Битката против Заевизмот е битка за Македонија, ќе го победиме заедно

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувана претседателке на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска,

Почитувана професорке Гордана Силјановска Давкова кандидат за претседател и иден  претседател   на Република Македонија,

Почитувани членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,почитувани пратеници, почитувани членки на извршниот комитет на Унијатата на жени на ВМРО ДПМНЕ, почитувани членови на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, драги гости и пријатели, добро дојдовте на денешниот настан.

Драги членки на најмоќната женска организација во Република Македонија Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ,чест и задоволство е да се биде со вас, да се одбележи оваа 18-та годишна конференција.

Без разлика од каде доаѓате, вашиот успех зависи од вашата самодoвeрба, цврстина и знаење. Тачер велеше „навиката да го правиш она што знаеш дека е правилно и важно, иако е тешко, е вистинскиот пат до гордоста, самопочитта и личното задоволство.“

Ние знаеме дека сме на вистинската страна, на страната на народот, правдата, и  на страната на Македонија. И таа наша определба бара и одредена пожртвуваност која знам дека секој еден вас ја носи на своите плеќи, особено во ова време кога правдата е нападната од неправда, кога вистината се обидуваат да ја заменат со лагата и кога сакаат да ни ја украдат иднината.  Кога традициите сакаат да ги одвојат од семејството.  Кога вредностите се игнорираат, а авангардата се потиснува.

Но има и светло на крајот од  хоризонтот. 18 години по ред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ останува јадрото кое ја симболизира таа македонска пркост, топлина, мајчинство кое обврзува, но и бунтовност пред која заеднички се поклонуваме. Македонската жена е неминовен учесник во сите големи настани во нашата историја, таа е големата мајка и хероина која се бори за правдините.

И зад сите Сердари и водачи на нашиот народ кои сме ги имале низ нашата историја, стоела по некоја Прличева Неда, мајка, жена, силна потпора. Таа основа поттикнувала растеж, била почва за развој, силен темел, двигател, бунтовник. Борец!

Положбата на жената не е еднаш засекогаш дадено право, туку константа за која мора да се борите, унапредувате, освојувате. Знам дека пеколно тежок е тој пат, но ние ја нoсиме таа карма на беспаќа, континуирани докажувања, и страдања кои не дефинираат низ времето, но и ја зголемуваат нашата мотивираност.  Затоа што нели ние Македонците сме пирејот таа троскотна трева која никнува колку и да ја газат, требат и кошкаат. И секоја наша победа која сме ја носеле низ историјата била резултанта на научените лекции од сите наши порази, и сме победувале и одново ќе победуваме со крената глава горди, стаменити, честити, рамо до рамо, еден до друг, затоа што сме искрени во оваа наша мисија и затоа што ја сакаме оваа наша  земја Република Македонија.

Во оваа наша заедничка борба Вие почитувани членки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ сте рамноправниот партнер и ја имате сета  моја почит. Вашата борба е и моја борба, вашата победа ќе биде заедничка победа. Сите за еден еден за сите.

Благица знам дека прифати одговорна функција во несигурно време и ваквите мигови бараат храбри и одлучни луѓе, и убеден сум дека успесите ќе дојдат и сите вие ја имате мојата поддршка и непоколеблива верба, Унијата на Жени ќе се соочи со секој предизвик што доаѓа, затоа што заветот е голем и тежок- и тој се вика Република  Македонија.

Драги пријатели,

Мора да бидеме свесни за реалноста и за проблемите кои го разјадуваат нашето општество. Замижувањето пред неправдите и беззаконието нема да помогне ниту да го одложи доаѓањето на решенијата. Молчењето ќе донесе уште поголема неправда и беззаконие. Македонија тешко боледува од криминален и коруптивен канцер кој е распространет до најситните пори. И тоа не е единствениот проблем. Власта веќе одамна ги загуби критериумите за нормалното и сега се наоѓаме во состојба на постојани напади на декаденција и изветопереност.

Таа метастаза на новата тешка општествена реалност се нарекува Заевизам кој прераснува во дијагноза на мачното и тешко време за македонскиот граѓанин чија карактеристика е постојаното губење, било да е слободата, идентитетот името или нешто друго бидејќи човекот не се изборил за тоа, тоа го наследил  и лесно му е да тргува со тоа . Се работи за почита, достоинството, чесноста , сигурноста, работата, најмилите кои копнеат да отидат надвор од државата час поскоро.

Таквиот процес  прераснува во една еднолична ментална матрица на луѓето од власта, кои продуцираат страв и  секојдневни лаги. Нормално стана да исчезнуваат луѓе катадневно, да има престрелки, животот да е на коцка и зависен од милоста на оние кои сакаат да управуваат со нашите судбини. Да имаме криминал, наместени тендери, предавства, беззаконие и неказнивост, тепања, прогон, беспарица и задолжувања.

Најскапото станува најевтино, животот за жал  загуби вредност, а несреденото здравство само го зема човечкиот данок. И на ваквиот Заевизам изворот не е само Зоран Заев, тој е највисоко во ваквото девастирано општество, но во таквата пирамида подеднакво се десетиците функционери од власта кои се исти како него. Ги делат истите невредности, ги легитимираат истите непринципи. Таквиот процес  донесе неправда и рушење на правната држава.

Во земјата не владеат законите, во Македонија нема повеќе владеење на правото, а судството и обвинителството одамна не се механизмите кои што  ќе ја заштитат правдата. Случаите со тепањето на Миле и Спиро во затворот не е само податок кој докажува дека се прекршени процедурите и правилата во затворот, туку пред се тоа е последица на урнисаниот систем, неморал и доказ за невиден организиран прогон кој продолжува и во пресрет на претседателските избори. Дури и во еден ваков толку јасен случај на неправда оставката на оној затворски управник која треба да послужи за алиби ќе почекаДоставил господинот список  на потписи во знак на  негова поддршка до деспотот .  Се кршат процедури во Собранието, се носат закони кои може да донесат само бизнис интерес за поединци, а ненадлежното СЈО ќе отвори онолку нови случаи колку ќе сметаат дека се доволни за да може да се пазари со цел да си го продолжи мандатот, зошто за нив привилегиите се далеку поважни од правото и правдината  која треба да се постигне. За пусти пари се работело и за ништо друго.

Таквиот процес во чија суштина се критериумите кажувам – негирам -заборавам практично говори за сите ветувања кои ги кажа, а не ги исполни. Далеку сме од плата од 500 евра, нема ниту живот, ниту чист воздух,нема реформи во образованието, нема реформи во здравството, го нема клиничкиот центар, се шета низ Европа ги гази дебелите килими и  ги нуди те на овој те на оној  а економијата колабира. Граѓаните се чувствуваат несигурно. Се изгуби редот на нештата. Македонија не е нормално место за живеење. И кога ваквите неправди се случуваат на највисоко ниво, можете само да замислите како е во секојдневниот живот кај обичниот човек. Колку само еден родител, татко, мајка, дедо и баба, брат или сестра се огорчени кога неправдите им стануваат дел од секојдневието.  Колку само очај, страдање и немоќ предизвикува ова што го говорев, и тука не станува збор за  висока политика, ова се реални теми. Прашањето кое си го поставува секој еден од вас е што е решението?

Драги мои стојам пред вас и ви велам, јасно и доволно гласно, борбата против Заевизмот е битката за Македонија и битката на  нашата генерација.

Заевизмот мора да биде поразен, а изборите што доаѓаат ќе бидат референдум на народот. Сега е време да се чуе вашиот глас во политиката и моментот кога мора секој еден  од вас да се определи. И навистина не е доволно да стоите пред малите екрани и да бидете само огорчени поради лошата реалност. Мора да одберете страна да излезете и да гласате. Мора да се одлучите. Или ќе гласате против сето ова што се случува, или ќе одбиете да влијаете на работите кои стануваат се полоши. А тоа  зависи од вас. Или сте со нас и заедно ќе се бориме, или ќе ја одобрите неправдата да стане закон. И добро знаете дека нема да биде подобро ако се продолжи  вака.

Да не ги повторуваме грешките од минатото кога предупредувавме како партија дека Овие од власта кога ќе дојдат ќе ја губиме Македонија парче по парче. Дека ќе направат промена на име, идентитет, дека  ја понижат Македонија, дека лажат кога ветуваат живот. И не сакам сега да звучам отмено и паметно и во стилот „ви рековме дека вака ќе биде“ зошто знам дека сте имале сите поединечно доволно причини да гласате против нас во минатото , и ние сме поискусни и свесни за нашите сите наши пропусти во минатото, затоа денес стојам овде и ви велам  секоја задршка која постои кај некој од граѓаните да не поддржи сигурно е помала од опасноста и пропаста кон која власта ја носат  Република Македонија. Од нас зависи што ќе избереме. Поискусни сме, ги идентификувавме грешките и знаеме како понатаму. Нас жолтици, златници не ни требаат. Слава не ни треба. Ова е нашата историска улога кога треба татковината да ја дигнеме од пепел во којашто овие ќе ни ја остават. Ние сме мотивирани и знаеме како тоа да го направиме. И ова не е политиканство, ова е сентимент и ова е верба за којашто секој еден од вас верува и се стреми, а тоа ќе го покажеме силно мотивирани на претседателските избори на 21 Април, кога ќе биде првиот чекор кој ќе му го зададеме на деспотот и на генерацијата околу него којашто ја втурна Македонија во оваа бездна. Ајде сите заедно рамо до рамо да ја извадиме нашата татковина. Не ни треба злато, не ни треба ништо. Ни треба богата Македонија. Да си ги вратиме децата, соучениците, браќата, сестрите назад дома, овде.

Вистинскиот мандат во оваа земја се помалку е во она Собрание кое толку многу пати ги прекрши процедурите, туку во народот на оваа земја. Силата  во вашиот глас и сега нема да има изговори. Силата е само во вашиот глас. Сликата е многу јасна и совршено чиста. Само заедно да се обединиме и да влијаеме можеме само така да ги  промениме работите. Да се дочекаме на нозе. Нема изговори, и сите наши разлики се помали од нашата заедничка цел која е поголема и повисока од секој нас посебно. Ние тргнавме да го рушиме Заевизмот и за секој има место до нас.

Ќе се обратам и до оние кои се мислат дали да излезат да гласат. Значи не до оние уценетите слуги на Заев кои работат на копче, тие знам дека имаат задача и таму бизнис и притисоци се во прашање, тие се заробениците на Заев и такви има се помалку, туку на оние чесни родољубиви луѓе, интелектуалци и искрени патриоти кои се разочарани од секојдневието, а на кои Македонија им е важна. Имаме ист противник, Заевизмот е наш противник исто колку што е и ваш. Но, Македонија ни е заедничка. А бојкотот е слепа еднонасочна улица после која нема втор чекор. Тоа е ѕидот на власта. Нема втора опција и решение. Затоа да си подадеме рака и да ја искористиме неповторливата шанса да го поразиме Заевизмот на избори и само така ќе можеме повторно да ја издигнеме Македонија. Да застанеме заедно под бајракот на заедничката победа, ве поканувам сите.

Драги браќа и сестри,

Буицата на народната волја доаѓа на овие избори. А претседателските избори се првата станица до парламентарни избори кога конено ќе биде победено ова мракобесие. Иако сега сакаат да демонстираат сила, добро знаат дека нивната арогантност и сеење на страв е вистинскиот доказ за нивната немоќ. Ќе остане запишано дека единственото нешто што го направија е промена на нашето уставно име и идентитет, што преставува тешка капитулација по сите основи. И на оваа тема сум говорел многу, но сакам да опфатам едно друго поинакво светло.

Побрзаа со полиција да ги чуваат знаците покрај автопатиштата на кој пишува онака фушерски прелепено со самолепливи плакати Република Северна Македонија. Па ако народот прифател доброволна промена на името и идентитетот и бил среќен поради тоа како што го направи оваа власт, тогаш чуму  што ќе им е полиција да ги чува таблите. Од кого се плашат од народот ли се плашат? Епа ќе им каже народот на 21 Април што мисли. Од прв до последен. Институциите ќе немаа работа, граѓаните среќни и задоволни во редици самите ќе го испишуваа новото име на јавните места, ќе цртаа графити, горди дека тоа се случува. Ама не ќе да е така. Добро знаат дека огромно мнозинство на народот не го прифаќа и не се согласува со ова што го направи власта, што и се виде и со самиот референдум каде договорот беше отфрлен.

Покрај невидливиот цензор на медиуми чии корени одат директно  на Бихаќка, се доби уште еден јавен, па така ако некој министер или новинар во присуство на  Заев го употреби името Република Македонија ризикува да биде веднаш цензуриран и поправен кажувајќи го името што сам си го договори и го потпишаа во Нивици. Мисли така ќе влијае во колективната свест дека мора да се смени името чии корени се векови, милениуми стари, па така и срамот кој и го приреди на државата ќе биде помал.  Каков аматеризам и потценување. Хартијата трпи се, и промената на оние метални букви надвиснати на фасадата на зградата на владата нема да ја променат вистината,  нашето име и идентитет е колективно врежано во нашето минато. Нашиот идентитет се нашите прадедовци и дедовци, тоа живее помеѓу нашите синови и ќерки.. Македонија е жива и тоа не е само име, тоа е начин на однесување кое го дефинира нашето постоење, тоа е она што сме и ќе продолжиме да бидеме Македонци од Македонија и Македонци ширум целиот свет, а сето друго е процес којшто ние инженерите велиме  има повратна врска. Многу држави во минатото капитулирале, но биле трпеливи, верувале и биле храбри. Па денеска се велики и обединети. Така да ништо не е загубено.

Сето ова што го приредува власта нема да ја покрие мизеријата во економијата. И додека надвор Премиерот оди на балови со фрагови, народот овде вистински гладува. Дури и последната фалба за наводно рекордно ниво на странски инвестиции во земјава е лага. Рекоа, гордо излегоа и рекоа имало рекорден број инвестиции 656 милиони евра, а заборавија да кажат дека 75 проценти од тие се реинвестирана добивка, акумилирани со годините наназад од странските инвеститори коишто сега под притисок на Владата бидејќи им наметна нови даноци од 1 јануари 2019 година истата ја извадија и ја реинвестираа во република Македонија. Да тоа се оние странските инвеститори по коишто викаа, што ги навредуваа кога беа опозиција, а сега молат бога да ги посетат и да се сликаат. Истите тие странски инвеститори што некој макотрпно работеше за да ги донесен 12 години. Па пред да иде на скијање во еден скап зимски центар, ќе излезе на прес конфренција, горд што  тоа го направил во Собранието и ќе каже утрово имав разговор со еден многу влијателен политичар којшто е во кабинетот на еден и ќе крене надеж дека ќе донесел еден голем инвеститор  од една богата држава во Европа. Таа 3-та држава, да остави простор позади димната завеса, да луѓето веруваат добро ајде ова што излажа излажа, ама сега влада ќе каже вистина еднаш. Чекаат луѓето. Поминаа година време, од инвеститори нема ни трага ни глас. И ете ти го гласникот се јави. Инвестицијата на таа и таа компанија е шпекулација. Па не шпекулиравме ние. Твојот претпоставен шпекулираше преку скапо платените новинари. За да денеска видиме во која држава таа голема компанија ќе инвестира. Така честито не се однесува кон својот народ. Тоа е лага. Тоа е нечесност. И овој народ овде, но и народот овде на улиците ширум Македонија ќе ти го каже последниот збор на 21 Април. И за скијањето во Гармиш, а и за баловите коишто ги газиш дебелите Персијанци.

И во ваков еден уникатен систем Заевизам, при што нема друга држава во светот каде премиерот бил амнестиран за криминал и во исто време ослободен од гонење за криминал и поткуп додека бил на функција,  раѓа и други уникатни девастирани блефери. Па така се одлучија да го кандидираат Стево Пендаровски за претседател. Два дена селебрити стана пусти Стево. Значи толку голема е кадровската криза  во СДСМ и откако ги вработија сите роднини на функционери и не остана незапослен роднина на функционер, започнаа нов процес да ги кандидираат луѓето по втор пат за иста функција иако веќе еднаш загубиле на избори. Не знам во СДСМ но ние на факултет ги викаме квадранти, луѓе кои по втор пат запишуваат иста година затоа што паднале претходната.  А во основно и во средно ги викавме повторувачи.

И знам дека има некој кој што ќе рече дека еве од втор пат му успеа на Заев, ете тој стана премиер, иако реалноста е дека не победи на парламентарните избори. Јас би рекол не дај Боже да се дозволи втор Заев овој пат на функцијата претседател на држава, затоа што отиде Македонија. Овие двајца политичари кои се провлекуваат низ сета темнина на транзицијата и сите штетни политики овие дваесетина години, се многу слични навистина. Едниот еве гледаме  се занимава со фалсикување избори, а вториот како претседател на ДИК аминуваше фалсификат на изборите 2004-та година. Значи едниот актуелен, а другиот со искуство. Нивното напред кое гледам како мото го применуваат всушност значи многу назад.

Но за деталите во друга прилика

Драги присутни гости, браќа и сестри,

Македонија е исправена пред голема крстосница и цврсто верувам дека ќе се избере вистинскиот пат. На Македонија и треба претседателка. Дојде тоа време кога ваква цврста жена како професорката Силјаноска ќе ја штити правдата и интересите на државата. Претседателка која ќе се стави на страната правото и правдата, која ќе се бори за законите во рамки на Уставот, која ќе гради дипломатија базирана на компетенции. Претседателка која ќе биде баланс на властите, ќе се бори за еколошките прашања, за подобро здравство, за светско образование. Ќе работи на укинување на привилегиите на власта. Без разлика што ние многу скоро ќе бидеме на власт, привилегиите мора да се намалат. Претседателка која ќе биде вашиот глас во политиката.

 Драги пријатели,

  Черчил соочен со предизвикот на својот живот кажал, пред нас стои ништо друго освен многу големо искушение. Драги пријатели ни престојат многу денови на борба.

Прашувате која е нашата политика? Велам да се бориме против деспотизмот кој е ненадминат во тешкиот и жалосен каталог на нечовечки дела и злодела.

Прашувате која е нашата цел – Ќе ви одговорам со еден збор – ПОБЕДА! Победа на правдата по секоја цена, победа и покрај сите неправди и ужаси. Победа без разлика на тоа колку тежок ќе биде патот пред нас, бидејќи без победа нема опстанок.

Денес тргнуваме кон победата. Ќе победиме силно. Ќе победиме уверливо. Македонија мора да ја кренеме на нозе со гордо крената глава. Да се избориме за нашата заедничка среќа и да ја вратиме нашата татковина назад. Нашите срца, почитувани, чукаат за неа, за Македонија.

Еднаш клекнав пред луѓето, а тоа голем број платени скапо новинари од страна на Заевизмот го вулгаризираа, ме навредуваа, го прикажуваа како моја слабост. Денес ќе ве замолам да ги поминеме сите улици, сите домови во Република Македонија да застанеме рамо до рамо, човек до човек, ние немаме алатка да правиме притисок во медиумите, не можеме невистината да ја направиме вистината и не треба да го правиме.  Ние сме принципиелни, честити, народни луѓе,  нашето место е меѓу народот и сега кога сме опозиција и кога ќе ја водиме државата

И затоа ве молам вие жените, мајките, гостите, членови на ВМРО-ДПМНЕ, активисти, сипматизери, поддржувачи да застанеме сите еден до друг, еден позади еден, да им ја кажеме нашата приказна за Македонија, како ние ја гледаме Македонија со како жена претседател, како ние ја гледаме Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ,  како ние може да направиме нешто за неа, а не таа за нас.

Да ни е жива и здрава Република Македонија!

Да ни е живо и здраво ВМРО ДПМНЕ!

Да сте ми живи и здрави и да победиме!

Поврзани вести

Најгоре