Власта е во обид да ја прикрие спрегата помеѓу веледрогеријата „Др. Пановски“ и ЈЗУ Клиниката за хематологија – Скопје

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Фатени се живи како си делат тендери во здравството едни на други, па за да скандалот биде поголем власта во тоа гледа како на нормална и вообичаена работа.

Воопшто не е вообичаено и нормално ќерката да е директорка на една од клиниките, а таткото да добива милионски тендери.

Власта е во обид да ја прикрие спрегата помеѓу веледрогеријата „Др. Пановски“ и ЈЗУ Клиниката за хематологија – Скопје. Во целост се обидува да ја прескокне и негира улогата на семејните врски и релацијата на татко- добитник на тендерот и ќерката – директорка распишувач на тендерот, а сето тоа да биде изразено во милионски суми евра од буџетот на здравството слеани на семејната компанија. Станува збор за крвно сродство од прв ред што е најдиректен судир на интереси.

Изземањето директорката на Клиниката за хематологија од потпишување на договорите за набавка, колку за објаснување, е недоволно за да го елиминира фактичкиот судир на интереси во кој се наоѓа ќерката – директор, затоа што се работи за техника на спроведување на јавна набавка. Тој очигледен судир на интереси, крвно сродство од прв ред, би требало да биде надминат со оневозможување јавната набавка од институцијата каде директорува ќерката да ја добие фирмата на нејзиниот татко!

Дотолку што свесно се запоставува фактот дека истата директорка ја составува нарачката на сите препарати и опрема што треба да се набават за Клиниката. Вака излегува дека тоа што таткото го нуди, ќерката го купува, и таа може, со оглед на крвното сродство од прв ред, да нарача каква опрема ќе даде понудувачот, во случајот таткото.

Целата ситуација е јасна, станува збор за судир на интереси во кои се остварува материјална добивка од страна на компанијата „Др. Пановски“, семејната компанија на директорката на Клиниката за хематологија. Се остварува материјална добивка од државни пари, во постапка на нерамноправни услови на понудување, нерамноправни услови во кои се доведени другите учесници во тендерската постапка. Тука станува збор за стекнување на имотна корист под привилегирани услови. Поради тоа што овој договор е склучен со прекршување на правните норми не би требало да произведува ниту регуларно правни последици, и истиот треба да се поништи.

Почитувани, тенденциозни се заканите за покренување на судска постапка од директорката на Клиниката и соопштенијата од Клиниката за партиско – политички цели. За директорката веќе има отворено предмет за првите тендери кои таа ги спровела токму поради индиции дека има судир на интереси и корупција.

Крвно сродство од прв ред – татко – ќерка, е најдиректен судир на интереси, заради кој и не смее да биде склучен договор!

Вистинската борба против криминалот, наместо декларативната на власта, бара да се елиминираат последиците од казнивите дела! Просторот на криминал ќе се стеснува кога ќе се елиминираат последиците од казнивите дела! Во случајот, поништување на тендерот и враќање на парите.

Поврзани вести

Најгоре