Наместо живот дојде пекол за граѓаните во Република Македонија, затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди програма која што ќе даде одговори на реалните проблеми на граѓаните

Интегрален текст од изјава и одговори на новинарски прашања на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Денеска заедно со Генералниот секретар, Потпретседателот,  членовите на ИК и локалното раководство на ОК на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаме во Прилеп, градот на хероите,  каде што заедно со граѓаните дискутираме за актуелните политички теми и за актуелната економска ситуација во државата.

Го поминавме пазарот, се поздравивме со голем број на граѓани, остваривме контакти, разговаравме за актуелностите. За жал секаде можам да констатирам еден заеднички заклучок од овие средби, а тоа е дека наместо живот дојде пекол за граѓаните во Република Македонија.

Од оние метафори и ветувања коишто се случуваа за време на предизборните кампањи и во локалните и во предвремените парламентарни избори за жал се случува едно големо нула, дури и уназадување на голем број процеси.  Разочараноста кај граѓаните е очигледна,  тоа е реалноста во Република Македонија,  наспроти оние скапо платени кампањи пропаганди кои што деновиве ги гледаме на телевизиите и порталите во Република Македонија.

За жал сочувствувам со сето она кое што го чувствуваат нашите граѓани бидејќи јас сум дел од нив и сите ние како ВМРО-ДПМНЕ, како народна партија сме дел од граѓаните и помеѓу граѓаните. Сочувствуваме со болката и разочараноста која што ја чувствуваат и во име на тоа ќе ја  изготвиме програмата која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира пред македонската јавност.

Програма која што ќе даде голем број одговори на сите оние реални проблеми кои што ги чувствуваат граѓаните, да даде одговори како да се постигне поквалитетен живот, како да напредува македонската економија и да се обезбедат поголем број квалитетни работни места, силно платени места. Да се донесат поголем број странски инвестиции, истовремено да се обезбеди и позитивна клима за домашните инвеститори. Како да направиме повеќе реформи во образованието, да ги направиме социјалата и здравството конкурентни. Тоа се оние предизвици кои што за нас живот значат, кои се главен мотив затоа што се занимаваме со оваа професија, а тоа е политиката.

Ја користам оваа прилика да кажам дека политиката и политичарите не треба да се професија. Во политиката треба да дојдат нови луѓе, коишто кога ќе дојдат, да си стојат на зборот и она што ќе го кажат ќе го исполнат.

На политичарите кои што лажат, политичарите кои што не може да им се верува, многу скоро ќе станат минато на политичката сцена. Ја користам и оваа прилика овде во градот Прилеп да ја искоментирам изјавата на претседателот на  Владата на Република Македонија, Зоран Заев кој се обиде на сопствен начин да употреби хумор за начинот на однесување на опозицијата.

Не знам дали господинот премиер ја знае вистинската смисла на зборот адолесцентно, но доколку опозицијата не се чувствува комотно и не чувствува доверба од страна на Владата и дека Владата има капацитет да стори се и демократски избори, тогаш не знам како може да биде толку убеден дека она што опозицијата како политика го има и она што Владата го нуди како проблематика ќе гарантира еден ако им се случи успешен референдум, каде што граѓаните ќе треба да го дадат своето мислење за некое прашање кое се уште не е дефинирано.

Опозицијата е принципиелна на она кое што веќе го има договорено. Ние како политичка партија водиме принципиелна, чесна и искрена политика. Таа се темели како што реков на принципи. Не смееме да го гледаме прашањето на ДИК како издвоено прашање, напротив прашањето на избор на ДИК мора да се гледа како целина со претходните закони кои што опозицијата заедно со Владата ги донесоа, а тоа се оние реформски закони кои што значеа позитивна препорака за отпочнување на преговори со Европската Унија.

Во тој синџир кој што тогаш го договоривме беше носење на закон за финансирање на политичките партии, но исто така и формирање на техничка Влада 100 дена пред изборите, дури потоа доаѓа до комплетирање на ДИК. Така што нашата реакција на нивниот обид на хумористичен начин се прикаже однесувањето на опозицијата не би ја коментирал освен да кажам дека навистина сме разочарани од однесувањето на претседателот на Владата, господинот Зоран Заев.

Прашање: Рековте референдум ако се случи. Што значи тоа и дали постои веројатност дека нема да се случи?

Одговор: Се додека не се распише, постојат многу веројатности, сите опции се отворени и да се случи и да не се случи.  Се до оној момент додека референдумот не биде распишан, додека не биде дефинирано референдумското прашање сите опции се отворени. Распишување на референдум го прави мнозинството во парламентот, тоа значи 61 пратеник. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“  во овој момент имаат 48 пратеника, тоа е помалку од преостанатите 72 пратеника.  Владата, односно парламентарното мнозинство е она кое што во овој момент може да распише референдум.

Реакцијата на опозицијата е само одговор на акцијата од страна на Владата. Тие се на потег, да видиме дали постои добра волја да се обезбедат фер и демократски услови за случување на еден референдум, а дури потоа кога ќе се случат предвремени или редовни парламентарни избори.

Прашање: Што е со формирањето на ДИК?

Одговор: Не смее ДИК да се гледа како издвоено прашање. Тоа беше дел од еден поголем пакет кој што започна со т.н. реформски закони кои што беа усвоени уште во март, април месец ова година. Каде што опозицијата учествуваше во нивното креирање, но и понатаму во нивното усвојување кога се врати после неколку месечното отсуство од парламентот. Втора итерација во целокупната таа процедура, а тогаш веќе прифатена и договорена од страна на владата беше носењето на законот за финансирање на политички партии, и измените во законот за влада каде што треба да се дефинираат истите оние услови кои што ги имаше опозицијата за време на предвремените парламентарни избори во 2016-тата година, па дури потоа на дневен ред доаѓаше формирањето на Државната изборна комисија.

Ќе ми дозволите уште еднаш да ги демантирам сите оние инсинуации и тенденциозни шпекулации кои што определени структури имаат за цел да ги нанесат на мене лично и на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно уценуваме со некаква амнестија. Не, амнестијата е издвоена од целокупниот овој процес, амнестијата е посебен процес во кој што ВМРО-ДПМНЕ во консултација со партиските структури ќе достави закон во рамките на собранието за понатамошно негово разгледување нормално и ќе инсистираме на негово усвојување. Но тоа не е дел од овој пакет.

Овој пакет започна со реформските закони. Потоа на дневен ред требаше да биде законот за финансирање на политички партии, измените во законот за Влада, што ќе гарантира фер и демократски услови, бидејќи видовме за време на локалните избори дека оваа Влада нема капацитет да спроведе фер и демократски избори. Понатаму дури на дневен ред ќе дојде точката за формирање на Државната изборна комисија.

Прашање: Господине Мицкоски има многу поделеност меѓу народот за тоа за што и како барате амнестија? Што всушност да им се објасни на граѓаните на Република Македонија е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за законот за амнестија?

Одговор: Законот за амнестија е за сите оние граѓани на Република Македонија кои што се опфатени со случувањата од 27 април, бидејќи очигледно дека станува збор за политички монтиран случај. Видовте дека таму луѓето кои што воопшто не учествувале, беа држени во притвор повеќе месеци, како што беше случајот со оние десетмина кои што беа обвинети за обидот за убиство на господинот Села.

Потоа видовме луѓе кои што се осудени минимум десет и пол години, а максимум тринаесет и пол години, а за истиот таков случај пресудите се движат помеѓу четири, пет, шест, седум и пол еве видовте се донесе пресуда за случајот за обид за убиство на еден поранешен министер и заменик министер на владата кога ВМРО-ДПМНЕ ја формираше Владата. Имаме пресуди во минатото каде што луѓе за жал ги загубија своите животи, како што беше случајот во Охрид, а тој кој што го сторил ова дело е осуден на шест години затвор.

Гледаме убиство во Скопје за жал се уште се трага по третиот осомничен за тој немил настан. Гледаме повторно исто така во Скопје обиди за убиство и физичко, а луѓето поминуваат со укори и засилен надзор и мониторинг на социјални работници. Гледаме луѓе кои што на очиглед на македонската јавност бараат мито за работа која што му е службена должност и треба да ја завршат, а се ослободени.

Очигледна е тенденцијата, а таа е силниот притисок кој што владејачкото мнозинство го врши врз судството да изрече вака драконски казни со што би се втерал страв кај граѓаните на Република Македонија,  кај сите оние неистомисленици на оваа власт, да не помислуваат да протестираат, да го изразуваат револтот на овие погрешни национални и државни политики кои што ги прави оваа Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев. Да станат пасивни, да се демотивираат и да може сето она кое што тие го замислиле да го протуркаат.

14 јули, 2018 – 14:00

Поврзани вести

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан

Соопштение до јавноста Почитувани, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски денес оствари средба со...