Како што рече Кржалоски, СДСМ и Зоран Заев не се на страната на младите, додавајќи дека тие во опозиција ветувале брда и долини за младите, подобри услови за живеење, а сега кога се на власт од тоа нема ништо.

-СДСМ не е на страната на младите. Младите мора да се стимулираат, тие мора да се во фокус на државата и општеството, вели Кржалоски.

Кржалоски додаде дека за ВМРО-ДПМНЕ младите имаат големо значење бидејќи во нив е иднината, истакнувајќи дека во сегашната програма на партијата се спремаат многу нови проекти и мерки кои ќе бидат од големо значење за секој млад човек.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ можеме, а и имаме обврска да понудиме значајни проекти за младите во државата. Мораме на младите да им дадеме поголеми шанси за иднината да ја градат во Македонија, во нив е силата на Македонија, кажа Кржалоски.

Запрашан кои се клучните причини за огромната младинска невработеност, Кржалоски одговара:

-Долгиот процес на транзиција креираше недостаток на крупни инвестиции и индустрија, недостигаат вештини и знаења, но уште повеќе можности тие да се добијат. Забрзан процес на дигитализација и компјутеризација, за кој, младите немаат доволна подготвеност, непотизам, коруптивност, нереални ветувања.  За жал, младите во Македонија се на маргините на општествениот развој. Нема ден без корупциски скандал, без реваншизам кон неистомислениците, неисполнети ветувања и на локално и на централно ниво. Но сега нема никаде да ги слушнете нашите политички противници – за ниту едно прашање. Таа почит се содржи во материјалната поддршка и борбата со алармантната младинска невработеност, но и во психолошката и социјалната состојба на младите. Во општеството мора да завладее духот на слобода, независност, одговорност, рамноправност и човечко достоинство. Поддршката се состои во систематски и структурни мерки со кои се покажува посветеност на општеството кон младиот човек.

Кржалоски говореше и за можните решенија.

-Поголемо поврзување на потребите од пазарот на трудот (вештините, професионалноста, знаењата) со теоријата на факултетите. Насочување на младите за правилен избор на образовен профил соодветно на дефицитарните работни места. Се залагаме за поддршка на претприемништвото и негово поттикнување. Всадувањето на овој дух не значи дека секој треба да отвори сопствен бизнис, туку секој да создаде и употреби претприемачки вештини и практики во своето учење, работење, размислување. Идните вложувања на државата мора да одговорат на проблемите со инфраструктурата, дигитализацијата и модернизацијата на образовните програми. Време е македонскиот образовен систем да застане рамо до рамо со европските. Оттука, потребни се вистински и коренити промени, а не површни реформи. Примарен таргет треба да бидат средното стручно образование и високото образование. Инвестиции – странски и домашни, мали и големи со цел диверзификација на пазарот, раст на можностите за вработување и раст на примањата. Заради пренесување на светските трендови, се залагаме и за поттикнување на враќање на успешни млади бизнисмени и претприемачи на раководни позиции во институциите во Република Македонија. Нивното искуство, знаење и контакти се клучни за градење нови вредности и нови успеси. Сето тоа да доведе до достоинствен живот и почитување на човековите права на младиот човек. Мора да запре времето во кое креираме квалитетни кадри за економиите на државите од Европа и светот. Нашата визија е младите да бидат среќни и да работат во Македонија, порача тој.