Народот ја избра битката за Македонија, СДСМ ќе доживее дебакл на следните избори

Интегрален текст од обраќање, Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добар ден,

Добар ден горда Македонијо,

Добар ден комитско Кавадарци,

Добар ден роднини, пријатели и соседи,

Еден политичар кој за себе говореше дека бил изгубен во времето и ќе го барал семето, молејќи да не му ја чепкаме гитарата и жиците од гитарата, колнејќи се бесрамно во дедовината, татковината, во своите деца онака мртов ладен, без око да му трепне, тој истиот го слушаме како сакајќи да ја ослови нашата земја при еден настап на една телевизија од нашиот јужен сосед му се испушти зборот М…. и му беше срам, се исплаши се сепна, не знаеше до крај да го изговори. Ајде да му помогнеме тоа на М… господине Зоран Заев е она што Вие го заборавивте, а се вика Македонија! Македонија!!! Токму тој истиот човек, не убедуваше дека сме го заштитиле идентитетот, сме го заштитиле јазикот, името вечно ќе ни биде, а се уплаши, трепереше, се срамеше, се сепна на првата буква, а уште колку ли предизвици не чекаат господине Заев, кога Вие на првата буква се срамите да кажете.

Жално е навистина како овој човек од ден на ден се понижува и себеси и како самиот запаѓа од еден во друг проблем. Како да нема некој близок да му каже доста е, доста е со овие понижувања, доволно е, пенкало не се бакнува, се бакнува името на сопствената земја, таа што те школувала, таа што те одгледала и таа која што ја водиш како премиер уште не за долго господине Зоран Заев.  Покажи малку достоинство, немој да се поклонуваш понизно како чирак во македонските народни приказни, биди горд Македонец, дигни ја главата високо. Македонија те повикува, таа е татковината која што стои зад тебе кога тебе ти е најтешко.

Храбри Македонци,

Непокорни Македонци,

Кога ве гледам вака насобрани, со гордо кренати глави дојдени овде во Кавадарци, со бајраците на сонцето кој е наш белег, ќе му порачам на Зоран Заев ова е Македонија!

Македонија е името кое што гордо звучи, и се разликува од другите, тоа е името кое ни ги зголемува страдањата, ама со гордост го носиме, а гледаме на оној кој прв треба да го брани тешко му е дури да го изговори, па застанува на првата буква на М… Но затоа ВМРО е тука. Македонија, буквите за кои пишувале великани, Прличев, Мисирков, Коневски, името под чиј бајрак гинеле мажишта, се собрале и илинденците и партизаните за да го имаме ова што го денеска го живееме, за да можете вие да трошите пари од граѓаните за фијаска како што беше она вчерашниот ден, кога луѓе пред многу години под ножот ги оставиле своите животи за ова што почнува на М… Да им дадеме вечна слава на тие луѓе кои ги дадоа храбро своите животи на битката кај ножот. Немаме друга алтернатива браќа и сестри, немаме избор, немаме избор и мора вака да биде, ако погледаме длабоко во минатото ќе видиме дека единствен избор е да веруваме во себе и во сопствените капацитети и да сме свесни дека од нас самите зависи како ќе живееме, никој денеска не дава некому да му падне од Господ од небо. Мора да се бориме, мора да имаме визија, мора ние самите да го направиме нашиот живот достоинствен, знаеме како ќе работиме секој ден макотрпно додека не ја реализираме оваа цел да ги направиме граѓаните на оваа земја без разлика на нивната професија, етникум и без разлика на нивното образование горди и достоинствени граѓани на Република Македонија. Со дигнати глави.

Горди Македонци,

Нека не се залажуваат со онакви прослави како онаа вчера, на која учествуваа прелажани уметници, на кои треба да славиме дека сме влегле во НАТО и ЕУ, а всушност сме многу далеку од нив. Далеку сме затоа што во НАТО и во ЕУ не се лажат артистите дека ќе се претставеле пред народот, а всушност грубо се злоупотребени за политички цели. Тоа не се вредностите на НАТО и ЕУ. Кај НАТО и ЕУ не се местат тендери за членови на владата или за браќа, братучеди на премиерите, во НАТО и ЕУ не се возат и не парадираат со воени хелихоптери на ручеци и приватни забави и вечери, во НАТО и ЕУ нема да видите ослободени криминалци или аболицирани премиери, нема да видите како градоначалници шверцуваат стотици, илјадници пакетчиња цигари, нема тоа да го видите во НАТО и ЕУ. Да не се лажеме далеку сме и од НАТО и од ЕУ, бидејќи таму не се оди со овие луѓе и со и вредностите што овие луѓе настрана ги продаваат. Таму се оди гордо, достоинствено со визија и со проекти и чесно, одговорно и принципиелно. Тоа се вредностите што ние сакаме да ги споделиме.

Колку сака Заев нека глуми радост нека бакнува пенкала на еден непрописен и непристоен начин, колку сака нека се лажат и надлажуваат тој, Димитров и Шекеринска, но факт е дека пред да влеземе во НАТО и ЕУ прво треба да се промениме самите ние, да размислуваме и делуваме европски, а за тоа да почне треба да дојде една нова генерација на политичари односно, најпрвин треба да раскрстиме со остатоците на политичките транзиционери кои сеуште ги окупираат кабинетите во владата, во министерствата и во јавните претпријатија во оваа наша мила и напатена татковина Република Македонија. Треба да раскрстиме со тие политичари, нема друга алтернатива, а тоа го можете само вие народот на следните предвремени парламентарни избори да ги вратиме на буништето на срамната историја.

Горди сограѓани, соседи,

Она што се случува во дипломатијата е само финалето на тој тотален хаос кој се продуцира во секоја сфера од животот. Во економијата, во здравството, образованието, земјоделието, социјалата, буквално во секој еден ресор.

Имаме одземена држава. Дојдоа на власт со сурова злоупотреба на судбини. А денес нема недела да не ни се случи по некоја смрт на дете, некое претепано бебе, злоупотребен малолетник, прерано изгубен човечки живот.

Некоја мајка која се завива во црно и некој плач од кој се превртува душата пече и боли, но на нив тоа не им е гајле. Хелихоптерот е тука пали и вози на ручек и вечера, затоа дојдоа. Власта ја загуби совеста. Министерот за внатрешни работи ќе го видите во јавност како се приклучува на онаа партиски оркестрираната еуфорија, демек славел, ама нема да го видите на прес конференција на која ќе излезе и ќе ги објасни причините и мотивите за прераниот изгубен живот на Никола Саздовски, дека ги фатил злосторниците и дека истите се во занданите и ќе одговараат за злоделото кое што тоа го направија. Нема тоа да го слушнете. Но затоа пак ќе ги видите во скапите лимузини, ќе ги видите во ресторани и те како прославувале демек нешто.

Најмалку што треба да направи и ако има најмала совест во него е да излезе и да поднесе неотповиклива оставка веднаш. Сведоци сме на други немили настани во градот Скопје кои проаѓаат онака како ништо да не се случило, како статистичка грешка деца се прободени со ножеви, а истите оние сторители на тие злодела коишто се фатени добиваат казна, засилен надзор од социјален работник. Па тие луѓе ќе ги изгубат животите, што треба повише да се случи за да веруваме дека не ве бива. Дека не знаете што правите. Не можете тоа да го покриете со целокупната нарачана армадила на текстови и против мене и против ВМРО-ДПМНЕ. Не можете тоа да го направите, треба јасно и гласно да им порачаме од гордо Кавадарци ВМРО-ДПМНЕ е на сите вас.

Кога велиме амнестија за патриотите од 27-ми април, велиме доста беше уништување на македонското во Македонците. Ама тоа за нив не е доволно. Затоа што они ги пуштија и ослободија од затворите 800 криминалци, кои се вратија на улиците. Тие можат да ги амнестираат, а патриотите не може, е не може веќе така. Денес на слобода, горди Македонци и достоинствени патриоти ќе ги видите убијците на децата од Смилковско, и кога ќе ја запраша некој  Владата зошто е млака, зошто Заев така млако дејствува и не ги осудува остро ваквите случаи на насилство, зошто нема ревносна реакција на институциите на системот? Затоа што мораме да бидеме искрени и да кажеме дека тој на овој начин тргува со гласови, она што за обичниот човек значи страв и несигурност, за него значи простор за договори и политички поени токму со оние криминални структури од населението со кои оваа власт е во тесна и нераскинлива врска, и папочно се поврзани. Владата на СДСМ и криминалците ослободени од затворите, ете затоа е потребна амнестија за нашите патриоти од 27-ми април.

Секогаш кога ќе ви кажат, ќе ве убедуваат дека на крајот од тунелот има светлина, бидете сигурни дека тоа се фаровите на џиповите преку кои во раните утрински часови и во доцната ноќ шверцуваат цигари преку граничните премини низ Македонија. Тоа е тоа, не е светлината на надежта, светлината на надежта е Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, која што гордо стои исправено и вели ДОАЃАМЕ, и никој не може да не сопре. Цела армадила на полицајци нема да не сопре.

Секогаш ја користам оваа прилика да ги поздравам и припадниците на министерството за внатрешни работи, на полицијата, од овој горд и насобран народ, вие сте тука, народот е позади вас. Оставете не ги штитите злосторниците, не се тие луѓе што треба да ги штитите. Ова е народот кој е зад вас, бидете храбри и достоинствени, бидете горди на професијата, бидете горди затоа што сте дел, и не заборавајте од македонската полиција.

Сакам малку да зборувам и за останатите професии. Земјоделието е на најниско ниво. Уште се чекаат оштетите од невремињата, а од тогаш помина уште едно ново лето. Во исто време кога велат откупот на бостанот одел како што треба, демантот веднаш стига, гледаме како земјоделците наместо да го фрлаат по реките, стојат пред бензинските пумпи и го делат на нивните сограѓани во нивната татковина затоа што знаат барем маката да ја споделат да има кој да ужива во нејзе, за да не завршат во реките како скапуваат. Од министерството пак не убедуваат дека тоа било фатаморгана на ВМРО-ДПМНЕ. Не е фатаморгана, а тоа е реалноста бидете сигурни тоа е реалноста. Арно, арно не се сторило одамна во земјоделието, лани беше исто со праските овде во Кавадарци и во Росоман, а како тргнала годинава којзнае како ќе биде и со пченицата, оризот, или грозјето, иако сеуште паметат, ги паметат граѓаните  зборовите на премиерот дека нема да дозволел никаков проблем со откупот, но гледаме сега велат: Што да правам, не можам да го решам, не знам како. Треба да знаеш како да го решиш проблемот со откупот. Лесно е да ветуваш кога ќе дојде денот да се справиш со проблемите тебе те нема, ќе завршиш на некој викенд на Халкидики, и од таму се розово делува, точно е. Прашај ги овие луѓе како се печат по жешкото македонско сонце.

Се сеќавате на двете фирми „Еурокомпозит“ и „Колска“ ете овие две компании беа меѓу првите ветувања на власта дека ќе се донеле трајни решенија и ќе проработеле. Поминаа 14 месеци, ниту решение има, а плати ако добијат по некоја милостина од неколку стотици денари еднаш или два пати годишно.

Здравството стана министерство за смрт. Нема една реформа која ја направија, нема ниту еден проект кој го спроведоа. А се сеќавате колку само гласни беа и низ какви се човечки болни судбини беа подготвени да газат. А сега кога умираат бебиња во ГАК поради недостиг на инкубатори, а пациентите крварат по ходниците, а докторите немаат ниту завој да ги преврзат, зошто тој мора нели приватно да се купи, никаде ги нема, затворени се во нивните кабинети под клима, увалени комфорно во нивните фотелји и ги нема да ја видат реалноста по која така жестоко плукаа така горди опозиционери. Ги нема да ги решаваат реалните проблеми. Ги нема затоа што нивниот приоритет беше како да се укине Советот за јавни набавки и да можат на полесен начин да ги договараат тендерите во 4 очи, тоа беше нивната приоритетна цел кога ја формираа владата пред 14 месеци.

Горди Македонци, достоинствени патриоти,

Може слободно да кажеме дека за една година и два месеци колку што се на власт, бележат само порази и тие стануваат наше болно секојдневие, но она каде што навистина се трудат е овие порази преку забревтаната и скапо платена пропагандна машинерија да ги претстават како наводни победи. По принципот на онаа случка од комунизмот од соседна Бугарија „тази дупка не е дупка“, тоа е единственото нешто кое што им е преостанато.

Не е за чудо и чочек да изиграат како оној пред тунелот на автопатот Демир Капија – Смоквица кој тие ниту го изпроектираа ниту го изградија. Тоа е дело на ВМРО-ДПМНЕ и уште такви стотици дела ќе останат позади нас.

Браќа и сестри,

Во моментов се случува една комплетна демонтажа на еден систем на вредности, кој е вкоренет со децении, кој е граден со години и генерации наназад. И овој систем сакаат да го заменат со безпринципиелност, поделба и омраза. Луѓето да си станат непријатели едни со други, да се делат во политиката на десни и леви, во бизнисот, да се поларизираат мислењата во културата, во образованието, да се ловат виновници и предавници. На оние кои ја сакале Европската Унија и НАТО и оние кои биле против…. Токму оваа инструирана кампања на владата сака да постигне една рамнодушност која е резултат на чувството на одлепеност од народот, и опиеност од власта. И така помеѓу две до три потапшувања и неколку пенкала после успешното бакнување ќе завршат во џебот на Заев, та нели човек карактерот не може да си го смени, мора се во неговиот џеб да заврши. И некој скапо платен  викенд на Халкидики ќе им текне идеја дека треба да срушат се што е претходно изградено, наместо да продолжат онаму каде е што некој пред нив застанал и макотрпно работел да тоа го реализира.

Ја користам оваа прилика да им порачам нешто. ВМРО не можете да го уништите на овој начин, бидејќи тоа е секој еден Македонец, и пред да почнете нешто да преименувате или рушите обидете се нешто да изградите, затоа што камен на камен немате ставено. Нас не води идејата на тие дејци, на тие јунаци, а нивната идеја повторно за брзо време ќе биде славена после вашиот дебакл на следните предвремени парламентарни избори, сличен на оној дебакл кој што ви се случи вчера.

Почитувани пријатели,

Македонија се сака со дела, и ајде да се мериме по работа, а не по омразата продуцирана од власта. Нашата визија за Македонија е земја на интегрирано општество, со силна пазарна економија. Потребен е рапиден развој сега и веднаш, не утре, не задутре, не изговори, не по некоја година, сега и веднаш. Македонија нема време за чекање. Ни треба економија која ќе создава додадени вредности и која ќе вработува и ќе обезбедува достојна иднина за нашите сограѓани. Да направиме услови да сите оние наши роднини, соседи, пријатели и другари коишто ги напуштија нивните домови во нашата татковина, да се вратат веднаш и да бидат свои на своето бидејќи каменот тежи само дома. Тоа е нашата визија. Тие луѓе да си ги донесеме дома, да ги направиме горди Македонци, а не да се срамат кога го гледаат како премиерот го бакнува понизно пенкалото и веднаш го става во џеб.

Кога од власта ќе речат се договарате за ДИК за да сме осигурале амнестија, треба да знаат дека на таквите лаги им нема крај. Не бе луѓе, не бараме ништо, бараме само фер услови да можеме да ве декласираме на следните предвремени парламентарни избори. Тоа бараме и тоа ли е толку многу страшно, толку ли е потребна власта, толку ли не сакате да се пуштите од власта? Јас ве разбирам, таа власт ви неопходна да ги обелите вашите криминални досиеја, да можете да заработите уште неколку десетици милиони евра. Но на тоа ќе му дојде крајот и за тоа ќе одговарате. И кога ме повикувате, ајде да ја славиме иднината европска на Македонија, ќе ви одговорам ќе ја славиме таа иднина, но најпрвин ќе завршиме со криминалот и ревизија на аболицијата за Глобал. Ќе завршиме со ревизија на ослободителната пресуда за „Поткуп“ и нема да биде Кацарска, ќе биде независен судија и обвинител, кој што ќе досуди казна која што ја заслужуваш. Ќе завршиме со минатото, па потоа ќе градиме европска иднина. Тоа е иднината која што му е потребна на овој народ.

Следува тежок период. Следува период во кој како што слушате премиерот не му е важно дали била Северна, Горна, Долна, дали ќе сме биле Македонци или нешто друго, битно било само да се увалиме во фотелјите и да чекаме нешто да ни дојде онака затоа што ние ќе сме оделе те ваму, те таму. Тоа е како докажете денот е ноќ, а црното бело, како да кажете крвописот во Ваташа не постоел, а таму токму за тоа име згаснале 12 млади животи, слава нека им е тие згаснале за ова име. Како да ги помножите со нула што за оваа земја се бореле и кавадарчаните  Велков, Минчев, Ќурчиев и Пане Иванов кои и го формирале округот на  ВМРО веднаш после солунскиот, и пред чија спомен плоча го држиме и денешниот митинг.

Затоа браќа и сестри, стојам овде гордо пред Вас. Стојам гордо пред вас и ви велам оваа битка нема да биде лесна. За оваа битка мора да сме подготвени, мора да сме мудри и трпеливи. Паралелно додека ја водиме битката, потребно е да ја креираме програмата која што ќе значи одговор на проблемите на нашите сограѓани. Но оваа битка значи битка помеѓу две опции. Едната е спас на кариерата на Зоран Заев и втората е битката за Македонија. јас ја избрав втората, а гледам и вие сте ја избрале.

Дури и ВМРО ДПМНЕ кога е во опозиција повеќе работи од овие кои се власт со сите свои министерства. Доказ за тоа е Митко Јанчев, кој покрај сите препреки, опструкции, гради создава овде во Кавадарци. Со скромни средства се бори против цела една армадила на власт која гледа на секој начин да одмогне. Па дури и во вакви услови се спроведе отворање на нова концертна сала, се направи нов кружен тек, нова опрема за комуналното претпријатие, пожарникарската служба, асфалтирани се над 15 000 метри квадратни улици и поплочени се нови над 20 000 метри квадратни локални улици. И многу други работи за подобро Кавадарци.

 Горди Македонци,

  Нашите великани во минатото пишуваа:

          Да се биде Македонец –
најпрво е света работа,
а дури потоа проклетство и немир.
И не сме Македонци
само затоа што зборуваме на македонски,
и не сме Македонци
само затоа што пееме на македонски –
Македонци сме затоа
што тагуваме на македонски!

          Но, прекрасно ми е што сум Македонец
Оти само еднаш
татковината се освојува однадвор,
а потоа секогаш се освојува само одвнатре!

          Неплодна земја не раѓа,
а Македонија раѓаше: и бунџии, и ајдуци,
и комити, и партизани!
Од гнездо на црно пиле бело не се извело:
ни во сон не помислувајте дека Македонија
не е татковина на Слободата,
дека не е нива на љубовта,
дека не е поле на верата!

Ќе додадам, Македонија од ден на ден се буди и е горда на синовите и ќерките кои што стануваат за нејзе кога на нејзе и е најпотребно.

Драги пријатели,

Овој пат ќе го чекориме заедно. Рамо до рамо, срце до срце ќе чука во периодот кој доаѓа. Нема можеби да имаме втора шанса верувајте. По цена на се треба да сме подготвени, колку сме, толку сме, токму сме и горди сме.

За крај ќе ми дозволите од дното на душата со полно срце да ви порачам Македонија ќе победи!

Да ни е жива и здрава мајка Македонија

Да сте живи и здрави сите вие!

Да ни е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ!

15 јули, 2018 – 16:09

Поврзани вести

Најгоре