Сумата која што ја смислија од владата е лага и мачкање на очи на јавноста за да се покрие целиот дебакл

Соопштение до јавноста, реакција на соопштението на СДСМ кое се однесуваше на прес конференцијата на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Одговорност за расипничкото расфрлање со пари на граѓаните мора да има и од Роберт Алаѓозовски кој ги координирал активностите и од Зоран Заев кој е одговорен за целиот дебакл. Одговорност мора да има и од советниците на Заев кои се јавувале во македонската телевизија и мешајќи се во уредувачката политика, барале да не се врши директен пренос, иако бил предвиден.

На Зоран Заев им требаше цела недела за да смислат оправдување и да ја излажат јавноста за парите кои ги потрошиле.

Сумата која што ја смислија е лага и мачкање на очи на јавноста само за да се покрие катастрофата која што ја виде целата македонска јавност.

Техно забавата на еден човек пред бината во Охрид не може да биде поважна од спасувањето на детски живот.

Заев може да фрли стотици илјади евра во приватни џебови, но не може капитулантскиот договор со соседна Грција да го прогласи за победа. Народот го прочита. Народот одби да излезе и да учествува во срамната приватна журка со која што требаше да се одбележи бришењето на името Република МАкедонија, македонската традиција, историја и култура.

Притисокот од јавноста и медиумите денеска резултираше со објавување на смешна сума од страна на Владата. Молкот на Владата на СДСМ изминативе денови за потрошените пари за приватната журка на Заев е само потврда дека Владата ги крие реалните трошоци и ја манипулира јавноста.

Во самиот демант објавија дека Владата на 10.07 на седница одлучила да се организира прославата и дека организациониот дел околу бините, светлата, озвучувањето биле утврдени и избрани преку претходно спроведена тендерска постапка.

Доколку е тоа така и доколку тендерот бил објавен пред прославата, зошто уште веднаш не ја објавија висината на сумата на тендерот?

Целокупната јавност е свесна дека СДСМ неколкукратно ја прикрива реалната сума потрошена за организацијата на настанот.

Ги повикуваме СДСМ јавно и транспарентно да ги објават сите 40 договори на музичарите со затскриени генералии и да ја објават тендерската документација. Дополнително да ги објават и сите потрошени средства за авторски договори за евент-менаџерите, потрошените средства за промоција и слично.

Парите за дебакл-прославата можеа да се пренаменат за други работи и да се потрошат за суштински потреби на граѓаните. Непродуктивните трошоци откако дојде СДСМ го достигнуваат врвот. Расипничкото владеење на СДСМ мора да прекине и СДСМ мора да си оди од власта.

Македонија ќе победи!

Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани вести

Најгоре