Ваквиот принцип на поттикнување на производство на електрична енергија е крајно проблематичен поради следните причини:

Прво, оптоварување на сите граѓани на Република Македонија со скриен трошок кој нема да се види во сметките на електрична енергија туку ќе биде директен товар на буџетот на Република Македонија, кој повторно го полнат граѓаните. Според Член 11 од Уредба за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, планот е буџетот да се оптоварува во временски период од 15 години. Значи цели 15 години сите ќе ги плаќаме овие субвенции, независно од тоа дали и колку трошиме електрична енергија.

Второ, самиот концепт на премиуми е далеку од концептот на либерализирани пазари на електрична енергија. Со овој концепт се стимулира производството со дополнителни средства, независно од моменталната пазарна цена на електричната енергија. Воопшто не e нереална ситуацијата државата да одвојува дополнителни средства за производство во периоди на висока цена на берзите на електрична енергија. Почитувани, замислете дека при цена од повеќе од 100 евра по мегават час на пазарите на електрична енергија, државата дополнително ќе дава средства на овој производител иако истиот веќе ја продал по релативно висока цена. Да, вистина е тоа што тврди вицепремиерот, дека целиот свет субвенционира производство на електрична енергија од обновливи извори, но заборави да каже дека целиот свет се обидува тоа да го направи на паметен начин, притоа доближувајќи ги овие производители до пазарните принципи. Пример за тоа се т.н. “Договори за разлика” кој се применува во Велика Британија, при кои повластениот производител добива субвенција за разликата помеѓу постигнатата цена на пазарот на електрична енергија и таа што е  определена со премијата, односно разликата меѓу извршната и пазарната цена им овозможува на производителите да ги повратат дополнителните трошоци кои се поврзани со примена на дадена технологија.

Трето, најавата за откуп на електричната енергија од државата е тотално нејасна и збунувачка, ако се има фактот дека е планирано овие производители да ја продаваат електричната енергија по пазарна цена. Се поставува прашањето кој ќе ја откупува оваа електрична енергија и по која цена?

Четврто,  кој ќе биде одговорен за отстапувањето на производството или популарно наречените дебаланси, односно трошоците кои АД МЕПСО ќе ги направи за порамнување на отстапувањата? Дали трошокот ќе го плаќа производителот или повторно сите ќе бидеме изложени на солидарна одговорност?

Петто, на кого ќе падне трошокот за опремување државното земјиште и наменето за изградба на овие производствени капацитети обезбедувањето приклучоци на соодветната мрежа ?

Почитувани, сведоци сме на уште една брзоплето спроведена реформа која може да донесе штета со несогледиви последици. За жал, сведоци сме дека позитивните оценки добиени поради целосната либерализација на пазарот на електрична енергија секојдневно се топат поради дилетантскиот пристап во се што можеше да биде добро, а не е добро подготвено и спроведено од страна на најодговорниот за енергетиката во Република Македонија, Вицепремиерот на Владата на Република Македонија.

 

Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани вести

Најгоре